БАНКАРИТЕ СЕ ЈАВИЈА - ќе ги одложиме ратите шест месеци

Како што и се очекуваше, така и направија. 

Банките ќе го одложат исплаќањето на ратите од кредитите до шест месеци, соопшти денеска Македонската банкарска асоцијација.

Односно, тоа одложување ќе трае најдоцна до крајот на септември оваа година.

„Ве информираме дека во меѓусебна координација, големото мнозинство на банки,  вклучително сите големи банки, постигнаа усогласеност, преку своите понуди да овозможат одлагање на отплатата на кредитните обврски до шест месеци за кредитокорисниците – физички лица, најдоцна до 30.09.2020 година“, се вели во соопштението од Македонската банкарска асоцијација.

Оттаму информираат дека во согласност со измените и дополнувањата на Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик, што ги донесе Советот на Народната банка и со донесената Уредба со законска сила за начинот на промена на договорни услови на кредитни изложености кај банките и штедилниците, којашто влезе во сила на 27 март годинава, нејзините членки веќе почнале со јавни објави за промени на договорните услови кои ќе се понудат на корисниците на кредитни производи во новонастанатите околности предизвикани од ширењето на КОВИД 19 вирусот.

Пред неколку дена, на иницијатива на Народната банка била организирана и телеконференција со банките и штедилниците, во која учествувала и гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска. 

„На телеконференцијата се дискутираше за можностите и начините за најдобриот можен пристап на банките и штедилниците за да се излезе во пресрет на потребите на граѓаните и економијата во новосоздадените кризни околности и во рамки на донесената регулатива од страна на Владата и од страна на Народната банка. Притоа, секоја банка и штедилница ги презентираше своите првични видувања за соодветните пристапи со коишто може да се олесни финансискиот товар на засегнатите кредитокорисници“, велат од асоцијацијата.

Целиот текст за одложувањето на исплаќањето на ратите од кредитите прочитајте го на Фактор.мк