Битолчани ја препознаваат идејата и пораката за Џез фестивал-проф.Сашо Поповски за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Душан Јевтовиќ, Васил Хаџиманов, Асаф Сиркиз, Тони Китановски , Теодосиј Спасов, Виктор Филиповски, Сашо Поповски трио, Фирс, Молли Тролли Квартет, Скопје Џез Инк, Лина Авшар, Cuarem quartet и Наташа Роџерс, Bramha Amity trio, Антоние AVP проект, AJS quartet, Ирена Благојевиќ, Џоле Грујовски квартет, Кабадајас, се само дел од музичарите кои настапиле на Џез фактори фестивалот, а оваа година богатата палета на репрезентативни имиња од светот на џезот, се дополни со уште неколку.

За музичкото задоволство кое битолчани и сите присутни на овој фестивал имаа можност да го доживеат, поразговаравме со реномираниот професор и џез музичар Сашо Поповски, организатор на фестивалот.

Љубовта кон Битола, идејата да се допринесе на културно поле и истото да се развива, го мотивираше Поповски уште во 2011 да започне со организирање на џез работилници, за потоа тој проект да прерасне во џез-фестивал кој во 2018 тата го имаше првото издание.

Оваа година Битола го имаше своето четврто издание на „Џез фактори“ (Jazz Factory). Главната програма беше во Народниот Тетатар, а дел од оф-програмата во кафе-барот „Порта џез”.Фестивалот беше поддржан од општината Битола, Министерството за култура и НУ. Народен Театар Битола.

Фестивалот го отвори настапот на Васил Хаџиманов, Мартин Ѓаконовски, Александар Секуловски, за потоа програмата да продолжи со настапот на Пеџа Милутиновиќ и Drumbooty квинтет, Human touch и Филип Динев трио. Изложба претстави и фотографката Татјана Ранташа, а во Порта џез со свој диџеј сет се претстави Јордан Николов.


*Заврши и 4-тото издание на Џез фактори фестивалот. Кои се Вашите впечатоци од истиот?

С.П.- Со сигурност можам да ви потврдам дека ова е најдоброто издание на фестивалот кој се движи во нагорна линија не само организационо или по квалитетот на артистите кои настапуваат туку и поради посетеноста. Оваа година бевме сведоци на комплетно распородадена сала на отварањето на фестивалот што за ваков вид на арт форма во моменталните општествено – политички услови во кои живееме е рамно на триумф од невидени размери.

Ме радува фактот што во публика доминираа млади луѓе кои ја препознаа идејата и пораката која во себе ја носи Џез Фабрика Фестивал како стожер и двигател на културниот живот во пелагонискиот регион со јасна динстинкција помеѓу културата и “естрадата“. Токму оваа втората секојдневно ни се сервира замаскирана под форма на “Културна програма“ без никаков културен импакт, уметничка критика или формирање на арт форма, што индиректно ги намалува и така малите буџети на џез фестивалите во Македонија.


*Какви беа подготовките со оглед на пандемијата?

С.П.- Морам да признам дека пандемијата не изненади минатата година и реализацијата на фестивалот ја направивме во две етапи и тоа 4 концерти на отворена сцена пред НУ Народен Театар Битола како и завршен концерт на Куарем Квартет + Наташа Роџерс (Франција) како одделен концерт.

Оваа година бевме свесни за предизвиците и искуството од предходната год. беше пресудно за одлична реализација. Фокусот го ставивме на акустично пијано инструмент кој го донесовме во концертна кондиција и беше користен во трите вечери на Фестивалот.

Фестивалот се реализираше во согласност со сите препораки од комисијата за заразни болести и заштита од Ковид 19.

Годинава повторно беше доделена наградата на најдобар млад музичар за 2020 година, насловена по познатиот битолски музичар Гоце Димитровски, кој остави неизбришливи музички  траги во текот на својот живот.


*И оваа година доделивте награда за најдобар млад џез музичар, која му припадна на Филип Динев.Како се одлучивте токму за него?

