Од тешка повреда и депресија до капење на -34 °C: Ресенчанката Бетика за најболните, но и најубавите моменти од животот

Добивај вести на Viber

За нејзината пасија кон капењето во ладни води признание ѝ даде и светски познатиот Леден човек - Вим Хоф, споделувајќи нејзино видео на неговите социјални мрежи со илјадници следбеници

Ресенчанката Бети Котовчевска на македонската јавност ѝ е позната како ледена девојка Бетика која обожава да се капе во ладни води во било кој период од годината. За себе вели дека е „сѐ што можеш да замислиш, и никогаш не би ти дошло на крај памет“, а неостварена желба ѝ е да си купи камперско комби и да го пропатува светот.

Досега има посетено 33 држави во светот, а последното патување од кое носи само убави спомени ѝ е од пеколно жешката Африка.

Но да одиме со ред и да ја запознаеме Бетика од прва рака во вистинско светло.

Имено таа преживува тешка сообраќајна несреќа која после 10 години професионално занимавање со ракомет ја врзува за кревет, а докторите полагаат мали надежи за целосно опоравување на нејзината нога и се сомневаат на инвалидитет.

- Плачев со денови и ноќи, ништо повеќе ми немаше смисла во животот, 18 - годишното девојче се распарчи на милиони делови, сонот што го градев уште од дете повеќе го немаше. Ми забранија сѐ - се сеќава Бети.

Во кревет е цели две години, паѓа во депресија, па поради емоционалното растројство постојано јаде и добива плус 20 килограми тежина или како што и самата вели тогаш била најдебела во својот живот.


„Верувам во природата, и знаев дека само таа може да ме излечи!“

За среќа, нејзиното двојно лавовско срце никако не сака да се откаже и ја прифаќа таа ситуација со мантрата дека „За себе си, одговарам само јас и никој друг. Бети ти си здрава, ти ќе одиш и ќе трчаш како ништо да не било.“

Бидејќи е приврзаник на алтернативаната медицина ( вели  „28 години не знам што е  апче“) времето за закрепнување го посветува на едукација, па така го среќава методот на Вим Хоф, кој ѝ го менува животот од корен. Сега овој човек го нарекува свој втор татко, а тврди дека со ладна вода ја излекувала својата нога комплетно, ја победила мрачната депресија и како одново да се родила.

- После две години во кревет, правев бебешки чекори, плачев после секој тренинг, но не се откажував. Старата Бетика ја вратив за три години, а килограмите ги слабеев бавно и со многу љубов и посветеност, затоа што бев гојазна и не сакав да имам вишок кожа. Избалансирани редовни оброци и физичка активност ми беше спасот - потенцира Бетика.

Клучот е во дишењето

Сега Бети веќе осум години се занимава со капење во ладни води, но претходно вели дека обожавала капење со топла вода и „си ја горела кожата“.

- Решив дека секој ден ќе ставам ладна вода само на мојата повредена нога. Кога го усовршив дишењето се решив секој ден да намалувам по еден степен од мојата прежешка вода, за на крај да завршам со камен ладна, а сега и воопшто и да не користам топла вода.

Сѐ е возможно, кога сакаме да излезиме од комфортот. За жал мојот пат беше малку потежок затоа што го одев сама, а денес многу луѓенца ги учам за многу кратко време. Јас немав такви учители за жал, но и за среќа, бидејќи тоа ме изгради во најсилната верзија од себе си - раскажува оваа храбра девојка.


Рекорд ѝ е Лапонија на -34 целзиусови степени, а желба ѝ е да оди на Сибир. Но ги обожава и македонските убавини и има посетено скоро 80 % од водопадите во Македонија, а вели дека до крајот на нејзиниот живот би се навраќала на волшебните  Бабунски Водопади.

Овој ноември на нејзиниот профил на Инстаграм има предизвик за секојдневно капење во ладна вода посветено на машкото здравје и често знаеме да ја видиме како се капе во ладното Охридско Езеро, па неизбежно беше да ја прашаме дали минувачите знаат да ја погледнат попреку, да бидат зачудени, да ја осудуваат.

- На почетокот ме правеа луда, но како што поминува времето многу луѓе ме препознаваат, па сето тоа лудило премина во восхит, и многу ми е мило што баш во мојата држава на многу луѓе веќе им сум секојдневна мотивација.

