Биља Крстиќ открива детали за концертот и за внуката: Ноа е опкружена со огромна љубов, се изборивме со проблемите и туркаме напред
Песните „Јовано, Јованке“, „Зурли трештат на сред село“, „Пуче пушка“се дел од репертоартот кои ќе ги изведат Биља Крстиќ и Бистрик бенд на утрешниот концерт во Македонската филхармонија. Публиката ќе ја почестат и со теми од филмот „ Зона Замфирова“. Уникатниот и единствен вокал на Биља Крстиќ се слуша повеќе од 50 години, на почетокот во „Сунцокрет“ на Бора Ѓорѓевиќ, потоа и во „Рани Мраз“ на Ѓорѓе Балашевиќ. Во осумдесетите години започна соло кариера а подоцна навлезе во етно светот и ги изведе најубавите етно композиции од овие простори. Ја нарекуваат балкански славеј, настапувала на сите континенти. Мајка е на две ќерки, кои се нејзина најголема поддршка и баба на 10 годишната Ноа.
* По подолго време се вративте во Македонија. Кога ќе се спомене нашата земја, публиката, кои се вашите први асоцијации?
- Многу ја сакам Македонија. Моите роднини од страната на мајка ми живеат во Куманово. Стекнав голем број пријатели во Македонија и работејќи со Бистрик Оркестарот. Тоа се претежно луѓе кои се поврзани со мојата професија. Уживам во дружењето со нив, се радувам кога ја делиме сцената и музиката и многу се почитуваме и се сакаме.
* Каква ќе биде програмата на концертот, кои песни ќе ги пеете?
- Сите кои ја следат работата на Бистрик знаат дека најголем дел од репертоарот го сочинуваат песни од Србија и Македонија, има и нумери од нашето опкружување. Бистрик има издадено 5 албуми и направивме избор на песни кои публиката со задоволство ги слуша и ги пее со нас на концертите. Тоа се „Јовано, Јованке“, „Зурли трештат на сред село“, „Јано Севдалино“, „Димитријо сине Митре“, „Пуче пушка“, „Низ гору зелену“ и уште теми од филмот „Зона Замфирова“, потоа „Крај потока бистре воде“. Во Скопје премиерно ќе изведеме и две песни од новиот албум, чија промоција ќе биде на 31 мај во Белград. Тоа се „Нишка бања“,а јас сум од Ниш, а втората „Шанко си бонка залиби“,песна од околината на Зајечар. Која ја правевме како одјавна шпица за ТВ серијата „Црна свадба“.
* Отсекогаш постоела одредена наклонетост на музичарите кон традиционалната музика во различни жанрови. Кој беше главниот двигател кај вас за да ви стане толку блиска изворната народна музика и целосно да ѝ се посветите?
- Честопати пишував за тоа дека Марта Себастиен имаше најголемо влијание врз мене да тргнам во традиционалните води. Брилијантна, етномузиколог,оваа пејачка уште тогаш во 90-тите години, му ги претстави на светот најубавите унгарски песни во прославениот филм „Англискиот пациент“. Тој филм беше моментот на одлука. Така започна Бистрик.
* Дали мислите дека нашата земја е една од најубавите и најразновидните области за оваа музика? Кои наши песни ви се најомилени? Дали се тоа песните што ги пеевте со Тоше на неговите концерти?
- Македонските песни отсекогаш биле голема инспирација за многу музичари за обработка. Македонскиот музички фолклор е многу разновиден и богат, и со разни ритмови, и со мелодии. Уште кога бев дете омилени пејачи ми беа Кирил Манчевски, Александар Сариевски, Васка Илиева, Анка Гиева... Листата на врвни иинтерпретаори е долга и сите учевме од нив. Омилена ми е песната „Јано Севдалино“, но ја обожувам изведбата со Тоше Проески на песната „Јовано, Јованка“. На мојот нов албум снимив две песни од Македонија, можеби најубавите: „Калеш Анѓа“ и „Сербез Донка“...
* Која е тајната на Бистрик Оркестарот? Како функционирате позади сцената?
- Бистрик е како вистинско семејство. Секојдневно се дружиме, секојдневно се слушаме. Многумина од Оркестарот работевме во Радио Белград. Сега во музичката редакција остана само Мики Станојевиќ, Ружа, Бата и јас сме веќе во пензија. Имав среќа кога го формирав Бистрик, да бидат тоа одлични музичари, но и прекрасни луѓе, што е многу важно за опстанокот на секој бенд. Еве ние сме заедно повеќе од 20 години. Мислам дека Бистрик никогаш не престана да се развива, секој албум носеше нешто ново, љубовта е и понатаму присутна во секој момент и во приватното дружење, како и смеата. Радоста, особено кога одиме на концерти, е неизмерна, а сите како деца едвај чекаме да влеземе во комбето и да патуваме.
* Големината на човекот се гледа во неговата едноставност. Се сретнавме многу пати и секогаш бевте љубезни и едноставни, убави и насмеани. Толку голема пејачка, а толку едноставен човек. Како ви успеа секогаш да стоите цврсто на земја?
- Знаете како, кога си ја сакате работата и кога ја работите од голема љубов и почит, тогаш е таков и вашиот однос кон сите и кон сè.
* Ја работите работата што ја сакате, а исполнети сте и како мајка и баба. Колку вашите ќерки се музички талентирани и каков е нивниот однос кон вашата професија, која вклучува многу патувања, турнеи, отсуство од дома?
- Милица и Ленка се сега веќе зрели личности, остварени и имаат свој живот. Јас само уживам гледајќи што сѐ постигнале досега, а најважно од сѐ ми е тоа што се добри луѓе, приврзани пријателки и што ја имаат таа животна радост. Тие отсекогаш ми биле најголемата поддршка во тоа што го работам. Секако, знаеле да бидат и строги критичари. Најубаво од сѐ е што ја сакаат музиката. Одеа во музичко училиште, слушаат многу поинаква музика од онаа со којашто се занимавам, но научија да ја почитуваат традицијата, затоа што таа е дел од нашата национална култура и од нашето битие.
* Импонира храброста на вашата ќерка јавно да ја објави на Инстаграм борбата што ја води со состојбата на својата ќерка, вашата внука, која има сериозни здраствени проблеми. Неодамна и вие зборувавте за тоа. Како е Ноа?
- Ноа е најслаткото девојче, има 10 години и е добро. Расте со огромна љубов и внимание од мајката, таткото, тетката, бабата, а децата заслужуваат таква љубов. Имаше проблеми со кои се изборија и сега туркаме само напред и се радуваме на секој ден и на дружењето, учењето. Голема љубов е тоа.
* Кога јавна личност, која сите ја сакаат, како вас, отворено зборува за некој проблем, тогаш луѓето со иста мака , чувствуваат некакво олеснување, а и учат многу работи. Што би им порачале на тие што се борат со сериозни проблеми за здравјето на своите деца?
- Љубовта е извор на силата и на енергијата, најголемата љубов ги победува сите стравови и проблеми. Одете напред и храбро низ животот.
Соња Алексоска Неделковска