Ги будиме заспаните делови во луѓето: Интервју со Ирена Јакимова, тренер за личен развој
Најчесто го саботираме оној дел од нас што нè заплашува, што го загрозува нашиот комфор, секојдневие. Го саботираме она што би нè направило поголеми и поуспешни. Честопати се саботираме за да не ги загрозиме другите, поради стравот од осуда, поради стравот за да не останеме сами, вели Јакимова
* Вие сте основач на „Инспирит Коучинг“ компанијата. Зошто се нарековте така и по што Вашите методи се разликуваат од другите коучинг практики?
- Инспирит (ang.to inspirit) е англиски глагол и значи - да се внесе живот, енергија, дух, храброст. Таков е и нашиот пристап: будиме заспани делови од луѓето, ги водиме кон нови резултати. Применуваме комбинација од врвните светски методологии и трендови во стимулирање на личниот и професионален развој.
* Многумина на „коучингот“
гледаат како на инстант алатка за решавање на проблемите на растргнатиот човек
на денешницата. Што вели Вашето искуство?
- Многу луѓе сè уште не знаат што е коучинг. Тоа е методологија на иднината. Тоа е пристап
за развој на човечкиот потенцијал, поразличен од класичен тренинг, од
советување или менторство. Развиена е во последните децении од минатиот век и
се базира на неколку психолошки пристапи.
Моите искуства со примена на коучинг методологијата покажуваат чудесни резултати. Како се манифестира тоа? Го гледам по изразот на лицето кај клиентите, по нивните невербални и вербални реакции - се озаруваат кога ќе почувствуваат, кога ќе дојдат до мисла, идеја, заклучок, чекор, на кои порано не се сетиле, не ги знаеле, не ги пробале, не си дозволиле. Потоа, дознавам за нивните резултати: успеваат да си ја олеснат работата, да си ја подобрат комуникацијата, добиваат нови клиенти, го зголемуваат својот приход, чувствуваат поголема смиреност, имаат појасна цел, визија, чувство за себе, наоѓаат повеќе време за себе, или, пак, започнуваат одамна сонувано хоби, започнуваат нова работа, фаќаат нова насока во професијата... некои си наоѓаат партнер или основаат семејство.
* Работите и со алатката „Поинтс оф ју“ (Points of You). Станува збор за метода која ги мобилизира и логичката и интуитивната страна од нашиот ум. Кажете ни која е тајната на успехот на оваа алатка која го освои светот?
- Станува збор за чудесни картички, книги и цел еден прибор кои говорат на јазикот на основните човечки потреби и беспрекорно функционираат низ целиот свет, од корпорации до училишта. Светските компании го применуваат бидејќи алатките се универзални, креативни и лесни, а длабоки и моќни. Тие со леснотија отвораат врати и фиоки во нашиот ум, ги будат и емотивните и аналитичките делови од нашиот мозок, го разигруваат срцето и детето во нас. Оваа техника ни позајмува слики и зборови, ако самите не можеме да ги пронајдеме. Алатката ја користам веќе неколку години, со голем успех, разновидна примена и лична воодушевеност. Во ноември ја обучивме првата група сертифицирани корисници, и тие веќе пријавуваат успешна примена.
* Во морето коучинг методологии, како луѓето да го направат соодветниот избор за себе? Како да ги препознаат квалитетните тренери за личен развој?
- Покрај сето забрзување и превирања што се случуваат, покрај „борбата“ со технологијата и навидум загубените вредности, расте потребата за враќање кон себе, за осознавање на себе. Расте потребата за алатки за управување со својот живот, расте свесноста дека за нашиот живот сме ние самите одговорни и дека има алатки, пристапи и професионалци кои тоа можат да нè водат и поддржуваат до местото каде што сакаме да стигнеме. Тоа место може да е локација, работна позиција, може да е некаква способност, може да се видливи резултати или невидливо патување во себе. Најчесто, „невидливите“ резултати, внатре во нас, даваат видливи резултати во светот што го гледаме. Вашиот коуч е вашиот тренер кој прв верува во вас, ве води, менува, вежба и навива за вас, за да победите прво на вашите внатрешни полиња, а потоа да ги видите, осетите резултатите во надворешниот свет. Предлагам коучот да се избира според квалификациите, искуството, некои препораки и, пред и над сè, според хемијата, компатибилноста меѓу вас.
