Благоја Грујовски за најтешките мигови: Пеев, а срцето ми плачеше

Добивај вести на Viber

Физичкото заминување на блиските луѓе од овој свет остава голема празнина и уште поголема болка во душата. Веќе ништо не е исто како порано, а спомените како на филмско платно прелетуваат низ просторот и ги бришат жешките солзи. Кога ќе загубиш некој близок е исто како кога ќе откинеш јаболко од јаболкница. Сé е исто, само нешто недостасува. Во тие мигови, тишината е најголемото засолниште.

Пејачите и музичарите се единствените што во тие мигови тагата ја претвораат во песна и така пловат низ морето наречено живот. Нивната професија им наложува секогаш да бидат весели и насмеани. Пеат да ги расположат другите и во миговите кога им е најтешко. Тоа го доживеал и Благоја Грујовски. 

- Работата на естрадните уметници е специфична, ни потешка ни полесна од другите. И секако одговорна, ни помалку ни повеќе од другите.  

Јас ја избрав песната за професија која носи секакви моменти, најчесто убави, но ја прифатив и одговорноста да се биде кај што треба и како што треба. На тоа се истренирав деценија и пол како новинар во македонско радио. Имало моменти кога срцето плаче, а треба да се пее. Татко ми почина пред мојот јубилеен концерт кој му го посветив. Требаше да пејам на концерт и три дена откако почина мајка ми – открива Грујовски. 

После тагата, доаѓа радост. Токму тоа му се случи на 16 септември, кога го прослави својот 62-ри роденден со промоција на нова песна, а неговите пријатели и соработници на настанот му приредија големо изненадување. 

- На мојот роденден ја промовирав песната „Мој пријателе“, дует со Гоце Пејковски. Таа е дело на брат ми Ташко Грујовски. Го опишува долгогодишното другарство и некои моменти од животот на Гоце. Неодамна снимивме и видео за неа во продукција на Ин-ТВ - открива Грујовски. 

С.А.Н