Д-р Владимир Ристовски: Раните предупредувачки знаци на срцев удар кај жените се појавуваат неколку часа, недели и месеци претходно
Кардиоваскуларните заболувања се водечка причнина за морбидитетот и морталитетот во светот, вели доктор Владимир Ристовски специјалист интернист, субспецијалист кардиолог во Градската општа болница „8 септември“ во Скопје.
Жените со кардиоваскуларни заболувања обично се постари од мажите и имаат поголема експресија на кардиоваскуларните фактори за ризик, особено инциденцата на фатална кардиоваскуларна болест е повисока кај постарите жени, покажуваат клиничките студии.
Подобрувањето на морбидитетот и морталитетот на кардиоваскуларната болест кај младите жени (<55 години) е во стагнација.
ЖМ: Срцевите заболувања се најчеста причина за смрт кај жените во споредба со сите други болести. Има ли научно објаснување зошто е тоа така?
Кај жените естрогените хормони имаат корисен ефект врз кардиоваскуларниот систем, па за време на плодната возраст можат да бидат заштитени од атеросклероза. Сепак, инциденцата на мозочни удари кај жените во менопауза значително се зголемува и преваленцата на хипертензија кај жените над 75 години е исто така повисока од онаа на мажите.
Исто така анатомијата кај жените придонесува да тие се повулнерабилни во однос на мажите, пред се поради тоа што имаат помали крвни садови, имаат потенки ѕидови на коморите, помал број на црвени крвни зрнца и.т.н. Сите овие фактори придонесуваат жените да имаат поголем ризик од кардиоваскуларни заболувања во однос на мажите во подоцнежна возраст.
ЖМ: Срцеви заболувања и пропратно симптомите кои се појавуваат се различни кај жените и кај мажите. Од кои срцеви заболувања најчесто заболуваат жените?
-Коронарната артериска болест, срцевата слабост , мозочниот удар и аритмијата се најчести заболувања од кардиоваскуларна природа кои се јавуваат кај жените.
Артериската хипертензија која е позната како „тивок убиец” е одговорна за повеќе од 50 % од смртните случаи и се смета дека околу 60% од црните жени имаат хипертензија - повеќе од која било друга раса или етничка припадност. Симптомите на срцевите заболувања кај жените се разликуваат од симптомите кои се појавуваат кај мажите и наврементото нивно третирање ќе овозможи и подобро кардиоваскуларно здравје.
ЖМ: Како една жена според симптомите може да препознае срцев удар?
-Повеќето пациентки имаат рани предупредувачки знаци пред срцев удар. Тоа се таканаречени продромални симптоми и може да се појават неколку часа, недели дури и месеци пред срцевиот удар. Најчестиот ран предупредувачки знак за срцев удар е невообичаен замор и нелагодност во градите при одредена физичка активност.
При срцев удар најчест симптом е болката која што се јавува во предел на градите во вид на стегање, печење, пропагација кон долната вилица или во предел на горниот дел на абдоменот. Болката може да се шири кон левата надлактица и подлактица во зависнот од локализацијата на миокардниот инфаркт. Болката е со различен интензитет и времетраење придружена со изразен замор, гушење, гадење, повраќање, вртоглавица, срцебиење, но прв симптом може да биде и ненадеен губиток на свест.
ЖМ: Брзото темпо на живеење, стресот, консумацијата на цигари, исхраната се најчестите ризик фактори кои можат да бидат причинители за најразлични заболувања. Кои се најчестите „виновници“ за срцеви заболувања кај жените?
-Најважни бихевиројални ризик фактори за појава на срцеви заболувања и мозочен удар се нездравата исхрана, физичката неактивност, употребата на тутун, злоупотребата на алкохол и изложувањето на континуиран стрес.
Според одредени истражувачи се документира дека возраста, хипертензијата, вкупниот холестерол и липопротеините со ниска густина (LDL) холестеролот имаат големо влијание кај мажите, а за разлика од тоа пушењето, дијабетесот, триглицеридите и нивото на липопротеини со висока густина (HDL) холестерол главно имаат влијание врз жените. Дополнителни физички фактори за ризик за појава на кардиоваскуларни болести кај жените се и синдром на полицистични јајници (PCOS), хипертензивни нарушувања во текот на бременоста, гестациски дијабетес, употреба на орални контрацептиви, хемотерапии за карциноми позастапени кај жените (т.е. рак на дојка).
Истражувањата покажале дека мажите повеќе пушат кога се уморни, додека жените пушат во стресни ситуации. Утврдено е дека на возраст <50 години пушењето е поштетно кај жените отколку кај мажите, односно поврзаноста помеѓу пушењето и ризикот од кардиоваскуларни болести е поголема кај жените отколку кај мажите.
Жените кои пушат имаат 50% поголем ризик од кардиоваскуларни болести од нивните машки колеги, како резултат на инхибиторното дејство на никотинот врз естрегенската стимулација,а последица на тоа е намалена вазодилатација на крвните садови. Со прекин на пушењето за 50% се намалува ризикот од кардиоваскуларни болести за една година.
ЖМ: Постои ли старосна граница кога најчесто заболуваат жените, во која доба од животот?
-Жените во репродуктивниот период како резултат на естрогенската хормонска активност се позаштитени во одреден степен од кардиоваскуларни болести. Поминувањето низ менопауза не предизвикува кардиоваскуларни болести, но пристапот на менопауза означува точка во средната возраст кога кардиоваскуларните фактори на ризик кај жените може да се забрзаат, со што зголемениот фокус на здравјето во оваа клучна животна фаза е од клучно значење.
