Бојата на надежта е зелена

Велигден е време за верба, симбол на надежта и на новиот почеток. Но, за мене Велигден се поврзува соприказната за Магде, едно од нашите деца, згрижени во СОС Детско село. Вака го почнува своето раскажување Радмила, упорна и посветена СОС-мама.

- Магде дојде кај мене како седумгодишно девојче. Беше исклучително тивка. Не ѝ бил лесен животот. Tатко ѝ ја оставил уште пред да се роди. И покрај сета љубов што ѝ ја давала, мајка ѝ долго време се борела со тешка болест. За жал, на крајот ја изгубила битката – се сеќава Радмила.

Магде пристигнала во СОС Детско село точно една недела пред Велигден.

- Беше многу исплашена. Не сакаше со никого да зборува. Во саботата пред Велигден, сите деца беа седнати на масата во кујната и ги бојадисуваа велигденските јајца. Се смееја, раскажуваа и зборуваа гласно. Само Магде седеше и молчеше. По некое време седна на масата и бојадиса само едно велигденско јајце, целото зелено – раскажува Радмила.

Таа ја прашала зошто избрала зелена боја, Магде ѝ одговорила: „Мама ми кажа дека бојата на надежта е зелена“. Нејзината мајка ја научила на една многу важна лекција во животот: „Никогаш не се откажувај! Ќе имаш и тешки денови, но секогаш треба да веруваш дека ќе биде добро, бидејќи надеж секогаш има“.

Денес таа е среќно и разиграно девојче, кое многу сака да зборува. И понатаму, секој Велигден, сите јајца на Магде се зелени. Нејзините блиски сега чувствуваат дека таа е среќна, сигурна и задоволна и сигурни се дека никогаш нема да ја изгуби надежта.

Драги пријатели, Магде е една од 514 деца и млади без родителска грижа за кои СОС Детско село обезбедува поддршка и грижа. Со вашата донација помагате за Магде и децата како Магде, да имаат сигурна ИДНИНА исполнета со НАДЕЖ, ЉУБОВ и СИГУРНОСТ.

Прочитајте повеќе за работата на СОС Детско село на следниот линк www.sos.org.mk

И не заборавајте, за многу од нив тоа ќе биде почеток на нов и подобар живот.

П.С. Зелената боја на велигденските јајца нека ве потсетува дека СЕКОГАШ ИМА НАДЕЖ!