Сѐ е релативно и сепак сè се врти
Има еден „принцип“, или подобро речено една животна стратегија која е многу практична во животот и која сакам да ја споделам со вас. Мене ми успева, еве веќе неколку години, што ќе рече, проверена ми е на своја кожа, па затоа зошто да не!? Mожеби ќе отворам порта, низ која ќе поминат многу луѓе, кои се судираат со прашањето како да се живее минимум среќно овој живот. Во овој свет.„Минимум“, го пишав, само за да не бидам алчно претенциозна, инаку во основа не мислам дека среќата има потенциомеtар, кој може да се штeлува. Па малку среќен, или многу среќен.
Среќа е среќа. На крајот на краиштата среќа е што си се родил. Ти! Баш ти! А дали е тоа минимум среќа, или максимум среќа сосем неважно. Тоа е среќа. И точка. Така треба да се гледа на тоа. И никако поинаку.
А прашањето, околу тоа дали е среќа да се родиш во Норвешка, во Македонија, или во Конго е исто така многу, многу релативна работа. Ајншајновата теорија за релативитет, игра улога во сите сфери на живоот. Без исклучок. Оти навистина се е релативно.
И да нема забуна, осиромашените земји во светот се доведени до тоа дереџе, не затоа што немале среќа да се најдат баш на тоа место на географската карта. НЕ! Ниту пак поради тоа, што тој народ таму немал среќа да се роди во Америка на пример. Ни тоа не!
Туку, само и единствено затоа што империјалистичките ѓубриња, сакајќи да се богатат со сите можни ресурси, кој планетава земја му ги дарувала на човештвото, како „мираз“ за убав и спокоен живот, сакале да ги присвојат на ултра нечовечен начин. Гледано социолошки, овие кои грабале „немале среќа“ ним да и им се падне такво „убаво парче“ од колачето, па сакале да им го земат на оние кои имале среќа да се родат на толку убави и полни со богатство места. Сакам да речам парадоксот на животот е да сакаш да го имаш токму тоа што го немаш.
И ова е така, па така. Од најболни теми, па се до најсуштествени. На пример, сигурно сте забележале дека девојките со кадрава коса, сакаат да имаат права и обратно, па дека мажените жени, им завидуваат и заблазнуваат на оние кои се слободни, а овие пак им завидуваат ним. Сиромасите им завидуваат на богатите и сакаат и тие да се богати, а богатите копнеат по мирот, спокојството и едноставноста на обичниот и „сиромав“ човек. Светот во суштина почива на темелите на тоа дека на другиот му е подобро отколку мене.
И тоа е така во речиси сите епохи на човештвото. Секоја следна смета дека 50, или 100 години порано се живеело подобро и поубаво. И ете тука, баш тука е заебот. Никогаш не се живеело ни подобро, ни поубаво. Секогаш се живеело исто. Колку и да звучи ова апсурдно. На крајот на краиштата, тој што живеел подобро пред 50, или пред 100 години, веќе не е меѓу живите. А ти сè уште си!!! Чија среќа е поголема? При тоа, не заборавај дека и тој пред 100 години, истото го мислел, дека на оној пред него му било подобро отколку нему.
Е сега! Дали човештвото е скроено по принципот на тоа, човекот постојано да биде незадоволен и да мисли дека тие пред него живееле подобро, токму од причина, за да може подобро да се контролира, или пак за да се натера да се стреми кон подобро, што е основен креативен потенцијал за развој на човештвото, јас не знам. Ниту пак сакам да знам. Едноставно не сакам да се бавам, ниту со теории на заговор, ниту со возможно-невозможни претпоставки. Сакам да се бавам со себе и со сопствената теорија на среќа. А тоа е, дека мојата среќа зависи исклучиво и само од мене. Мојата радост е условена само од креативноста на мојот ум.
Тоа со други зборови подразбира, дека јас сум сеќна, само затоа што сум се родила и затоа што сум сè уште жива. Нема поголема радост и среќа од ова.
Основа за здравје и здрав живот е среќата. Верувајте ми, дека не познавам среќен човек, што е болен. Затоа и се вели „среќен роденден, среќен именден, среќен брак и среќна нова година“ …
Секоја убава желба започнува со среќен, среќен, среќен …Роденден дека си се родил, именден бидејќи баш ти го носиш тоа име и брак, бидејќи ја најде својата половина за поубава среќа. Сè додека се радуваш на сопствената среќа и не посакуваш ништо од чија било друга, ти си среќен човек и здрав и убав и насмеан. Ја навистина не знам дека што било друго е важно и поважно во животот.
Ако прозвучев малку заплеткано и нејасно, жал ми е. Сакав само да споделам дека нема ништо поважно од тоа да си сè уште жив и здрав. И дека нема поголема среќа од тоа.
Ете толку!
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу