Тетке што да направам!
Секој човек е мудрост сам за себе. Од секого можеш да научиш нешто. Многу пати се покажало дека предрасудите се голем камен на сопнување. Таму каде што мислиш дека нема „материјал“, цел бунар драгоцености ќе откопаш. И обратно. Каде што мислиш дека драгоценоста извира, кога ќе загребеш, гледаш празна лејка, која само вешто манипулира со лажни адути.
И во едниот и во другиот случај имаш лекции кои учат како да врвиш низ лавиринтите на животот.
Средбите со луѓе се како тезга на пазар.
Некогаш тоа одозгора е најубавото, некогаш е обратно.
Ем треба да знаеш да одбереш, ем треба да ти се погоди. Затоа е животот една весела вртелешка, во која човек само треба да си игра. Да си игра и ништо друго.
Вчера на затворање, влегуваат во дуќан (кај мене во цвеќарница) двајца момци.
Убави како слика. Од мајка родени. Возраст, не повеќе од 20-21 година. Воспитани, дотерани, намирисани …
Добро вечер.
Добро вечер …
Сто пати сум кажала колку уживам во вакви средби.
Наеднаш ми се соединуваат и радоста, што влегуваат во цвеќарница, оти тоа значи дека имаат фини манири и дека се воспитани во духот на старите добри вредности.
Ќе купуваат цвеќе. Сеедно дали за мајка, девојка, другарка.
Сосем сеедно.
Значи радосна сум веднаш.
Љубопитноста одма скокнува „на помош“.
Што ли ќе побараат!?
Едниот го познавам. Често доаѓа. Му ја знам и приказната. Со девојката е скоро година дена и секој месец и купува по „нештичко“.
Ете така од зад грб да и подари цвет.
Овој пат го носи другар му и почнува тој да зборува за него.
Не дека овој другиов срамежлив, туку дека овој другиов веќе стар муштерија тука, па презема „реч“.
Вика, „сака да ја побара девојката да му биде девојка, па нешто да направи. Не знаеме што!?, еве вие кажете ни“.
Едвај се воздржувам да не ги гушнам обајцата.
Се воздржувам оти едниов ми има изгласано доверба, која толку суптилно ја негувам, за да не му дојдам ко стрина некоја, која, ќе му го скрши филмот, за тоа дека сум „модерна возрасна тетка“, а не некоја стринка, која чепка таму кај што не ѝ е место.
А би ги гушнала око да не ми трепне. Ама не!
„Сакам латици од ружи“ - се вклучува тука другиов!
Латици од ружи и само една убава ружа.
Многу внимателно почнувам да прашувам.
Океј велам. Сакаш нешто, за да направиш трик ситуација, за да и предложиш „да тргнете“.
Се збунува.
Знаев дека нема да го разберат ова ни едниот, ни другиот, ама намерно го кажав.
Така се викаше тоа во мое време - велам! Сепак свесно ја создавам дистанцата и додавам.
„Наместо да не знае дали се мувате, да знае дека си озбилен. Така!?
Е, е … тоа, тоа! Вели.
Океј. Супер ти е идејата му велам.
Латици од ружа и само една убава црвена ружа е топ.
Почнувам и нему да му се допаѓам, или ти почнува и он да ме свиѓа.
Само знаеш што!?-, велам, немој случајно латициве да си ги носел према спалната соба …
Неее!, вели никако.
Океј велам, ми се свиѓаш …
Во тој момент му стигнува порака.
Го отвора телефонот … (тука на кратко сопира муабетот …)
Му вика она е брат.
Другиов вика. шо ќе и кажеш брат …
Па дека ти купуваш цвеќе …
Ќе ја излажеш брат!?
Па шо да и речам бе брат!?
Јас во меѓувреме се загледувам надвор, мислејќи дека таа и другарка и, или дека таа сама, поминала покрај дуќанов и го видела …
Викам, „шо те видела“!? Тууу, ќе ти пропадене изненадувањево … Еј безвезе …
Неее вика. У Грчка е она.
Па како знае дека си тука!?
Па имаме апликација за следење.
Молам!!!???
Да бе! Она мене ја неа … Во секој момент знаеме кој кај е.
Какоооо!?, почнувам да викам и да се ококорувам.
Веќе ич не ми е гајле дали сум стринка која чепка кај што не ѝ е место.
Не ме зезај викам … Се следите!
Да бе, па сите имаат …
Како бе сите!?
Па така сите сме на тоа.
Милка, дај две столчиња (и викам на вработената)
Седнете сега тука исклучете ги телефоните, стајте ги на сајлент и да не сте мрднале.
Сеа има да ме слушате и не смеете збор да кажете.
Продолжува следниот четврток …
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: