Човек против човека
Од дете сакав маче или куче. Во мои очи тоа беше конкретно животно, нешто што можам да допрам и погалам. Татко ми беше експлицитно против чување на животно во стан, и начинот на превенција беше големата лажга дека е алергичен. За возврат добивав риби, папагали, желки, од кои еден беше фамозниот Ламбе што се има возено на мотор и одеше со мене на одмор и во училиште.. Секоја смрт на горенаведените беше проследена со температурно плачење и очај, па мајка ми по логика на настаните забрани секакво живо суштество по дома бидејќи мојата патња беше неподнослива. Се додека, 2006 година не почина Вујко ми, маестралниот Гоце Коларовски. Многу тешко поминавме со таа загуба, најмногу мајка ми. Долго време не можев да ја вратам, дел од неа засекогаш исчезна со таа загуба. Се сеќавам на моментот кога ми се јави и ми рече најди ми мачка, му кажав да татко ти или ќе добијам мачка или тој ќе си оди. Со тешко срце татко ми прифати под услов да била сијамка бидејќи биле најчисти. Кога се распрашав и кога видов дека тоа се цени, педигреа и приоритети, автоматски најдов маче од улица. Всушност ова беше маче по препорака, од Дебар Маало, од локална контејнерка и уличар татко што ги чуваше една девојка. Кога го видов знаев дека е тој, кога го ставив во скут ми тупна бокс и ме ќари. Го спакував го однесов дома и една цела недела го чував кај мене во соба без да знае татко ми. Секоја недела имавме ритуал со мајка ми за пазарење, па така и таа требаше да излеземе а татко ми беше дома. Отидов во дневна и му кажав дека кај мене во соба има мачка веќе цела недела, дека сум свесна дека не е алергичен, и дека љубезно го замолувам да не го исфрла на улица додека не се вратиме, проблемот ќе го решиме кога ќе дојдеме. Се вративме за два часа, за да го најдеме татко ми легнат со мачорот спружен преку него како ми вели, Потивко ќе го разбудиш Радован, спие.
Радован има 12 години веќе, стана мое посебно созвездие, стана маскота на мојот бренд Lovecats, мачето позади маската, и ќе стане дел од една модна бесмртна историја. Многу го болеше кога татко ми веќе не беше дел од нашето семејство и многу љубов донесе во моето семејство. Ми ги измести сите погледи за тоа што се животните, колку можат да влијаат на емоциите на една целина, и колку позитивни промени носат во домот. Сега веќе станувам прифатилиште за животни попатно, колку што ми дозволува времето. Но знам дека се додека имам моќ и способност ќе ги сакам и спасувам. Еден пријател во една конкретна ситуација ми кажа, не можеш Ивана да ги спасиш сите. Да, не можам за жал. Но можам ненаметливо и со најискрена намера да посочам колку е важно луѓето да ги почитуваат животните. Дека од нула се почнува нагоре.
Ќе се навратам на моментот вегетаријанец, фанатизам и заслепеност. Ќе се навратам на екстремни убедувања на се или ништо. Еден со друг се тераме со сила на се. Да сакаме, да мразиме, да чуваме, да убиваме, се вадиме на религија и субјективни факти и се поставивме на тло од се или ништо. Секојдневно гледам примери на убиено, удрено, прегазено, претепано, удавено, па дури и силувано животно. Се повеќе. Е сега не знам дали е до сега, до моменталнава агонија во која се поставивме, или од секогаш било само што сега се зборува за се. Која и да е ситуацијата, не е убаво. Се помалку слушам за љубов, се повеќе слушам за омраза.
Ај бе ДОСТА. Ај бе да се освестиме. Дека еден со друг почнавме да се мразиме. Дека тој што гази животно, гази и човек. Дека тој што крева рака на животно ќе крене и на човек. Дека не мора да сме екстремни, не мора да гнетеме секој ден млеко и месо и сирења, не мора да ги третираме животните ко луѓе и луѓето ко животни, дека има мерка. Дека не мора да ги мразиме животните заради лични фрустрации и да им препишуваме на нив за личната омраза. Дека со усул треба да конзумираме производи, а да се расфрламе со позитивни емоции и насмевки. Дека не смееме да се изгубиме во едниот или другиот крај, дека и луѓето и животните се важни, дека се што дише и дели кислород има вредност, дека животиштево е едно и дека тоа негативно прождеравање нема да ве однесе на убаво место, туку ќе ве остави да тонете во сопствена агонија и очај.
Јас знам дека човек што има капацитет да удри куче во глава со секира не чита колумни, ама можеби некој што познава таков чита, па ќе го поттикнам да направи нешто или бар да ја рашири приказната за да превземеме нешто. Дека со болка, болка си влечеме, дека од тешко на потешко одиме. А може да биде толку магично и волшебно, може таа позитивна емоција да ви ги побие и победи сите лоши спомени од детството, сите болки и загуби. Може со убаво да се победи се што ви ја труе душата и ве остава осамени да се борите со демоните.
Не ги тепајте животните, не се тие криви дека ние решивме да им го земеме домот. Подзакочете, следниот пат може да е човек. Пробајте со љубов, ќе ви се врати дупло.
Јас сум Ивана Кнез, еден абер до сите баби, Ве молам не ги учете децата да се плашат од животни и да фрлаат камења по нив, научете ги на љубов, онаква топла и хумана, ко што ни е дадено..
Се читаме следната недела.