Црвено за среќа: Тијана Дапчевиќ во најтесниот круг за српски претставник на Евровизија 2022

Добивај вести на Viber

Откако помина и второто полуфинале, познати се имињата на сите 18 финалисти...

Во Србија изминатите денови се одржува Изборот за Песна на Евровизија во Торино. Вчера беше одржана и втората полуфинална вечер, па сега веќе се знаат сите 18 финалисти, кои вечерва за последен пат ќе се претстават по публиката и жирито. Имено, во сооднос 50-50, публиката и жирито ќе го избере овогодинешниот претставник на Србија, кој во Торино, Италија ќе ги брани боите на оваа држава.

Помеѓу финалистите е и нашата пејачката, Тијана Дапчевиќ, која долги години живее и работи во Србија. Се претстави со песната „Љуби, љуби довека“, која е авторско дело на Леонтина Вукомановиќ.


Во црвен костим, чевли на високи потпетици во „nude“ нијанса и шминка, со која ја заокружува целата навидум едноставна комбинација, Тијана сама излезе на сцената и издоминира како што само таа знае. Секој стих го испеа со најдлабоки емоции, а за тоа колку беше енергична, емотивна, одлична, беспрекорна, говори и аплаузот кој го доби по завршувањето на настапот.

Тијана во „зелена соба“ како поддршка ја имаше својата сестра, Тамара Тодевска, која пред 3 години, поточно во 2019 година на Македонија ѝ го донесе највисокиот евровизиски пласман со песната „Proud“.

Инаку, освен Тијана во финалето кое ќе се одржи вечерва, за евровизиски претставник ќе се борат уште 17 други изведувачи, а тоа се: Оркестарот на Александар Софрониевиќ, Зое Кида, Зејна, Гифт, Грамофонџије, Сара Јо, Наива, Чеги и Браќа Блуз, Бибер, Зорја, Лифт, Аца Лукас, Констракта, Ивона Анџелина Марија Микиќ и Ана Станиќ.