Црногорката Ана 9 години живее во Струмица: Љубовта кон уметноста нè спои со Александар

Добивај вести на Viber

Ана Филев е по потекло од Црна Гора, но судбината, а пред сè љубовта ја однела „Под Царевите кули“, односно во Струмица.

Токму во овој убав македонски град се запознале со нејзиниот сопруг, уметникот Александар Филев. Тоа било пред 13 години, на Меѓународната струмичка ликовна колонија во 2008. Но, нивната љубовна врска започнала 3 години подоцна.

Ана има завршено на Академијата за ликовни уметности во Требиње, на Сараевскиот универзитет. А, постдипломските студии во Скопје, насока - сликарство. Како дете била многу талентирана. Цртала по цел ден. Имала и многу среќа, затоа што имала голема поддршка од родителите.

Иако била талентирана за цртање, завршила економско средно училиште, па пред да се запише на Академијата се подготвувала половина година.  

„Уметноста е креативна, но и доста тешка, физичка работа. Се стои долго време, треба голема концентрација, труд и трпение, секако и бои и материјали за работа. Но, јас не можам да замислам да работам нешто друго… Бев наставничка по ликовно образование и сакав да им предавам на децата, да ги потикнувам да бидат креативни“, вели Ана и споделува дека кога не слика, изработува накит, плете, и потенцира: „Не седам мирна“.

Како девојка никогаш не помислила дека ќе ја напушти родната Црна Гора, немала планови, но, Ана вели дека отсекогаш знаела што сака да биде и со каков човек покрај себе.  „Местото не ми беше важно, освен да биде со многу сончеви денови“, потенцира таа.

Филев 9 години живее во нашата земја, па не можеше, а да не ја прашаме за разликата меѓу Македонија и Црна Гора.  

* Што има Црна Гора, а го нема Македонија, и што има Македонија, а го нема Црна Гора?

- Јас многу ги сакам и двете земји. Црна Гора има море, поинаква, дива природа. Таму се моите корени, родители и пријатели. Се уште чувствувам голема носталгија. Македонија е питома земја. За овие 10-тина години се стекнав со прекрасни пријатели. Не се чувствувам осамена како што сум се чувствувала порано. Македонија има богат фолклор, архитектура и историја. На секој чекор се наоѓаат археолошки локалитети. Убава е на поинаков начин. Ми се допаѓа спојот на различни култури“, открива Ана.

Ретко кој не го разбира и зборува српскиот јазик, но како таа се снашла со нашиот јазик, поточно со струмичкиот дијалект. „Се уште не зборувам на струмички, но сакам да го слушам. Го разбирам уште од почетокот. Кога се шегувам со пријателите зборувам на струмички“, додава Ана и откри дека со нејзините две деца дома зборува на својот мајчин јазик, на црногорски: „Двете деца меѓусебно комуницираат на црногорски. Пеат и црногорски и македонски песни. Ќерката чита и пишува на двата јазика. Сметам дека е важно да ги научат и двата јазици. Оваа година почнав повеќе на македонски да зборувам со нив, за да и биде полесно на ќерка ми, полесно да се прилагоди во училиште“. 

* Какви се Црногорските мажи, а какви Македонците, во поглед на џентламени, внимателни и грижливи, средени, модерни, успешни…

- Црногорските мажи се вредни, активни, темпераментни, импулсивни. Сакаат да се знае кој е главен, да доминираат. Многу внимание посветуваат на физичкиот изглед и на модата. Зборувам генерално.

А, за Македонците, можам да кажам за мојот сопруг,  дека е внимателен, посветен на фамилијата, грижлив татко. Сака да готви и за сите обврски околу домот и децата лесно се договараме. Јас сум потемпераментна, побрза, додека тој е посмирен и така се надополнуваме. Имаме ист систем на вредности и голема љубов кон уметноста. 

 

* Од каде црпите инспирација за вашите уметнички дела?

- Инспирацијата ја црпам од старата архитектура, растенијата, модата... Тие се нештата што ги сакам и кои ме привлекуваат.

* И вашиот сопруг е уметник, дали му се „мешате“ во делата?

- Редовно се консултираме меѓусебно и прифаќаме критики. Секогаш сум искрена со него и доколку имам некоја забелешка, секогаш му кажувам. Исто така и тој на мене. Тоа го правам бидејќи знам дека со добра критика секое дело може да стане уште подобро и поиздржано. 

* Дали би се преселиле да живеете во Црна Гора?

- Доколку се укаже таква можност, секако да, за да бидам поблиску до моите. Но, јас сум и тука среќна. Се чувствувам прифатена од Македонија и македонците, искрена е Ана.


Наталија Миланова

Фото: Приватна архива