Бев со средство за чистење во рака кога ме побара за жена: Љубовната приказна на струмичанката Наташа и Давид од Италија

Добивај вести на Viber

Не постои граници за љубовта, не знаеме каде ќе нѐ најде, кој ќе ни го украде срцето и по кој ќе го изгубиме умот... Кој е нашата судбина! Така Наташа Гавровска, мастер маркетинг од Струмица љубовта на својот живот, Давид го сретнала во Пуља во Италија. Сосема случајно, каде била ангажирана од фирмата за која работела.

Од колеги многу бргу станале партнери, започнале и да живеат заедно, а од пред два месеци и официјално се верени.

Нејзините, како што ни откри Наташа, не биле многу изненадени дека нејзниото момче не е Македонец, бидејќи таа неколку години учела и работела надвор од границите на нашата земја и ретко се враќала дома. Но веднаш го прифатиле и најчесто сега веќе официјалниот зет го пречекувале со неговото омилено македонско јадење, сарма од блитва.

Овој млад пар сега живее во Бергамо, Италија каде и работи, а за време на бербата на маслинките оделе во Пуља каде имале насадено околу 200 дрвја маслинки. Како луѓе кои внимаваат на исхраната и здравиот живот, маслинките им се страст, а особено производството на маслиново масло. 

Што ја воодушевило најмногу во Италија, за нивниот интимен момент - запросувањето, за првиот бакнеж и многу други интересни детали од нивната интересна и несекојдневна љубовна и животна приказна прочитајте во редовите подолу.

* Каде се запознавте со Давид? 

- Се запознавме на аеродромот во Бари, Пуља, покрај работата, јас работев во Италијанска компанија во Софија,Бугарија каде што соработувавме со фирми од Италија. Како магистер маркетинг, бев ангажирана и во одделот на маркетингот на фирмата, каде што работно бев испратена да ја претставувам фирмата на саемот во Бари, Пуља. На аеродромот ме пречека Давид, мојот колега со кој соработувавме заедно, а сега мој иден сопруг.  

* Кој прв пристапи за разговор и кој прв покани на состанок?

-  Прв пристапи Давид, на почетокот околностите беа сосем различни бидејќи имавме колегијален однос, сѐ започна покрај работата.Јас бев испратена и воглавно како негов ментор во Бари, кој требаше да одлучи дали ќе биде дел од компанијата. Тој и прв ме покани на состанок, веднаш после пристигнувањето во Бари, ме испрати до хотелот каде што требаше да престојувам и ме праша, сакаш да одиме на ручек!? Искрено јас немав трпение да ме праша да одиме да ручаме, бидејќи бев прегладнета од патувањето.(се смее)

* Се сеќавате ли на првиот бакнеж?

- Да, се случи после саемот во Бари. Кога се вративме во Софија. Давид си се самопокани кај мене на вечера и тогаш се случи и првиот бакнеж. 

На третиот ден од нашето враќање во Софија, тој се пресели кај мене. 

Требаше исто да соопштиме и да разговараме со нашиот директор, бидејќи во компанијата беа забранети врски помеѓу колеги. Но, наидовме на разбирање и поддршка. Исто и нашиот однос за време на работата беше строго професионален.

Често работно патувавме заедно, одевме на состаноци во Србија, Црна Гора, Косово. Така да бевме 24 часа заедно.  

* Вистина ли е дека Италијанците се големи романтичари, а пред сѐ џенталмени?

-Од Италијанец до Италијанец има разлика, како и кај нас од Македонец до Македонец. За Давид можам да кажам дека е романтичар, а пред сѐ голем џентлмен. Кој секогаш мисли прво на мене, а потоа за него. 

* Како се однесуваа вашите блиски кога им соопштивте дека имате дечко Италијанец?

- Искрено не беа многу изненадени, од тоа што имам момче Италијанец, со оглед на тоа што постојано патував покрај работата, многу малку време поминував во Македонија, така да очекуваа да биде некој од странство. Но, сепак уште на прво запознавање го прифатија и го засакаа како свој син. 

* Како се гледавте на почетокот, или живеевте на исто место?

- На почетокот живеевме во Софија, Бугарија и ја криевме нашата врска, се додека не отидовме да разговараме со нашиот директор и му соопштивме за нашиот однос. 

