БОБАН МИЛОШЕСКИ (АВАЛОН): Цело Скопје да го однесеме во Охрид, наместо во „Космос“
Ова што го работам за да живеам, реално би го правел и без пари. Да ми се јави Бреговиќ и да ми каже да му носам појачала на светска турнеја, без размислување би тргнал затоа што го сакам тоа, нагласи на денешната средба со новинарите сопственикот на продукцијата која одбележува 25 години постоење
Имаме барем уште пет многу сериозни објави за Вас кои ќе ги споделиме во наредниот период, нагласи сопственикот на „Авалон“, Бобан Милошески, на денешната средба со новинарите во фоајето на Македонскиот народен театар. Првиот човек на продукцијата која годинава одбележува 25 години од своето постоење уште еднаш потсети дека со неговиот тим подготвиле исклучителна програма со концерти на бројни артисти од светската, но и од домашната музичка сцена. Немаше простор за нови возбудливи вести, за откривање на нови имиња од нивниот мега-проект. Тоа ќе го направат уште вечерва, но на официјална фан-страна, стратегија што ја практикуваат последните неколку години. Прес-конференцијата повеќе беше повод за евоцирање спомени.
- Ме следат многу малери во животот, морам да признаам. Многу тешко оди сето ова. Но, една од среќните работи што се случува е тоа што го работам тоа што го сакам. Ова што го работам за да живеам, реално би го работел и без пари. Да ми се јави Бреговиќ и да ми каже да му носам појачала на светска турнеја , без размислување би тргнал затоа што го сакам тоа. Истовремено мислам дека сум и ограничен во однос на тоа што друго би можел да работам. Тешко е, но се обидувам оваа приказна да трае, се обидувам брендот кој се рашири да трае и можеби и на идните генерации да им биде интересно да го работат ова – објасни Милошески.
Си забележа дека во рамките на проектот „25 години Авалон продукција“ немаат букирано ниту еден хеви-метал бенд и дека таа „грешка“ ќе ја поправи веќе наредната година. Концерт што ќе го памети до крајот на животот како најтрауматично искуство е шоуто на „Фејтлес“ на Кале кога во текот на вечерта на двапати останале без струја. Бобан е особено горд на соработката со Балашевиќ, особено неговиот прв „опен ер“ концерт на Калемегдан.
- Никој не веруваше дека на дожд ќе собереме 25.000 фанови. Најмногу смеење и плачење има токму на Балашевиќ – рече Милошески.
На пресот беа присутни и Каролина Гочева, Владо Јаневски и Никола Перески-Пере. Бобан се присети на првиот сериозен концерт на „Нокаут“ во СРЦ Кале.
- Соработката со овие ѕвезди е прво задоволство, а после работа. Јас останав без Даниел, „Нокаут“ останаа без Ацо, а токму тие двајца дадоа најмногу енергија и пот на тој настан кој ќе ми остане во вечно сеќавање – раскажа сопственикот на „Авалон“.
Милошески ја искористи можноста и да ја пофали новата локална самоуправа на Охрид за каде подготвуваат уште два големи ивенти.
- Конечно имаме работа со локална самоуправа што сфати дека градот не почнува и завршува со езерото. Ќе се обидеме два викенда цело Скопје да го однесеме во Охрид, а не во „Космос“ – во свој стил прокоментира тој.
Ѓорге Стојанов