Бев осамена, повредена, тажна: Урсула фон дер Лајен си ја отвори душата по понижувањето од Ердоган
„Се чувствував тажно, повредено, осамено, како жена и како Европејка. Не станува збор за протоколен распоред за седење, туку за самата суштина на она што сме, за вредностите за кои се залага Унијата. Исто така, покажува колку сме далеку од тоа да бидеме жените третирани еднакво, секогаш и секаде“, рече фон дер Лајен, видно лута.
„Не наоѓам никакво оправдување за тоа како се однесуваа кон мене. Ова се случи затоа што јас сум жена“, истакнува претседателката на Европската комисија откако неодамна беше во посета на Анкара каде што се случи инцидент.
Урсула фон дер Лајен се огласи за темава во дебатата во Европскиот парламент во која, во врска со односите меѓу ЕУ и Турција, доминираше прашањето за таканаречениот „софагејт“.
Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел ја посетија Турција на 6 април. За време на состанокот со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Мишел седна на столот веднаш до Ердоган, додека Фон дер Лајан мораше да седи на блискиот кауч на страна, додека турскиот министер за надворешни работи беше на другиот кауч спроти неа.
Според тоа испадна дека Фон дер Лајен се третира како министерка на Мишел. „Хм“ на Урсула фон дер Лајен јасно се слуша на снимката кога сфаќа дека нема место за неа покрај Ердоган.
Претседателот на Европскиот совет, Мишел, воопшто не реагирал на тоа. Инцидентот беше прогласен за „софагејт“ во медиумите.