Бавно, тажно и болно: Како умираат пријателствата

Тоа почнува така.

Прво почнуваш да мериш кој повеќе се јавува.

Потоа одеднаш чувствуваш некој притисок, како да мораш нешто. Не си сигурна дали сакаш или не, само ете нешто те притиска таму некаде. А не чини која притиска.

После тоа следува фаза каде од тоа се што било тема на разговор, сега повеќе ништо не е. Од тоа дека се слушате постојано, до тоа дека не ни знаеш кога последно сте се слушнале.

А потоа постојат два начина.

Едниот, оној кој сигурно го применуваат зрелите луѓе( а ги има малку) е разговорот. Седнуваш со личноста од погоре споменатата приказна и велиш:

- Нешто не чини. Љубовта ни се олади. Ќе ја ставиме на терапија или ќе ѝ дозволиме да цркне на кучката?

Вториот е да молчиш и да почнеш да се чувствуваш ( неколку опции):

A) исклучено
B ) напуштено
C) разочарано
D) скратено

Тука почнуваш да размислуваш само за тоа што таа тебе НЕ НАПРАВИЛА. А ТИ мислиш дека требало. Не би ти паднало на памет да размислиш за околностите во кои се ташла таа некогаш твоја личност. Што ти е тебе гајле за тоа. Немаш ти толку мисли, па и за тоа да размислуваш.

И терминаланата фаза, онаа која наизглед не боли бидејќи никој никому не му се јавува, а всушност боли секоја пора од целиот свет кој сте го граделе заедно, бидејќи таа и таа молчите. Оставате тоа така да си замине.

Таа требаше да каже нешто.

Требаше заедно да остариме.

Требаше некој да каже- „Еј зезнав. Еј зезнавме“

Така умираат пријателствата. Бавно, тажно и болно.

За секое згаснато пријателство во тишината горе се гаснат неколку ѕвезди и барем пет орхидеи одлучуваат да не цветаат.

Сигурна сум.