Д-р Илија Џонов, невропсихијатар:Тежнееме да го живееме американскиот сон, но ја прифаќаме лошата страна на тој живот – убиствата во Србија може да се случат и кај нас

Добивај вести на Viber

Ужасното масовно убиство во Белград, каде во училиштето „Владислав Рибникар“ Коста Кецмановиќ (13) уби девет лица, од кои осум беа деца, а рани седумина, кај многу стручни лица создаде страв – дали децата или младите со сличен профил, ќе излезат на површина и ќе се случи нова трагедија. Стравот се покажа оправдан. Синоќа, во селата околу  Младеновац, Урош Б. со автоматско оружје убил осум лица, а ранил најмалку 13.

Невропсихијатарот, во пензија Илија Џонов вели дека ваков вид убиства, лесно може да се случат и во Македонија, поради пристапот на луѓето кон животот - се отуѓивме и заборавивме зошто постои семејството.

- Убиството во училиштето најдобро го објасни еден српски политичар, кој рече дека влеговме во глобалниот свет. Причината е повеќеслојна. Променет е пристапот на животот, од порано. Сега сѐ е сведено на брза егзистенција, брзо богатење. Се заборава зошто постои семејството. Сведоци сме на многу разводи. Од друга страна, начинот на воспитување порано беше поинаков, нѐ учеа да не се тепаме. А сега важи правилото „ако те удрат, врати и ти“. Кога бев млад живеев во Штип и ги познавав сите во градот. Сега да прашате некого, ќе ви рече дека познава само неколкумина. Не ги познава ниту соседите. Отуѓувањето најчесто е причина за убиство. Тежнееме да го доживееме американскиот сон. Но, за жал ја прифаќаме лошата страна на тој живот. Ова убиство е очекувано, поради начинот на кој го прифативме моделот на живеење. Не е најважно материјалното. Треба да се свртиме и кон духовното. На моите пациенти секогаш им велев дека треба да ги прифатиме новините, но и да ја негуваме нашата традиција на живеење, воспитување. Ако не го сфатиме тоа, ќе имаме и кај нас убиства како во Србија. Зошто немаше вакви убиства пред 30 - 40 години? Но, тогаш беше друг начинот на живот. - појаснува д-р Џонов, кој вината ја гледа и во родителите и во начинот како ги воспитуваат децата.

- Коста Кецмановиќ е син на лекар. Таткото го обучувал детето да пука. На пример, кога бев дете не никаде не можев да видам пушка. Исто така Коста не бил прифатен од средината. Никој не го постави прашањето зошто другарите го избегнувале, сигурно имале причина. Децата се најдобри индикатори да препознаат кој и каков е. Затоа прекарите се добиваат уште во детството. Во случајов неговите сооученици препознале дека тој не ги прифаќа секојдневните случувања, како нив. И не бил како нив. Одел на стрелиште, научил да пука со оружје. А тие сигурно ниту стапнале таму, ниту пак имале интерес за оружје. – вели докторот.

Од разговорот со своите пациенти за семејните проблеми, уште одамна заклучил дека родителите помалку време поминуваат со своите деца и увидел многу грешки во воспитувањето. Тоа се едни од причините за немилите настани.

- Деновиве постојано се зборува во медиумите за убиството во училиштето. Требаше порано да се апелира и јавно да се каже какви ни се децата и во кој свет живееме. Сведоци сме и на појавата на многу млади кои користат наркотици. На пример во 70 –те години, кога бев млад лекар, имаше само седумина кои користеа дрога. А сега не можете да ги изброите колку ги има само на една улица. Требаше да се апелира дека родителите помалку време поминуваат со своите деца и дека не е во ред нивниот начин на воспитување. За мене професорите беа авторитети. Сега нема почит кон нив. Ги гледаат како противници. Сето тоа е последица на нашиот начин на живеење во овој миг. Никој и ниеден систем не може и не смее да го воспитува детето. Родителите се најбитни. – заклучува д-р Џонов.

Соња Алексоска Неделковска