* На кој јазик зборувавте? И дали тој научи по некој збор македонски? 

- Нашата комуникација се одвива на италијански. Зборува по малку македонски и се снаоѓа супер, научи и да пишува кирилица. 

* Веќе неколку години сте заедно,  а неодамна и ве побара за жена. Како се случи тоа, ќе сакате ли да ни откриете повеќе детали за тој ваш момент и дали очекувавте? 

- Четири години откако сме заедно и четири години живееме заедно. А на 25-ти февруари оваа година, ме побара и за жена. Сето тоа се случи многу спонтано во станот во Бергамо каде што живееме. Беше сабота и само што се бевме вратиле дома од прошетка. Јас започнав да го средувам станот да чистам и бришам прашина (се смее), тој ме викна во спалната за да одмараме и тогаш забележив дека на мојата натказна има кутија со прстен. Беше неочекувано и спонтано, бидејќи не очекував во тој момент со средството за чистење во рака да ме побара. 

Потоа беше организирана вечера и интимна прослава во еден ресторант во Бергамо. 

* Кои наши македонски традиции му се интересни, и кои македонски традиционални јадења му се омилени? 

- Пред сѐ морам да кажам дека ги почитува нашите македонски традиции, најинтересни му се Божиќ кога месиме божиќно лебче со паричка ( секоја година го подготвуваме заедно) и го каниме Господ на вечера, и Велигден кога палиме свеќи, вапцаме јајца, се кршиме. А од македонските традиционални јадења сите му се омилени. Нема нешто што не му се допаѓа, понекогаш вели дека е поголем Македонец од сите нас. Но, сарма со листови од блитва е неговиот фаворит. Мајка ми секогаш и со овој ручек нѐ пречекува. 

* Каде живеете сега? Каде ќе живеете во иднина?

- Веќе променивме три држави на живеење и четири градови. Од Софија, Скопје, Бари сега моментално сме во Бергамо каде што и работиме и мислам дека и во иднина ќе останеме таму. За нас преселбата и местењето не е проблем, лесно се навикнуваме на промена, а и сакаме да истражуваме нови места и култури. 

* Што најмногу ве воодушеви од Италија кога ја посетивте прв пат, а што кога ги запознавте најблиските на Давид? 

- Прв пат Италија ја посетив кога имав 18 години, бидејќи моите студии ги започнав во Бергамо. Бев запознаена со Италија уште пред да го сретнам Давид. Најмногу ме воодушевуваат тесните улички, прекрасните цркви, скриените локали, барови којшто можеш да ги сретнеш и на најнеочекуваните места. Кога ги запознав неговите, ме воодушеви нивната сплотеност, блискост и многубројното семејство.

На пример: На првата вечера кога бев кај нив за Божиќ, масата само се продолжуваше. Додека вечеравме, освен што беше неговото десетчлено семејство, влегуваа и пријатели, роднини, соседи сите седнуваа и вечераа, а масата само се продолжуваше, само се додаваа столови и најубавото беше што сите се чувствуваа како да се дома. А јас цела вечер само набљудував до колку метри ќе достигне масата. (се смее) 

* Која италијанска храна ви е вам омилена, а која им ја подготвувате на вашите блиски?

- Омилена храна ми е паста со морски плодови, школки. Исто и тоа им го приготвувам на нашите блиски, односно им го приготвува Давид бидејќи тој е главен во кујната. Јас многу ретко готвам, скоро воопшто. Главен приоритет ни е здравата и свежа храна.

* Кој ви недостасува најмногу од Македонија?

- Најмногу ми недостигаат моите родители и моите пријатели. 

* Кој е ваша најголема поддршка?

- Најголема поддршка ни се нашите родители, сестра ми и зетот.

* За сите оние наши дами кои имаат симпатии или некого кој не е од Македонија, што би им препорачале, како би ги охрабриле? 

- Јас секогаш се водам од мојата интуиција и моето доживотно мото „Слушај го твоето срце“. Така да го слушаат своето срце и далечината да не ги плаши, бидејќи ако е вистинско ќе се случи, ако не, не е ниту вредно. 


Наталија Миланова

ГАЛЕРИЈА: