Болна исповед на Македонка: Мајка ми ја загубив неочекувано кога дома имав бебе,а бев бремена со второ

Македонката Маргарита на Инстаграм позната како Мама Меги, ја отвори душата за најтешките мигови од нејзиниот живот. Имено таа е мајка на две женски деца Анамариа и Георгина, а раскажа како ѝ било кога ненадејно ја загубила нејзината мајка.

„Во принцип не сум личност која си ја отвара душата пред секој, поготово не пред 6000 луѓе, и не баш за оваа тема која најмногу ме боли, ама ете решив од причина што се' прочитав низ што поминуваат некои луѓе од истата болка, па ете може ќе помогне на некој моето искуство.
Мајка ми ја загубив пред 4 години, наеднаш, неочекувано. Таа замина од овој свет на само 43 години.
Дома имав мало бебе, Анамариа немаше ни годинка, а јас бев бремена со второ, шести месец при крајот.
Истиот месец кога почина мајка ми требаше да го славиме и првиот роденден на Анамариа.
Колку ми е било тешко никој неможе да знае,неможам ни да опишам,си знам само јас. Бев премногу поврзана со неа, љубовта спрема мајка и ќерка си ја искажувавме секој ден. Мајка ми беше личност која до последниот здив живееше за своите чеда.
Последните три месеци од бременоста ги поминав секој ден во плачење, исто и пораѓајот, исто и роденденот, и од тогаш до ден денес плакам на секоја моја доживеана радост, роденден, празник, слава итн. Кога на сите и доаѓаа мајките во посета, мојата ја немаше. Го очекував нејзиниот повик, и ден денес го чекам, ама го нема. Ја чекам и на секој роденден и празник, ама ја нема.
Како што спомнав погоре јас плакам за неа секој божји ден,така ми олеснува на некој начин. Се затварам во купатило и плакам. Не плачам пред секој, имам само една другарка пред која можам да се исплачам, некако ми е сродна душа по болката, и нејзината мајка е почината, па некако се разбираме. Додуша и само со неа можам да седнам и длабоко да ја отворам темава, со друг никој. Избегнувам да зборувам со било кој друг на темава, премногу боли и плачката ми е на носот. Не зборувам ни со татко ми, брат ми, баба ми на темава, многу ретко, ги ставам на мое место и знам како и е, не им ставам сол на рана, ама ја спомнуваме секој ден.
Низ се ова што поминав, постпородилни депресии си се извлеков самата. Без никаква стручна помош, без никакви таблети, само со б6 и б12 витамини, додуша бремена и додека доиш и несмееш да користиш било што. Така да болката си ја осетив ептен на својата кожа.
Знаете што ми помогна?

Најпрво Господ, дава сила во вакви ситуации, верувајте. После тоа децата, сама на себе си реков дека животот продолжува напред, таа не се враќа, а на моите деца ќе и треба здрава и среќна мама. Истото сигурно и таа би го посакувала од горе.
Имаше денови кога одев и на пазарење а немав потреба,тогаш мозокот ми беше пуштен "на пасење".
Читав книги. Е тогаш ги прочитав сите книги на Игор Џамбазов и многу други. Имаше денови и кога пишував, болката и солзите ги оставав на лист хартија или на нотесот во телефон. Пишував за неа и на други теми. Често излегував надвор, или со маж ми и децата или со пријателки, па го отворив профилов. Сето ова ми беше разонода, психички, барем на момент можев да ја "избегнам" болката.
Денешно време кога умираат толку многу луѓе, секој поминува низ ваква болка кога ќе загуби блиска личност. Не ви останува ништо друго освен да бидете силни, најпрво за себе после за луѓето околу вас. Животот оди напред, времето неможеме да го вратиме назад.
Барајте стручна помош доколку неможете сами да се изборите, нема ништо срамно и страшно во тоа, но зимањето лекови нека ви биде последна опција. Со нив болката ќе се намали или ќе ја снема тие 2 часа,после пак се враќа.
Најдете си хоби, читајте, плетете ,цртајте ,решавајте крстозбори, најдете нешто кое ве исполнува или за момент ви го одмара мозокот.
Дружејте се, разговарајте со блиска личност, шетајте.
Дали боли и после 4 години?
Да, боли. Болката и таа црна дамка на срцето ќе ја имаме додека сме живи,ама на еден начин се навикнуваме да живееме со тоа, а и мораме, друг начин и решение не постои.“