БРАКОТ И ПОТПИСОТ НЕ МИ ЗНАЧАТ НИШТО: ИНТЕРВЈУ СО ЛИДИЈА КОЧОВСКА
Имав здравствени проблеми, но по сите испитувања овие три години, се потврди дека стресот е главен причинител за речиси сите болести кај многу луѓе, а таква беше ситуацијата и кај мене. Фала му на Бога, откако се потврди вистинската дијагноза, со соодветна терапија, сега се чувствувам многу подобро.
Таа е еден од нашите најквалитетни и најсилни вокали, со фестивалско искуство на ниво на поранешна Југославија. „Што те нема“, „Ти си тој“, „Доволно луд“ станаа евергрини, песни чии кавери ги пеат младите таленти во музичките шоуа. Ако порано еден „Макфест“, „Скопски фестивал“ па и пошироко - Сплитскиот не поминуваа без Лидија Кочовска, сега нештата се сменија. Сестрата на Тања и ќерката на Невена и Панче од легендарните „Мањифико“, во искреното интервју за Женски магазин раскажува дека пее само на приватни прослави каде што се чуствува ценето. Вработена е во хорот на МОБ, и вели дека е секогаш вљубена, но не планира наскоро повторно да се мажи.
* Вработена си во хорот на Македонската опера и балет. Како е за еден вокал како тебе со долгогодишна кариера како солист на сцената, да пее во група?
- Многу нормално. Тоа е мое работно место. Колку што егзистирам како фронт вокал, исто толку децении работам и како придружен вокал. Децении наназад долг период бев дел и од хорот на мојата мајка. Групното работење во убава атмосфера, ми претставува големо задоволство.
* Како ти е на работа, на кои проекти сте посветени сега ?
- Откако завршија МОВ (Мајски оперски вечери) се посветивме на "Радомирови Псалми", прекрасно дело на нашиот композитор Димитрије Бужаровски, кое го изведуваме на 8 август во состав на „Охридско лето“.
По моето кусо брачно искуство, сфатив дека потписот не значи буквално ништо. Би живеела и во вонбрачна заедница, како што живее и половина западен свет
* Зошто се повлече од музичката и од фестивалската сцена ?
- Се е замрено. Нема веќе фестивали, манифестации, емисии како порано. Прифатив учество на "Макфест" 2014 година, за цена на онаа љубов која ја имав, како моја матична сцена, фестивал кој бил познат и признаен на бившите југословенски простори. Но, односот на организаторите и атмосферата беа очајни, а јас од тој настап и до ден денес ги немам добиено моите патни трошоци.
* Кој дел од златното време на домашната музичка сцена најмногу ти недостасува? Што најмногу ти пречи на естрадата денес, можеш ли да направиш споредба помеѓу некогаш и денес ?
- Од половината на осумдесетите па до 2000 година, беше идеален период. Бев присутна речиси на сите фестивали во тогашна Југославија и по распадот. Фестивалите беа причина за дружба, сите бевме едно, владееше љубов. Живеевме за денот кога ќе започнат и со нетрпение го очекувавме секој нареден фестивал. Нема споредба со денес! Тоа беше златно време.
* Што треба да се да случи повторно да слушнеме нова песна од Лидија?
- Кога нештата би мрднале од „мртва точка“ и би тргнало сѐ по нагорна линија, јас сум прва која со задоволство ќе се појави. Сега сум присутна единствено на свадби и на приватни збиднувања (родендени, матури), настани каде што сум вистински почитувана и вреднувана.
Веќе неколку месеци сум на режим на исхрана. Не ми претставува проблем да сум на режим одреден период, туку да го прифатам истиот како моја животна навика
* Во претходен разговор ми спомена дека имаш здравствени потешкотии. Со какви проблеми се соочуваше и дали сега ги надмина?
- Имав здравствени проблеми, но по сите испитувања овие три години, се потврди дека стресот е главен причинител за речиси сите болести кај многу луѓе, а таква беше ситуацијата и кај мене. Фала му на Бога, откако се потврди вистинската дијагноза, со соодветна терапија, сега се чувствувам многу подобро.
* За твојот љубовен живот малку се знае. Дали имаш партнер, дали си вљубена?
- Јас сум секогаш вљубена и кога не постои одредена личност. Ако не е реална, тогаш мора да е имагинарна.
* Дали претходното брачно искуството влијае на твојата одлука повторно да стапиш во брак?
- По моето кусо брачно искуство, сфатив дека потписот не значи буквално ништо. Би живеела и во вонбрачна заедница, како што живее и половина западен свет, но најважно е човекот до мене да е мој лојален партнер. Љубовта и поддршката се клучниот момент во остварувањето и во опстојување на вистинската релација.
* Позната си како една од оние жени кои варираат со тежината. Дали сега си на режим на исхрана и дали сѐ уште пешачењето те релаксира?
- Да, веќе неколку месеци сум на режим на исхрана. Не ми претставува проблем да сум на режим одреден период, туку да го прифатам истиот како моја животна навика. Во пешачењето уживам секогаш, независно од сѐ. Тоа ми е најдобар издувен вентил.
* Кој е највредниот совет што си го добила од родителите и од сестра ти?
- Секогаш гледај ја позитивната страна. Ако е дај Боже добро, заблагодари му се на Бога, а ако е тешко, и тоа е за некое добро. Многу поучен совет.
* Каква е Лидија приватно, што те прави среќна и те исполнува?
- Најсреќна сум кога сум со најблиските. Нема поголемо богатство од тоа кога ми се здрави, среќни и насмеани.
Милица Џаровска