Некогаш фудбалерка, фудбалски судија и тренер, денес успешно медицинско лице и поетеса: "Пишаниот збор како лек за душата"- Интервју со поетесата Цветанка Невчева

Добивај вести на Viber

Некогаш активна фудбалерка, фудбалски судија и тренер со УЕФА Б лиценца, а денес успешно медицинско лице и поетеса која со својот пишан збор ја освои наградата „Душата на чаршијата“.

Цветанка Невчева (35) потекнува од Кавадарци, по професија е специјализирана медицинска сестра по семејна и патронажна грижа, а магистрирала на спортски менаџмент. Вработена е во ЈЗУ Институт за јавно здравје, воедно вљубеник во убавата мисла преточена во убав збор запишан во книги исполнети со поучни и мудри страници.

За себе ќе каже дека ја сака недопрената природа, ужива во слушањето музика што е допадлива за нејзиното уво и во разговорите со луѓето кои имаат што да кажат, кои имаат животни лекции за прераскажување. Нејзиното животно мото гласи: Ништо не ни припаѓа нас, само надежта којашто е сон на будните!

Поетската книга „Процвет“ е дебитантска книга на Цветанка, со која ја доби наградата „Душата на чаршијата“, на конкурсот организиран од страна на издавачката куќа „Дата песнопој“ од Битола.

Таа пишува поезија и кратки раскази. Нејзините поетски творби и раскази се објавени во антологии, книжевни списанија и интернет портали. Првата нејзина објавена стручна книга во 2019 година, насловена како „Влијанието на редовната физичка активност врз здравствената состојба, кај здравствени работници и соработници со различни социо-демографски карактеристики вработени во јавна здравствена организација во Република Северна Македонија“ од македонски јазик во 2020 година е преведена на 8 други јазици (англиски, француски, германски, италијански, шпански, португалски, руски и полски).

Нема ништо поубаво кога денот го започнувате со ваш ближен, а уште поубаво доколку тоа е вашето дете. Кога ќе ги отворите очите, и ќе го видите неговото насмеано лице, па вакви се утрата на Цветанка веќе девет месеци со нејзиниот син.

„Денот ми започнува со најпрекрасната насмевка на лицето на мојот деветмесечен син на којашто никој не може да остане рамнодушен, ниту пак јас. Се расонувам со прекрасните звуците кои доаѓаат од фреквенцијата на радиото кое преферирам да го слушам секој ден. Тоа се најчесто песните на мојата омилена поп пејачка Тијана Богичевиќ, нејзиниот глас има моќ да го погали секое срце! Потоа следува утринската прошетка по кејот на реката Вардар, во близина на нашиот дом“, раскажува Цветанка за утринските ритуали.

Наместо голтка утринско кафе, Цветанка преферира шолја топлото чоколадо, наутро и во кое било време од денот.

Позитивната мисла, искрената насмевка на лицата на саканите и даваат дополнителна енергија, освен утринските ритуали со синот.

„Прегратката, особено онаа која се случува спонтано. Кога бев дел од невладината организација „Млади за љубов“, еден од проектите којшто го имавме се нарекуваше – „Гратис гушкање“ и секоја сабота бевме лоцирани на градскиот плоштад во Скопје со транспаренти во рацете, несебично споделувајќи прегратки на секој случаен минувач, на луѓето коишто имаа потреба, а верувајте на многумина им беше повеќе од потребна! Тогаш научив дека среќата којашто се дели не се намалува, туку напротив се зголемува, исто е и со љубовта и со радоста кога се дава истовремено и се прима, а тоа верувајте е најголемата благодат во животот!

Исто така физичката активност, прошетките во природа, се разбира времето поминато со семејството и случајните средби проследени со пријатните разговори, како и секоја добра книга што ја имам прочитано и музиката која преферирам да ја слушам ми ја даваат дополнителната енергија која ми е потребна“.

За да го живееш животот онака како што ти сакаш, треба да имаш и мотив кој ќе те води. За Цветанка тоа се малите работи, а направени со голема љубов.

„Природата, која секогаш плени со својата убавина и претставува непресушен извор на инспирација. Патувањата кои носат нови хоризонти за осознавање и култури – импресиите од последното патување во Куба сè уште ми траат и ми будат убави чувства и секако луѓето кои имаат животни приказни за прераскажување“.

Во моментов ужива во деновите додека е на породилно отсуство, па и затоа најголемиот дел од обврските и се насочени кон домот и семејството, но и средбите со најблиските пријатели.

„Пишувањето поезија исто така. Во оваа прилика би сакала да истакнам дека на 08 – ми август, оваа година излезе од печат мојата прва поетска книга, насловена како – „Процвет“, наградена за најдобра поетска книга – „Душата на чаршијата“.

Песните во стихозбирката „Процвет“ се врамени во четири циклуси исполнети со книжевни и стилски изградени композиции нешто што соодветствува на современите текови во поезијата. Присутно е само емотивното ткаење на версот, за поцелосно ослободување на трепетот преку кој се дава нова силна и цврста димензија на зборот.

Ништо не ме прашувај, препушти се на мигот зашто надежта е сон на будните, за да го зграбиме здивот на животот во ѕвездената ноќ претставува дел од рецензијата напишана од Илија Мерковски, главен и одговорен уредник на издавачката куќа „Дата песнопој „од Битола.

Дизајнот на корицата е направен од страна на нашиот голем хуманист и сликар, Живко Поповски-Цветин. Низ страниците од книгата се проткаени уметнички дела, слики-масла на платно, насликани од вештите раце на познатиот хирург, д-р Јордан Невчев.

Денот и започнува со прошетка, а и така го завршува. Најчесто со вечерни прошетки низ скопските улици со сопругот и синот.

Но за крајот на денот, исто така обожува да читаа книги, тогаш се чувствува вели „како да се наоѓам во сосема поразличен свет, во светот којшто писателот го замислил, едноставно речено уживам и целосно се внесувам“.

„Книгата која ми има оставено силен впечаток се нарекува – „Срцето на хирургот“ од Фјодор Углов и топло ја препорачувам. Често посетувам кино, но секако дека и дома сакам да изгледам некој добар филм и да уживам во него.

Еден од моите омилените филмови е „Нотинг Хил“ (Notting Hill) со Хју Грант и Џулија Робертс во главните улоги“.

Мислите со кои го започнува денот Цветанка и топло ја препорачува за нашите читатели е онаа на Света Мајка Тереза.

„Тие ме следат или можеби подобро кажано јас нив, како во тек на денот, така и во животот, ги препорачувам и на читателите.

Во продолжение некои од нив:

Да правиме мали работи, но со голема љубов,

Оние кои ги осудуваат луѓето немаат време да ги сакаат,

Дочекајте се едни со други со насмевка, бидејќи насмевката е почетокот на љубовта,

Секој кој ви се приближува нека си оди од кај вас подобар и посреќен,

Има повеќе глад во светот за љубов и почитување, отколку за леб“.

Габриела Додевска Глигоровска