С.П.-Наградата “Гоце Димитровски“ за најдобар млад џез музичар во изминатата година ја доделуваме веќе втора година во соработка со Општина Битола. Филип Динев е Магистрант на Џез академијата во Хамбург Германија и дипломец на Џез Одделот при Музичката академија УГД Штип, млад човек кој во 2020 го објави својот трио албум Светло, доби доста добри критики од релевантни џез портали и полека но сигурно чекори на џез сцената во Германија преку многубројни соработки со европски џез музичари. Како тим на ЏФФ. му предвидуваме светла иднина, а наградата е токму поттик и елан во остварувањето на неговите музички амбиции.

*Од каде се имавте гости оваа година и какви беа нивните реакции?

С.П.-Поради пандемијата и намалувањето на буџетот во Министерството за култура кој е главен поддржувач на фестивалот од првата проекција (9 концерти) бевме приморани програмата да ја редуцираме на 4 концерти, 1 ДЏ сет, изложба Џезтетика, и Хибридна конференција во организација на Асоцијацијата на џез фестивали.

На фестивалот проследивме промоција на 4 новоиздадени албуми и тоа:

• Васил Хаџиманов Трио (Мартин Ѓаконовски, Александар Секуловски) албум Melody Rhymes,

• Пеџа Милутиновиќ Друмботи албум Veritas Vincit, 

• Филип Динев Трио албум Светло,

• Human Touch (Грција) албум Acoustic Set 2020.

 Оваа година наш поддржувач беше и Генералниот конзулат на Р. Грција во Битола со чија помош креиравме културен коридор помеѓу нашите држави за идна размена на џез артисти и нивна мобилност.

Како дел од годинешната програма беше и хибридната конференција на која зборуваа: Винко Михајловиќ, директор на џез фестивалот во Петровац, Драган Влајниќ директор на џез фестивалот во Кикинда, Ема Попивода, пијанист и директор на Модоарс фестивалот, Бојан Стефковски, директор на Jazz Fortnight фестивалот, Арлет Ховинга, џез прес промотер и медиумски директор на thatjazzgirl.me, Симон Петерман, музички директор и радио презентер , Роби Јамник, директор на Џез Равне фестивалот.


*Од какво значење беше меѓународната конференција?

С.П.-Ваквиот вид на конференции се од фундаментално значење за наше препознавање и презентирање на Македонската џез сцена. Учесници на конференцијата беа професионалци кои се дел од европската музичка индустрија од различни области ( ПР, Букери, Директори на џез фестивали, Радио презентери, Издавачи ...) од Холандија, Швајцарија, Словенија, Србија, Црна Гора и Македонија.

Сите активности во рамките на фестивалот ( конференција, концерти и сл.) се аудио/видео снимени и ќе бидат поставени на нашиот Youtube канал па ги повикувам вашите читатели да го посетат и ги прегледаат содржините.

https://www.youtube.com/channel/UCR_5xE7nSzMeBLMEzYjQOsg


*Пошироката публика и љубителите на џезот Ве знаат како едно од реномираните имиња на музичката сцена не само кај нас, туку и надвор од Македонија. Кои се Ваши следни проекти, на што работите во моментот?

С.П.-Последниот албум Fallen Land SJF Records (Скопје Џез Фестивал) го објавив на 1 Октомври 2020 и сега следи период на негова концертна промоција во наредните 2-3 години. Инаку во Јануари 2021 ја имавме првата сесија за снимање на новиот албум на кој покрај триото Иван Бејков контрабас и Виктор Филиповски тапани имаме и гостин на виола Оливиер Самулиан (Франција) на која веќе снимивме 7 нови композиции. Втората сесија ќе биде најверојатно во  месец август, потоа ќе следи период на продукција и секако моја желба е тој албум да го издадам во 2022 со промотивен концерт токму на Џез Фабрика Фестивал следната година.

*Сите информации наскоро на нова веб страна. Да проговориме за истата.

С.П.-Точно новата веб страница е во процес на изградба истата ја прави мојот долгогодишен пријател и соработник Даниел Ѓурчиновски и искрено се надевам дека за кратко време ќе биде активна

www.sasopopovski.com

Во меѓувреме можете да ја посетите мојата активна веб страна:

https://sasopopovski.wixsite.com/official

Фотографии- Даниел Ѓурчиновски, Александар Стојковски и приватна архива на Сашо Поповски

Неда Маретиќ