Девојката која не го сакаше букетот

Добивај вести на Viber

Девојката која го врати букетот ја слушнав само еднаш.

Беше многу љубезна и имаше ретко пријатен глас.

Добар ден, на телефон е Тања. Се јавувам од Цветна галерија Сончевина-Блум. Дали зборувам со Сара.

Да повелете! Сара е на телефон.

Како сте Сара, дали уживате во овој прекрасен ден?

Добра сум, благодарам на прашање и уживам да. Како сте вие?, ме праша Сара, нималку збунета, иако воопшто не се познаваме. 

(Секогаш кога се јавувам за достава на букети, се обидувам да воспоставам минимум комуникација со клиентите од таа страна на линијата. Важно ми е тоа да го направам, сеедно дали причината е роденден, свадба, новороденче, или погреб. Ги сакам тие минутка две, додека се обидувам да си ја визуелизирам сликата на оној од таа страна, кој за отприлика половина час, ќе добие прекрасен цветен аранжман, или букет. Сеедно дали е маж, или жена и сеедно дали поводот е убав или помалку убав.

По гласот, по љубезноста, по таа реченица-две се обидувам да ги спојам нарачателот, букетот и примачот.

Лично не ги познавам ниту едниот, ниту другиот. Едниот нарачува онлајн и ретко се слушам со него. Се што треба да напише, од типот на повод, тип на букет, аранжман, ден на достава, порака на честитка, адреса, телефонски број и слично, го пишува во нарачката. Тоа може да биде човек, буквално од било која точка на планетава. Може да е наш-македонец, кој живее и рабти во странство, а може да е и странец, кој некому овде праќа букет.

Тој пак, односно таа која што треба да го прими букетот, живее тука. Може да е “странкица“, која од икс причини живее тука привремено, или за стално, но најчесто се наши македонки, кои исто така од икс причини добиваат букети, од некој Господин, кој во моментот, исто така поради некоја причина не е близу својата драга.

И токму поради тие причини, што тој букет, кој јас го подготвувам, во тој момент, е мостот, блискоста, конекцијата, која треба да ги поврзе тие двајца луѓе, во следниот половина час, ми создава пријатно чувство и потреба, од тие минутка-две да создадам потопла комуникација, со оној кој треба да го прими тој букет.

Никако не би можела да речам само “Сара, дали сте дома, има букет за вас“. Не! Тоа ми звучи, сурово, студено и нељубезно.

И не сум изненадена, што вообичаено луѓето сакаат кога некој непознат од другата страна, топло и пријатно ги прашува како се и дали се добро.

Друг пат ќе пишувам на оваа тема.

Сега да ја довршам приказната за Сара, нејзиниот човек и букетот.

Добра сум, ја продолжувам комуникацијата со неа и додавам дека денеска исто така имам особена причина за радост, бидејки токму за неа имам прекрасно изненадување кое е веќе подготвено и за кое доставувачот треба да дојде во секој момент да го подигне, како би го однел до нејзината адреса.

Беше тоа букет со 31 црвена роза и многу гипсофила.

Инаку гипсофила се оние ситни бели цветчиња, кои на англиски се викаат бебешка воздишка.

Ете токму таков букет требаше да добие Сара.

Букетот “грееше“, со поглед вперен директно во мене, додека јас зборував со Сара.

Дали ќе бидете дома во наредниов половина час, и дали сте на оваа адреса?

Да, да тука сум, токму тоа е адресата. Ви благодарам многу. -продложуваше Сара со својата непроменета, љубезна интонација.

Ништо не оддаваше впечаток дека Сара нема да го сака букетот.

Доставувачот тргна. Заедно со него се разбира и букетот за Сара.

Не поминаа ниту петнаесет минути, кога ми се јави повратно Боби, велејки ми дека Сара воопшто не се јавува на телефон и не отвора врата.

После сите возможни и невозможни претпоставки дека можеби зборува на втора линија, дека можеби излегла до продавница, дека ова, дека она и откако се исцрпеа сите услови за надеж дека Сара е тука некаде, мојата обврска е во тој момент да го контактирам испраќачот.

Добар ден, се јавувам од „Сончевина-Блум“. Имавте нарачано букет за Сара денеска?

Да, да дали го доставивте?

За жал велам, откако првично и вообичаено ја контактиравме Сара и се договоривме, таа веќе не одговара на нашите повици. Дали можеби можете вие да пробате да ја добиете. Доставувачот е сѐ уште пред врата и ќе почека колку што треба, ако вам ви се јави.

Неколку тажни воздишки од другата страна. Три-четири секунди молк.

Ало!?, дали сте сѐ уште тука?

Фрлете го букетот. Не сака да го прими. Лута е. Сакав да ѝ се извинам, но таа веројатно не сака.

Фрлете го!

Сакате да пробаме повторно малку подоцна?

Не!

Сакате утре да пробаме?

Не! Само фрлете го.

Жал ми е му велам…навистина ми е жал.

Жал ми е вели и тој. И за тоа што го направив и за ова што не сака да ми прости. Тоа е! -завршува.

Ало Боби-тоа е нашиот доставувач, донеси го букетот назад. (Не сакав да го фрли, не сакав да ја замислам таа сцена-прекрасен букет во канта за ѓубре)

Букетот за половина час, беше во истата вазна, од која пред малку тргна кај Сара.

Неверојатно е колку поинаку изгледаа ружите.

Како сета тага на светот да беше насобрана во нив.

Белата и лелеава гипсофила -бебешката воздишка, беше овената и посивена. Неверојатно!

Исто како оние неколку воздишки на мажот, на кој не му беше простено.

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: