Бендот на Браќа Нуне ќе донира инструменти на деца од ранливи категории и ќе ги поддржи во музичкото образование: Сакаме да им се оствари сонот, што и ние го сонувавме

Добивај вести на Viber

Хуман гест на Бендот на Браќа Нуне. По повод Божиќните празници ќе донираат инструменти на пет дечиња кои се талентирани , но нивните фамилии се во лоша социјална состојба. Во бендот членуваат Филип и Раде Нуне, Мими Јовановска, Давор Петковски, Драги Лазев и Роберт Јосимовски. 

-Ќе им помогнеме на пет деца сонот да им стане реалност. Исто така ќе ги поддржуваме и во нивното музичко образование во иднина. Пријавувањето е на нашата фб страна и трае до 17 декември. Мотивот за оваа хумана цел е заедничка. Да ги поттикнеме и поддржиме младите таленти, кои поради одредена материјална причина не можат да си го остварат својот сон и да запловат во светот на музиката. Ние како бенд ќе им дадеме мала помош, а со тоа се надеваме и уште поголема мотивација и желба за успех – вели Филип Нуне.

Бендот е формиран во 2015 година. Досега снимиле три цедиња, а на едно од нив се наоѓаат и последните две композиции од Есма, испеани непосредно пред нејзината смрт. Цедето е издадено со сорботка на музичка куќа од Англија. Како дел од Бендот на Есма имат настапено на многу реномирани фестивали во Европа и Америка.

-Заедничката соработка со Есма од секогаш и засекогаш ќе ни биде пример како треба да се почитуваме и помагаме ние Македонците. Зошто ние доколку имаме, да не му помогнеме на некој што нема навистина? Некогаш некои мали нешта, па и збор, можат да променат нечиј живот. Есма засекогаш ќе биде наша инспирација и му благодариме на Бог што бевме дел од таа екипа и учевме некои работи. Доаѓа време, па треба и да ги спроведеме во нашите животи – посочува тој.

Ова не е прв хуман гест на бендот. Кога го издадоа првото цеде со инструментална музика на нивната промоција поделија повеќе од 200 примероци, а паричните средства ги донираа во СОС Детското село.

-Мене и на брат ми детсвото ни помина во мечтаење за она што го живееме денес. Да научиме да свириме, да имаме работа и да имаме наша музика, наш бенд. Сето тоа го имаме денес. Имаме уште цели, кои се пред нас, но со Бога напред и труд ќе ги исполниме. Растевме во не така многу големи услови за школување. Нашите родители се трудеа колку што можеа, но околностите не беа баш секогаш идеални. Немавме простор каде да вежбаме, немавме добри инструменти, но имавме силна волја и бевме упорни.Нашата цел се уште не е постигната. Имавме многу желби што ни се исполнија, но имаме уште во поглед на музиката што сакаме и ќе се трудиме да ги исполниме. Оваа година ни беше најуспешна во досегашната музичка кариера. Имавме многу работа преку 150 настани, на кои работевме заедно со нашиот бенд – вели инструменталистот и открива дека. Нова година ќе им почне со турнеја во Австралија.

Соња Алексоска Неделковска