„Ние сме родени голи, голотијата за мене претставува многу природно нешто што со тек на годините го изобличија.“

Бетика е сосема отворена за своето тело и голотијата и често објавува „полуголи“ фотографии и видеа, а храброста и ослободувањето од стегите кои ѝ ги наметнало општеството вели дека ги добила од Финска каде живеела буквално гола цели две години. На прашањето дали добива непримерни пораки и понуди од машкиот пол, поради тоа, Бети вели:

- Сексуализацијата во Македонија е на високо ниво, на почеток добивав повеќе непримерни пораки, но решив да ги објавувам јавно со име и презиме на мојот Инстаграм профил, кога тие имаат таква храброст да ми пишуваат, ќе имам и јас да ги споделувам. Па така пополека,пополека ја „истребив” таа публика од мојот профил. Ние сме родени голи, голотијата за мене претставува многу природно нешто што со тек на годините го изобличија.

„Тој што сака да прогледа, ќе прогледа, овој човек спаси милиони човечки животи од сите болести“ - вели Бети за Вим Хоф

Често на нашиве Балкански простори девојките/жените знаат да добијат коментари од постарите, цитирано „Немој да се капеш во ладно, ќе ти настинат јајниците, треба да раѓаш“ – каков е твојот коментар на ова, дали е мит или вистина, од твое знаење и искуство?

- За жал сѐ уште тие погрешни уверувања владеат во целиот Балкан, поради недоволна едукација. Ве замолувам сите што имате такво размислување прочитајте ја книгата „Методот на Вим Хоф“, ја имаме и на македонски јазик. Единствениот човек што направи 26 рекорди, научно истражени и докажани само за да ѝ докаже на целата медицина дека ние сме природата и дека таа може да нѝ излече буквално сѐ, но за жал ако тоа го прифатат, целата медицина пропаѓа во вода.


Токму нејзиниот идол, сподели видео на Бети на своите социјални мрежи, што за неа е остварување на најголемиот сон.

- Најголема желба ми беше да мотивирам повеќе луѓе, потсвесно од секогаш сакав и него да му ја раскажам мојата приказна и длабоко верував дека ќе дојде и тој ден. Вим Хоф е мојот најголем идол, мојата поддршка и во најмрачните и најтешките денови, а сега ме сподели на сите негови социјални медиуми. Всушност имав можност да си направам муабет со неговиот син што подоцна ме поврза со Вим.

Цели осум години објавувам фотографии и видеа од целото мое патешествие, и го тагирам, но профилите со милиони следбеници ретко можат сѐ да видат, ова беше една прекрасна случајност, и не очекував, апсолутно не.

Си стоев така дома и читам „Ice Man tagged you", бев во неверие, на мојата мајка ѝ викам „Чекај нешто ми „багува Инста“, буквално пискав, скокав, се смеев, плачев - сите постоечки емоции исполовија на површина.

Како ја доживеа Африка

Кој би рекол дека една ваква ледена девојка може да издржи на тропска клима и топла вода во Африка, но авантуристичкиот дух на Бетика не познава граници.

- Се наоѓав во Лапонија кога добив понуда за соработка во Африка, размислував длабоко и мојата мисла беше кога можеш на -34, можеш и на +34. 

Во Занзибар бев 3 месеци, потоа шетав во Танзанија, па се упатив накај Кенија.

Можам да кажам дека природата им дала сѐ, рајот на земјата- Индиски океан со прекрасна тиркизна боја, најубавото овошје што некогаш воопшто сум го јадела, прекрасни луѓе, прекрасна енергија таму, не можеш да бидеш тажен.

Најголемиот недостаток што го увидов беше тоа што немаат пивка вода, срцето ми се кинеше кога пиев мртва вода од пластични шишиња, а тие кутрите понекогаш немаат пари за таа вода, па пијат од загадената што може да ги доведе до смрт.

„Хакуна матата“- „живот без грижи“, и „Поле поле“ - „пополека, пополека“ - зборовите што засекогаш ќе останат врежани во нејзиното срце и душа

- Африка ме научи како да си го отворам срцето, да бидам благодарна на сѐ што имам и немам, да ги прифаќам сите работи во мојот живот со насмевка.

За крај

* Што е за тебе среќна и самоуверена жена, какви вредности треба да поседува? На која таква се огледуваш?

- Најважна работа во животот е СЕБЕ ЉУБОВ, кога се сакаш себе си, ти си и среќна и самоуверена и моќна, ти си сѐ, божица, кралица. Најчесто не се огледувам на никоја, ги поддржувам сите жени во овој свет и се гордеам со нивните приказни, но јас сум сама за себе уникатна и моето постоење е единствено, така што најголема поддршка  и мотивација си сум самата на себе.

* Мото кое те води низ животот?

- Биди благодарна на секој здив, а кога ќе се разбудиш живеј во сегашниот момент.

* Планови за иднина?

- Во овој ми прекрасен живот сакам да видам што е можно повеќе, се класифицирам како вечен патник и верувам дека имаме премногу универзум што треба да е виден и искусен, така да планот ми е, дур ме држат нозеве - јас ќе го истражувам овој прекрасен свет.

*Д.Караташова Илиоска