Биографската книга за спортската легенда Јован Спасеновски-Џагула ќе биде промовирана во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“

Добивај вести на Viber

Биографската книга за спортската легенда Јован Спасеновски-Џагула ќе биде промовирана во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“

Новата биографска книга „Јован Спасеновски-Џагула - херој и инспирација за спортисти и за неспортисти“, од авторот Васко Марковски ќе биде промовирана на 11 декември (среда), во 18:30 часот во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. Промотори на книгата, која  е во издание на „Арс Либрис“, дел од  „Арс Ламина – публикации“, ќе бидат книжевната критичарка  Александра Јуруковска и писателот Иван Шопов. Дизајнот на корицата го изработи Зоран Кардула.
Станува збор за приказна од која можеме да научиме дека не е само фраза кога ќе се каже дека е некој 90 години млад.

Јован Спасеновски-Џагула (роден 1934) е спортска легенда на Тетово и Македонија, кој активно спортуваше до својата 88-годишна возраст. Од тоа што го поминал низ животот можеме многу да научиме:  за историјата на еден град, во една земја, за историјата на три спорта, за личниот придонес на граѓанинот кон развојот на својот роден крај, за поттикот што можат да им го дадат спортистите и учителите на  своите сограѓани и на помладите спортисти, за од нив да се развијат благородни личности. За историјата на Тетово, на тенисот, на скијањето, на ФК Љуботен, за создавањето на Ски-центарот „Попова Шапка“ и на Шарпланинскиот куп, за ширењето на тенисот во Македонија и за развојот на ветеранскиот тенис во независна Македонија и на Балканот.

Пред нас имаме приказна од која можеме да научиме дека посветеноста знае да даде плодови за личната благосостојба и за доброто на нашето потесно или пошироко општество, во различни општествени услови и уредувања, во различни формати на географскиот простор или пазарот кон кој се стремиме, без разлика на возраста и духот на општеството. Влогот раѓа на две полиња истовремено: на личното и на заедничкото. Посветеноста, добрината и истрајноста се клучот за сè.

Васко Марковски (1973) е туристички водич, патеписец и литературен преведувач. Завршил студии по турски јазик и книжевност со чешки јазик и книжевност. Дваесетина години работел како новинар, патеписец и уредник во петнаесетина медиуми (радио, печатени и мултимедија). Во периодот 2008 – 2011 година бил главен уредник на месечникот „Free Time Guide – Macedonia“. Автор е на поетската книга „Корпоративно утро“ (2013, 2024), на монографијата „Урбани легенди“ (Бегемот, 2018, 2023), збирката репортажи „Непозната Македонија“ (Бегемот, 2020) и на книгата поезија „Скопски улици“ (Бегемот, 2022). Преведува од турски на македонски проза, литература за деца и поезија. Во 2014 година објавил избор од сто песни од знаменитиот турски поет Орхан Вели („Риба во шишето ракија“, Антолог, 2014), на стогодишнината од раѓањето на поетот. За неговите патеписи е награден со признанието „Најдобар промотор на Македонија“ за 2010 година.


*Пр објава