Не, вие дефинитивно не сте нормални! До матката ли ви дојде!?
Ах лелеее… Не знам више која корија да ја ватам и кај да пребегам. Знам, знам дека нема бегање нит од себе, нит од сѐ околу себе. Знам!!
Ама, нејќум јас од себе да бегам. Си немам такви маки, за да вршам такво бегство. Туку од вашиве кражби, од вашите глупости и лудости. Од тоа ми се бега.
Сѐ што можев да направам, за да се заштитам напрaвив.
Си работам во дуќанот, како во еден прекрасен цветен лавиринт. Си ја најдов Милка (жената со која си работиме заедно), таква каква што си ја барав. Оти Господ чунки ги реди работите-што би рекла таа.
Си слушаме по цел ден „Париз кафе“, или „Соло пиано“. Нит вести пуштаме, нит пак знаеме што се случува надвор.
Цвеќињата ни се и приказни и под приказни и наслови и поднаслови…
Луѓето што доаѓаат да ни купуваат се исти како нас. Си ги знаеме више и кој ни се и што ни се. Тие радост, ние радост. Оти пак, истото, привлекува исто.
Си пишувам колумни секоја недела. Нејчесто недела сабајле, додека сите спијат. Прва, во темни зори, ќе се измолкнам од креветот, ќе си „направам послужење“ сама себе, составено од едно кафе, една смоква слатко и една чашка „напрсток“ стара домашна ракија, ќе си пуштам сентиќи некој „Смут Џез“ и седнувам да пишувам.
И тоа ми е радост невидена, оти ем си кажувам сѐ што ми лежи на душа, ем пак и таму работам со луѓе кој се „од мајка родени“. Еве веќе 4-5 години си се разбираме, ко заедно да сме растеле.
За репортажите „Патуваме-сонуваме“, не знам веќе, што попрво да речам. Ако за нешто, секое сабајле три пати се прекрстувам, тогаш се тоа тие репортажи. Нозеве да ме служат и умот да ме служи, та дур сум жива да ги правам.
Ете тоа е моето свето тројство. Цвеќињата, колумните и репортажите. Тоа е мојата црква, која ме штити од сѐ што надвор се случува.
Нит избори ме интересираат, нит кандидати, нит партии, нит бутури.
Кога ќе престанат да лажат и да крадат, а тоа одма ќе се види, тогаш прва ќе истрчам на улица со транспарент.
Значи муабетот ми е дека, за да си го продоложам животот, сум си направила своја лична бедем заштита од сите четири страни.
По инстутуции идам кога морам. Пасош, лична карта, општина…. Претходно десет дена медитирам и психички се спремам, за да го издржам тој притисок, кој знам дека ќе ме снајде. И горе-доле ми успева.
Арно ама… Несакајќи и непредвидено, ќе ти се случи нешто, што, колку и да си самозаштитен ќе те сочека неподготвен.
Секоја година ова време одам по сите лекари. Си закажувам со-време преку матичен и си правам комплетен скенинг. Крвна слика, интернист, очно и гинеколог. И секако мамографија, односно ехо на дојки, ама тоа на две години. Сѐ, како што е редот. Да видам до кај сум, што сум, оти важно ми е да си знам како ми чукаат здравствените дамари од глава до пети.
И!?
И одам некни на гинеколог, кај истиот доктор у Румунска болница, кај што си одам со години.
Истиот доктор, истата сестра, истиот шалтер и истиот ред. Сѐ исто. Секоја година.
- Здраво живо докторе.
- Ооо, Тања здраво живо. А дојде март-април знам дека ќе се појавиш.
- Така си е докторе, ред си е ред. Дома здрави-живи!? Сите на купче!?
- Добри сме фала Богу. Вие!?
- И ние фала Богу…
Седнувам на столот на распетието и истиот муабет и тука.
Јас нему, аман само полека, ако нејќеш да ти умрам тука (жените знаат за што зборувам, мажите никогаш нема да дознаат, а и не треба да знаат).
А тој мене вицот за Мујо и Хасо, кој го слушам на секое зимање пап-брис и кој служи за да ти го одвлечка вниманието.
Појма немам како е вицот, оти нит го слушам, нит бутур, само гледам да не ме боли. Ама знам дека се Мујо и Хасо во прашање.
- Сѐ е ок!?
- Супер си.
- Се гледаме догодина!
- Пријатно.
- Пријатно.
Доаѓам кај сестрата да си заведе таа, тоа што си заведува и да си платам.
И бидејќи секоја година го правам ова, не барам резултатите да ми бидат готови за една недела, за што се плаќа 1500ден, туку плаќам 500 денари, само за прегледот и си ги чекам рзултатите месец-два.
Ако има нешто не дај Боже, ќе ми јават, ако не ми јават знам дека е сѐ во ред.
Не знам дали знаеш Тања, ми вели сестрата. Не е веќе бесплатен пап-тестот секоја година. Го ставија на три години.
Како!? Не ми е јасно.
Па така вели наместо секоја година бесплатен пап-тест, сега е секој три години бесплатно. Така што 1500 денари треба да се плати.
Не ми се верува!! Ќе се онесвестам тука.
Можно ли е!?
Таа слегнува раменици.
Видете да ви кажам ваму, на сите вас таму „одозгора“.
Вие не сте нормални. Вие дефинитивно не сте нормални. Не само што крадете и лажете, вие секој ден сте се помалициозни и помалициозни.
Имате ли бре грам мозок, во тоа главите, за да знаете дека една мајка, еве нека нема две ќерки, една нека има, треба да плати 3000 денари за да си ја провери својата матка и матката на нејзината ќерка. Да проверат превентивно дали имаат РАК НА МАТКА.
Ако не сте знаеле тоа така се вика. И ако не сте знаеле, тоа е предуслов за раѓање деца, кај ќерката-во случајов и предуслов бабата-во случајов мајката да биде здрава и жива, за да може да ги причува тие деца.
Сте чуле ли вие за вакво нешто!!??
Кој ве изгледа вас!? Кој ве роди!? Кој ве чуваше!?
Не, не… вие дефинитивно не сте нормални!!!
Па само два грама мозок да имате во тоа главите, ќе ви текне дека поефтино кошта бесплатен пап-тест секоја година, отколку лечењето после на тој исти РАК НА МАТКА.
Ама не!!! Вам ви е битно дај шта даш. Овие четири години да исполапате све, па што му е*ам матер после.
Ах лелелееее, толку да ви биде!! До кај што гледате вие, дотаму и животот да ве гледа.
Мамичето ваше мамино.
Нека ми простат вашите мајки. Не се тие виновни. Веројатно со најмајчински чувства и ве родиле и ве изгледале и ве исчувале.
Тоа во што вие се претворивте, тоа да ве снајде.
До МАТКАТА ли ви дојде!!??
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу