Бев во прединфарктна состојба: Игор Џамбазов по изненадувањето кое му го подготви Илина во Утринската на „Телма“

Илина Арсова го изненади Игор Џамбазов со видео повик од Еквадор, во Утринската програма на „Телма“.

Додека уредникот Горан Петрески разговараше со Џамбазов во студиото на Телма, на екранот зад нив директно се вклучи Илина Арсова. 

На Игор не му се веруваше што ја гледа својата сакана и извика браво за екипата која се сетила да го изненади на овој начин. „Добро утро, моја мала утехо. Срце мое“, ѝ рече Игор на Илина кога ја виде на екранот.

По гостувањето во утринската програма, Игор за Женски магазин рече дека кога ја видел Илина, бил во прединфарктна состојба.


- Скоро еден месец не сме се виделе... далеку е точно 10.851 километри... изненадувањето беше... прединфарктна состојба... ќе ме земеше на душа Горан Петрески, ни изјави Џамбазов. Илина во емисијата детално објасни за нејзината авантура во Еквадор. 

- Се наоѓам во Еквадор во Кито, на 3.300 метри надморска висина, во Јужна Америка, каде што дојдов за алпинистички тренинг и малку за таа моја висинска адреналиснска терапија што ми фалеше последниве година ипол, рече Илина која се искачи на Ариста Санта Барбара на 5.790 метри, еден од најтешките врвови за освојување во светот. По гостувањето, ја контактиравме и Илина која од Еквадор ни изјави: 

- Ми се јави новинарот Горан Петрески и за среќа тие денови бев послободна па веднаш се организиравме за изненадувањето. Инаку со Игор не сме се виделе околу 20 и нешто дена, иако се чини многу подолго. Се радувам што се обидува да ги разбере моите номадски и планинарски потреби бидејќи без нив, јас не сум јас. И веројатно нема да сум таа Илина што тој ја запозна во полн зен и свежина, веднаш по враќањето од Антарктикот, ни рече аплинистката.

Илина во Утринската рече дека таа во Еквадор се наоѓа во рај, или според неа, мека на аплипизмот. 

- Интересно е тоа што се наоѓам на 3.000 метри, а врвовите се искачуваат до 6.000 метри, што значи дека ни овозможува пократок пристап до планините, додаде Илина и раскажа дека поради самата висина имала отежнато дишење и сува кашлица, а Џамбазов со уживање и со насмевка ја следеше.

- Постојано сме изложени на опасни ситуации, затоа што има камења што се ронат, раскажа Арсова . Илина ѝ се заблагодари на екипата на „Телма“ која го овозможи изненадувањето, зашто како што рече со Игор се нема видено 3-4 недели, а во Македонија, таа ќе се врати во ноември. „Секој пат има нешто ново што не сум слушнала “, рече Илина, мислејќи на приказните на Џамбазов, а тој ѝ испрати бакнеж и ѝ одговори: „Срце мое“.

При крајот на разговорот, одеше новата песна на Џамбазов, „Love is so Good“ како честитка за новиот успех на Илина, која Џамбазов ѝ ја посвети токму на неа.

- Ова е светска премиера на било која телевизија. Никој го нема досега пуштено овој спот, рече Игор и раскажа дека и тој веќе почнал да планинари.

- Јас веќе планинарам. Се имам качено на Марково крувче. Знаеш ли ти каде е Марково крувче? На 614 метри надморска висина. Кога првпат ја слушнав Илина да запее нешто, се правев дека не сум го слушнал тоа, се договоривме дека тие фамилијарно имаат проблем со слухот, но како што времето поминува, сè повеќе и повеќе почнува да пее, сè помалку се срами, но не би можел да ја видам како пејачка, побрзо јас ќе станам планинар отколку таа пејачка“, кажа Џамбазов. 

„Утринска на Телма“, по две години пауза, повторно почна да се емитува од денес. Како водители остануваат Цеце Тодосовска и Марко Марк од старата екипа, а новата водителска двојка се Ивана Илиевска и Ненад Ѓоргиевски.


М.Џаровска

Фото: Принтскрин/Утринска на Телма