* Што мислите, кои се најголемите препреки од кои луѓето се сопнуваат на патот во остварување на својот полн потенцијал?
- Најголемите препреки во нашиот ум се зголемени со лупа. Тоа се недоволната самодоверба, самопочит, стравот од туѓото мислење, потребата да бидеме прифатени. Но, што ако сме прифатени како некој којшто не сме? Најважната придобивка во животот е да бидеме прифатени какви што сме. Или, уште подобро, какви што имаме потенцијал да бидеме! Неистрајноста и непосветеноста се, исто така, големи препреки. Нема успех преку ноќ, ниту, пак, без развој на личноста.
* Миатиов викенд организиравте обука наречена „Кажи да!“, наменета исклучиво за жени со цел да научат да го препознаат и искористат својот полн потенцијал. Кој дел од себе жените најчесто го саботираат?
- Не знам точно кој дел, ама на овој семинар, ги обработуваме и надминуваме методите на саботирање за кои честопати, не сме свесни. Најчесто го саботираме оној дел од нас што нè застрашува, што го загрозува нашиот комфор, секојдневие, колотечина, го саботираме она што би нè направило поголеми и поуспешни. Честопати се саботираме за да не ги загрозиме другите, поради стравот од осуда, поради стравот за да не останеме сами.
* Кој беше вашиот најголем сон кога бевте малечка?
- Знам дека еден сон ми беше да бидам ова што сум. Тогаш, тоа беше најблиску до поимот - учителка. Сега не сум учителка, но сум едновремено и тренер, и советник, и ментор и подучувач.. Сега сум канал низ кој се спроведуваат сознанија, вештини и умеења за подобрување на животите на луѓето, во која и да е област.
* Дали го остваривте својот сон?
- Сум остварила огромен број мои соништа. Речиси сѐ што ќе замислам, јас го остварувам. За нешто треба повеќе работа и време, а некои работи излегуваат поинакви отколку што сум ги замислила. Сите ние сме дојдени на овој свет за да направиме некоја разлика, да придонесеме. Светлината што ја носиме во себе може да е мала или голема. Ако си дозволам себе си да зрачам, така им давам дозвола и на другите да зрачат и да го живеат животот во неговиот полн потенцијал.
* Има ли некоја случка која може да ни ја раскажете која ви го променила животот?
- Можам да сумирам во неколку мини-случки што се одвивале во мојот мозок, кога сум си поставила предизвик да размислам на поинаков начин, да донесам одлука на поинаков начин, да постапам на поинаков начин. Тогаш сум си ја менувала насоката во животот.
* Од кои негативни искуства во животот најмногу научивте?
- Од смртта, од разводи, од неуспеси.
* На што Ве научи бракот и мајчинството?
- Дека тоа се области коишто треба да се учат. Не доаѓа знаењето и умеењето само по себе.
* Имате богато искуства и на работа со колективи. Кои се болките од мои страдаат колективите или тимската работа при постигнувањето на посакуваните резултати?
- Од мое искуство, тоа се непознавањето едни со други, немањето тренинг и вештини за разбирање на другите, за добра комуникација, за одење во иста насока на различен начин. Често целта не е јасно споделена, исто така и мисијата, зошто нешто правиме. Повеќе внимание се обрнува не техничка едукација (знаење на професијата, описот на работното место) отколку на човечките вештини и способности.
Кај нас постои цела една култура на борба, натпревар, а не соработка. За успех потребно е да се има и од двете. Обично се тргнува од позиција на стравот - дека некој ќе ми го земе местото, моето, дека нема за сите.., а не од позиција на љубов и креација. Кога нема да се потхранува култура и менталитетот на просечноста, лицемерието, понизноста, тогаш ќе има поле за подобри меѓучовечки односи.
* Што би им порачале на нашите читателки?
- Да веруваат во себе, ама да не си веруваат на сѐ што мислат за себе.
Мимоза Петревска Георгиева