Царовска: Големите училишта со многу ученици се ризик за настава со физичко присуство

„Секое училиште кое смета дека согласно здравствените протоколи може да ги исполни условите, треба да поднесе барање. Владината комисија е составена од кабинетот на премиерот, МОН, МЗ, а има претставник и на Комисијата за заразни болести. Оценувајќи ја состојбата во тоа училиште, тие индивидуално ги решаваат барањата. Секако дека пооптоварените и поголемите училишта кои имаат многу ученици, се ризик за почнување на наставата со физичко присуство. Но сепак јас не сакам да ја коментирам работата на владината комисија, тие треба да ја донесат одлуката, и ние ќе ги спроведеме како конечни нивните одлуки, кои секако и владата ќе ги потврди. Но, сега не е сериозно да се каже дали во некој град ќер почне наставата или не, туку комисијата да даде насока и да го спроведуваме тоа што ќе го кажат“, истакна Царовска. 

Досега се пристигнати барања од 36 училишта за физичко присуство на наставата, од кои 15 средни и 21 основно училиште, но денеска е последниот рок во кој барањата се уште можат да пристигнуваат. 

„Дополнително имаме обврска да чекаме уште три дена да ги чекаме и барања кои ќе пристигнат по пошта, за да се дособерат сите барања, и Комисијата тековно ги работи сите овие барања како што пристигнуваат“, најави денеска министерката за образование Мила Царовска. 

Инаку, владината комисија ги оценува сите поднесени барања. Големите училишта со многу ученици, се ризик за реализација на настава со физичко присуство.

Веројатно на следната владина седница овие барања кои се досега пристигнати ќе поминат, а и тие кои ќе стигнат по пошта ќе поминат исто така, за да можат училиштата да ги добијат како конечни одговори. 

„Секако дека сите училишта, и оние кои поднеле барања за физичко присуство, се подготвуваат и за онлајн настава, бидејќи епидемиолошката состојба се менува, и е динамичен процес, така што многу ни е важно сите училишта да бидат подготвени и за онлајн настава“, нагласи министерката.

Н.Н.Ф - Фактор.мк