БЕЗ РОДИТЕЛИ СЕ БОРЕВМЕ ВО СУРОВИОТ СВЕТ: ЖИВОТНА ПРИКАЗНА НА ОХРИДСКИОТ МУЗИЧАР МАРТИН МИЛЕСКИ
Приказната за упорноста и истрајноста на гитаристот и композитор Мартин Милески е добро позната меѓу неговите охриѓани. Во својот град, тој е еден од најангажираните млади музичари, познат по многуте преработки на хитови од светските ѕвезди, но и на хитот „Кој да ми запее“ од Каролина Гочева. Мартин и неговата сестра Маја рано останаа без своите родители, а грижата за нив ја преземаа нивните баба и дедо. Во приказната за Женски магазин, Мартин открива како тој и сестра му продожиле сами, без подршката на родителите, за својата музика, и за новиот, авторски албум “Colosseum full of emotions” кој им е посветен токму на нив.
Женски магазин- Од кога се занимаваш со музика и свириш гитара?
Мартин- Со музика се занимавам веќе 7 години попрофесионално, а свирам гитара од мојата 9та година.Речиси 11 години.
Женски магазин- Познат си по иснтрументалните кавери на познати хитови. Од кои се музичари имаш направено преработки и како ги бираш песните?
Мартин- Обично правам кавери на песни кои ги сакам и на оние кои се попознати. Не мора да значи дека треба да се комерцијални, но секако да се претпознатливи и добри за секое уво. Во нив влегуваат хитови од секаков вид на стил на музика. Почнувајќи од рок, блуз, поп, метал и се натаму па се дури и до електронска музика. Најмногу кавери снимано од Гери Мур, гитарска легенда која ја обожавам, а најдрага преработка ми е дефинитвно преработката на песната “Кој да ми запее” од нашата дива Каролина Гочева, па се до каверите од Џеси Џеј, Адел, Принс ,Мајкл Џексон...
Женски магазин- Од кои големи музичари учеше, кои ти се идоли меѓу нив?
Мартин- Најмногу можам да речам учев од Гери Мур и од Џои Бонамаса, но секако се трудев да украдам и по некоја финта и од Џон Петруци, Ингви Малмстин, и од нашиот Влатко Стефановски. Но можам да речам дека најмногу ми одговара за учење и за свирење Гери Мур.
Женски магазин- Што е најново кај тебе на музички план, работиш ли на авторска музика?
Мартин- Најново, можам да кажам дека снимам видео записи за мој авторски песни, кои ќе се дел од мојот прв соло албум кој ќе биде насловен “Colosseum full of emotions”, кој ќе содржи 8 песни, сите во рок стил следени од голем оркестар и оркестрација. Албумот го работи Александар Јосифовски, а на мојте видео записи работи Кристијан Љушев. И верувајте ми, ние тројца правиме соработка како од соништата. Исто можам да кажам дека се спремаат и многу нови кавери, и во меѓувреме и работам исто така на голем саунтрак од компјутерска игра што исто така ми претставува огромно задоволство што можам да бидам дел од еден таков голем проект.
Женски магазин- Ти и твојата сестра рано останавте без родители. Што се случи со нив и кој се грижеше за вас по семејната трагедија?
Мартин- Точно така. Суров е животот викаат. И мајка ми и татко ми се починати веќе подолго време. Мајка ми пред 8 години, татко ми е починат пред три. Се беше наеднаш, можам да речам дека ништо не се претпоставуваше, се беше сјајно, но ете ти- што е животот. По нивната смрт, останавме сами. Со нас останаа само баба ми и дедо ми, со кои сме пораснати. И кога ме прашавте кои ми се идоли, можам да речам дека се баба ми и дедо ми. Подршка добивме и од мојот вујко кој е во Австралија, но колку што има можност и време, секогаш е тука за нас. За грижење, искрено ќе кажам бевме оставени сами на себе, на цела таа суровост. Но ете ќе речам, денес сме здрави прави и работиме напорно за да постигнеме нешто во животот и да ги направиме нашите родители горди, бидејќи можам да речам напорно се трудеа покрај сиромаштијата и лошите услови за живеење, јас и сестра ми да имаме се.
Женски магазин- Меѓу вашите охриѓани сте пример за личности кои сами успеале да се изборат за својот пат. Како успеавте, што ве одржуваше во тешките мигови?
Мартин- Заедно со сестра ми Маја, која инаку е постара од мене 4 години, се трудевме и се уште се трудиме да ја негуваме позитивната смисла. Ги тргавме настрана негативните работи, негативните луѓе, негативните мисли што подалеку од нас за, секако, да почувствуваме како е да си среќен. Лоши карти се фрлени, но животот е тркало, денес си долу, утре горе. Само треба работа на себе, поминување време со саканите и многу забава, насмевки, делење љубов, прегратки и се ќе си дојде на свое место.
Женски магазин- Има ли песна која им е посветена на родителите?
Мартин- Мојот прв албум како што кажав, кој е во изработка е целиот е посветен на нив. Но ако би одвоил една песна која ме потсетува на нив ќе биде “Purple Rain” од Prince, бидејќи на таа песна за нив тогаш прв пат им процветале “ пеперутки ” во стомачињата.
Женски магазин- Дали си размислувал од Охрид да се преселиш во Скопје, со цел твојот талент и музика да го запознае пошироката публика?
Мартин- Да, секако сум размислувал. Скопје е центарот на оваа држава, таму имаш повеќе можности, повеќе просперитет да успееш, повеќе личности со кои можеш да соработуваш, поголема дружба и што уште не, но сепак Охрид не би го менувал за ништо. Овде е помирно, и на пример за мојава работа е полесно да работиш, да се мотивираш, но како што кажав, немаш многу можности, а со тоа знаат да паднат и амбициите. Но да, можеби во иднина некогаш би дошол за да барем пробам да привлечам што е можно повеќе публика.
Женски магазин- Дали е можно кај нас да се живее само од музика?
Мартин- Ќе кажам кратко и јасно, не! Не барем за сега. Музичката сцена кај нас видела далеку подобри времења, и се надевам во иднина ќе се подобри ситуацијата, но сега за секако можам да речам за жал, не се живее само од музика.
Милица Џаровска