Бесплатни очни прегледи на деца и младинци со посебни потреби
Асоцијацијата за правата на деца и младинци со посебни потреби „Ластовица“, лајонс клуб „Вардар“ и Специјалната очна болница „Деница“, денеска, организираа бесплатни очни прегледи на дечиња со посебни потреби од школска возраст.
Оваа акција се организира по повод 2 години од постоењето на Специјалната очна болница „Деница“.
„Деница, по повод овој ден, спроведува ваков тип добротворни активности како дел од нашите принципиелни залагања за перманентно јакнење на општествената одговорност кон заедницата“, изјави д-р Виолета Бучковска, медицински директор на Болницата. Според неа, на овој начин, Деница ја реализира својата стратешка определба да даде свој придонес во насока на натамошно зголемување на здравствената нега на најголемиот дел од граѓаните на нашата држава.
Роберта Митревска, претседателка на Асоцијацијата Ластовица, вели дека долго време размислувале за ваква иницијатива, која е неопходна за оваа популација деца. „Од изјавите на дечињата на она што го гледаат, често пати, не знаеме дали е од тоа што не го разбираат или од она што не можат да го видат. Затоа оваа иницијатива е од големо значење за нив бидејќи можноста да се испита видот кај овие деца е многу тешка, но е важна и неопходна за целиот нивен развој. Се надеваме дека оваа соработка ќе продолжи и во иднина со што ќе опфатиме уште поголем број на деца“, објасни Митревска.
Во активностите на асоцијацијата Ластовица, во текот на една година со постојан или повремен престој учествуваат околу 100 дечиња со посебни потреби при што најмалата возраст е 18 месеци. Во оваа смисла, Асоцијацијата Ластовица се занимава и со индивидуален и групен третман и социјална грижа на дечиња кои престојуваат секојдневно од 8 до 16 часот.
Специјалната очна болница „Деница“ постои од мај 2017 година, успевајќи да изгради мрежа од 10.000 пациенти на кои успешно им реализира повеќе од 20.000 дијагностички или хируршки интервенции.