На шарана мувите ги бројам
Вечен оптимист сум. Непоправлив! Дури и недоделкан.
Понекогаш дури и од такт ги вадам тие околу мене. Моите најблиски. Ко е*иветар ме доживуваат. Ко некој кому не му е јасен животот. Ко некој кој “нашарана“ мувите ги брои. Ко циркузант, кој се смее и кога треба и кога не треба.
Ќе се уозбилиш ли некогаш!?, знае да ме праша мајка ми.
Син ми оди подалеку, бидејќи младава генерација “се накити“, со тој “полуневоспитан печат“, па туку ќе крикне нешто, за што ние порано шамари добивавме, па ќе ме праша, “добро бе мамо, не си ти толку глупа, за да се правиш будала, баш во секоја озбилна ситуација.
Маж ми, понесен од таа иритирачка, или како што тој умее да ми рече “провокаторска ведрина, со која не знаеш да понесеш одговорност“, напати ќе ми тресне врата и ќе си отиде во кафана, друг пат му се иде, знам дека му се иде, мене вратата да ми ја покаже, ама јас знам дека токму таа моја иритирачка ведрина е најголемиот афродизијак за него.
Знам!, оти еднаш ми има кажано.
Не знам дали заборавил, па не препрашувам, за да не го потсетам, па да си направам беља, без беља.
А ниту еден од нив, од овие тројца мои сакани не знае, дека јас понекогаш се “само-скокоткам“, за да се смеам и кога не е за смеење работава.
Не знам како и кога го “заработив“ ова во животот. И не знам дали ми е од Бога дaдено, или пак сама некако си го стокмив и си го скроив за да ми биде, тоа мојот крст кој ќе го носам пред себе во животот.
Крст кој се вика, “не сакам да си правам без беља беља“.
Всушност во тоа е замката. Најголемата замка на животот. Тое најголемата енигма, истовремено и најголемата мудрост, која човек мора да си ја разреши за време на својот живот.
Некој има среќа, или пак му е дадено тоа да го стори на време, во години кога се‘ уште има време за “нашарана мувите да си ги брои“, а некому му треба цел живот, или цел еден век, како што викаше баба ми, за да го сфати тоа.
Истата таа баба, која цел живот се туфкаше за се‘ нешто и која цел живот си правеше беља, без беља.
Не можеше да умре, како што таа самата велеше. Не ме зима Господ, знаеше да рече.
Имаше 92 години, кога ја поканив кај мене, заедно да славиме Нова Година.
Таа, мајка ми и јас. Наместив софра со сите салтанати и нишани. Права новогодишна. Елка, сијалички, свеќи… Се дотерав прописно. Пуштив музика и ги пречекав на врата. Тие дотерани исто ко што треба. Со шешири, ракавици, бисерни огрлици… И салонски потпетици секако. Ако беше зима.
Славевме во магично, во проклето добра дружба.
Сосе сите спомени, приказни и догодовштини.
Не знам како ми се случив оваа идеја. Дали оти немав каде да одам таа година, дали дека син ми прв пат отиде сам на славење, па душата ми беше стуткана како на врапче, па ми требаше ваква “нашарана“, за полесно да го поминам тоа “внатрешно крштење“, или пак сакав, ко ја што си знам да направам нешто, што никому друг не би му текнало. Не знам. Не се сеќавам. Се‘ од ова е во игра. И се‘ личи на мене.
Ама знам дека сите други нови години сум ги забравила и кај биле и што биле и со кого биле, ама оваа Нова Година, нема никогаш да ја забравам. Дур сум жива.
Баба ми од тој ден, престана да се туфка. Живееше секој ден со таа убавина што си ја бевме приредиле сите три. По два месеца умре. Без туфкање си замина. Ја зеде Господ.
Затоа велам, оти човек кога-тогаш, ќе мора да си научи да не си прај без беља-беља во животот.
Оти сите ќе умреме еден ден. Сите. Никој нит останал вечно, нит пак дошол од оној свет за да каже како е, или за да ни каже дека и таму има живот, за да не си ја чукаме главата без потреба во овој живот.
Би било ситничаво и петпарачки, ако речам дека животот и онака е полн со проблеми, пречки, сопки и заплеткани работи, за уште и ние самите да си ги заплеткуваме.
Би било петпарачки и контра себе ако го кажам ова. И нема да го кажам. Бидејќи јас не мислам така.
Мислам дека животот е една супер приказна, која само самите си ја комплицираме и си правиме без беља-беља.
И сето ова го напишав, само за да кажам една работа.
А тоа е дека силно, многу силно се надевам и верувам дека нас Македонците еден ден Бог ќе не‘ просветли и ќе не‘ умудри, па ќе си ја сакаме оваа земја и овој народ и ќе се грижиме едни за други, како за најближниот свој и дека, пак ќе кажам, ќе си ја сакаме оваа земја, оваа чудесна земја така како што ни доликува и нам и неа. Така како што Бог ни ја дал.
Многу добро знаете што сакав да кажам. Сите вие.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу