Балетот се врати - дистанцирано и маскирано „Болеро“ на „Охридско лето“
Откако на 28 февруари ја одигра последната
предпандемиска претстава „Лебедово езеро“, ансамблот на Националниот балет
направи долга принудна пауза, која вечерва се прекинува со премеирната изведба
на „Болеро“ на фестивалот „Охридско лето“.
Во кореографија на Саша Ефтимова, ова е првата балетска претстава, направена според сите вирус-фри методи: бесконтактна, со максимум 12 танчери на сцена, под заштитни маски и со специјално приготвена, неризична кореографија.
-Од 20 јули започнавме со проби, кои исто така се одвиваа согласно со сите протоколи за заштита. Работевме во две групи, не повеќе од 12-мина во салата, на оддалеченост од два метра, без меѓусебни контакти и со заштитни маски на лицето. Тоа беше навистина ново и различно искуство, каква што е и самата претстава, во која мерките за заштита се почитуваат и во кореографијата, специјално направена со таква цел – вели Олга Панго, уметнички директор на Националниот балет.
Дали искуствата од работата на пандемиското „Болеро“ даваат некакви насоки за можни идни балетски претстави?
-Би морало да се прават специјални претстави, зашто класичните балетски кореографии сега не можат да се играат. И би можело да се подготвуваат балетски концерти, со специјално селектирани сегменти, каде што е можно танцување без контакти и без ризик. Практично, досегашната практика треба да се реизмисли – вели Панго.
Пандемиската претстава „Болеро“, ансамблот на Националниот балет, по вечерашната премеира на „Охридско лето“, во септември ќе ја одигра и на „Танц-фест“ во Скопје, уште еден фестивал, кој го промени принудно терминот на своето одржување – од април во септември.
Фото: Александар Томовски
Ј.Ф.