Кардиоваскуларните болести се убиец број 1 на новородените мајки и претставуваат над третина од смртните случаи на мајки. Околу 15% до 20% од жените имаат здравствени проблеми за време на бременоста како што е високиот крвен притисок, прееклампсија и гестациски дијабетес со што значително се зголемува ризикот кај жените за развој на кардиоваскуларни болести подоцна во животот. Според светските статистики срцевите заболувања се најзастапени кај жените над 65 годишна возраст, но секако доколку се со фамилијарна историја за кардиоваскуларни заболувања треба да обврнат внимание на ризик факторите на многу помлада возраст.
ЖМ: Колку често депресијата и анксиозноста се посочуваат како ризик фактор за срцеви заболувања?
-Депресијата и анксиозноста носат зголемен ризик од кардиоваскуларни заболувања, а негативните кардиоваскуларни исходи се почести кај жените отколку кај мажите, особено во помалада возраст.
Според Асоцијацијата за анксиозност и депресија, жените имаат 2 до 3 пати поголеми шанси од мажите да доживеат клиничка депресија, која е најзастапена на возраст од 25 до 44 години.
Депресијата секако влијае на нивото на енергија на пациентот, што го отежнува одржувањето на здрави навики за вежбање и храна, спротивно на тоа, по срцев удар, жените имаат поголема веројатност да развијат депресија, што го зголемува ризикот од развој на згрутчување на крвта, повторен срцев удар или мозочен удар.
Возрасните жени со депресивно растројство или симптоми имаат 65% поголем ризик од развој на коронарна артериска болест, а депресивните пациенти со веќе докажана болест на срцето имаат 60% поголема веројатност да имаат идни несакани кардиоваскуларни настани.
Главни социјални фактори кои предизвикуваат клиничка депресија кај оваа популациона група се стрес поврзан со работата и семејните обврски, општествени очекувања, социјалните двигатели на здравјето, како што се сиромаштијата, а во поново време и преголемата употреба на социјални мрежи исто така преставува дополнителен ризик фактор за појава на депресија.
ЖМ: Постои ли идеална тежина за да се има и здраво срце?
-Покачената телесна тежина преставува дополнителен бихевијорален ризик фактор за појава на кадиоваскуларните болести. Поврзаноста помеѓу индексот на телесна маса и кардиоваскуларните болести е во голема мера идентична помеѓу мажите и жените, односно секое зголемување на телесната тежина придонесува за зголемен ризик од коронарна артериска болест и мозочен удар кај жените.
Новите истражувања ја нагласуваат абдоминалната дебелина, утврдена со обемот на половината, како маркер за ризик од кардиоваскуларни болести кој е независен од индексот на телесна маса. Односно жените со повисок процент на маснотии во трупот во комбинација со помал процент на маснотии во нозете имаат поголем ризик од кардиоваскуларни заболувања. Како иделана тежина се нагласува жените да имаат body mass index (БМИ) од 18.5-24.9 со обем на струк помал од 80цм.
ЖМ: Каков е третманот на срцевите заболувања, дали и тој е поразличен од третманот кај мажите?
-Во принцип третманот на срцевите заболувања кај мажите и жените е скоро идентичен иако кај некои жени атероматозните плаки во крвните садови се формираат по целата должина што оневозможува дополнително да се третираат со одредени интервенти процедури (ангиопластика и стентирање) и тие се третираат најчесто со лекарства.
Одредени лекови кои се користат за срце се поефективни кај жените, додека други кај мажите. Аспиринот како антитромбоцитен лек подобро делува кај жените во превенција на мозочен удар, а кај мажите делува подобро во превенција од срцев удар.
ЖМ: Дали честата посета на кардиолог е тесно поврзана со годините на една жена или пак со симптомите кои се појавуваат?
-Потребата за посета на кардиолог пред се зависи од симптомите што ги има пациентката, но секако постои и одредена старосна граница во која жената треба да направи и одреден свој превентивен преглед за да се видат кои се и во колкава мера се застапени одредени фактори на ризик кои би придонеле да го нарушат нејзиното кардиоваскуларно здравје.
ЖМ: Кој е вашиот совет за здраво срце и превенцијата од ризици?
-Срцевите заболувања и мозочниот удар предизвикуваат 1 од 3 смртни случаи кај жените секоја година - повеќе од сите видови рак заедно. За среќа, можеме да го промениме тоа бидејќи 80 проценти од срцевите и мозочните настани може да се спречат со едукација и акција.
Најважното нешто што можете да го направите е да ги научите вашите фактори на ризик за да можете да работите на нивно менување. Колку повеќе фактори на ризик имате, толку е поголема веројатноста да развиете срцеви заболувања.
Престанокот на употребата на тутун, намалувањето на солта во исхраната помалку од 5 грама дневно, консумирањето на повеќе овошје и зеленчук, редовна физичка активност од минимум 30 минути дневно 5 дена во неделата и избегнување штетна и преголема употреба на алкохол се покажа дека го намалуваат ризикот од кардиоваскуларни болести, односно појава на акутен миокарден инфаркт. Консумирањето на една чаша црвено вино дневно и адаптација на секојдневниот стрес исто така придонесува за подобро кардиоваскуларно здравје.
Габриела Додевска Глигоровска