Биба Додева за сопругот: Со Срѓан пак се пронајдовме, и љубовта продолжи како да немала прекин
Вчера во Скопје, со мала забава за само најблискоиот круг на луѓе, се омажи пејачката и претседател на здружението „Борка“, Биба Додева.
На социјалните мрежи, нејзините пријатели објавија фотографии од Биба и од Срѓан, посакувајќи им вечна љубов. Откако заврши венчавката и забавата, Биба за „Женски магазин“ накусо ја раскажа нивната љубовна приказна и рече дека не верувала оти и за неа има среќа.
- Ова е доказ дека љубовта постои и си го наоѓа патот, кога ѝ е време“, ни изјави Додева. Таа низ насмевка вели дека овој брак за неа е трета среќа.
- Ние сме си љубов од 2011 година. Не ни беше судено тогаш. Пак се пронајдовме, и љубовта продолжи како никогаш да немала прекин. Едноставно не ми се верува дека има среќичка и за мене на тоа поле. Пресреќни сме. Ова е само уште еден убав доказ дека сепак од она што ти е судено не се бега, па кога е вистинско време, тогаш и ќе ти дојде во животот“, изјави Биба, која е среќна баба на Александар, синот на нејзината ќерка Емануела.
- Срѓан не е човек кој сака да се експонира. Битно е дека ме сака „најпуно“. Човекот кој е вљубен во Биба. И обратно“, ни раскажа таа.
Забавата за најблискиот круг, се одржа во скопското „Бифе Тафталиџе“, каде што Биба инаку често оди. Нејзин пријател, кој е сопственик на локалот, на Фејсбук се пошегувал дека Биба има роденден, а Срѓан за подарок ѝ донел прстен.
Биба пред два дена го прослави својот 47. роденден, а венчавката симболично се одржа еден ден по него.
- Љубов над сѐ! Драги мои пријатели, ви ја споделувам нашата среќа со вас!
Ви благодарам од срце за убавите честитки и желби, како за роденденот, така и за нашата венчавката. Пресреќни сме, да ни трае!“, напиша Биба на Фејсбук со весела фотографија од нивниот најсреќен ден.
М.Џаровска
Фото: Приватна архива