Да ја искористиме технологијата за добро!

Добивај вести на Viber

Живееме во свет на „паметни нешта“ на мобилни телефони, таблети, смарт ТВ, и апарати за домаќинство, со функционалности какви што досега не сме можеле да замислиме. Денес, скоро сите луѓе на светот - од деца на најмала возраст, до пензионери, се запознаени со технологијата и ја употребуваат во различни сектори и за различни цели.

Првичната намена на сите технолошки пронајдоци е тие да се искористат за благородни цели и на било каков начин да го подобрат и поедностават животот на човекот, а со тоа да ја зголемат и неговата продуктивност. Но, не секогаш е тоа така. Технологијата, како и луѓето кои стојат позади неа, се паричка со две лица.

Нашиот мозок функционира слично на принципите на информатичката технологија. Оттука, мозокот лесно се прилагодува на развојот на технологијата, а тоа е така затоа што оваа врска постои и во обратна насока -  технологијата произлегува од функциите на мозокот. Технологијата ни служи како инструмент за екстензија на нашите сетила и ментални капацитети. Тоа значи дека ни овозможува да направиме нешта кои за нас биле невозможни а за кои сме мечтаеле. Технологијата и интернетот овозможуваат нови извори на информации, нови методи и нови алатки, со кои се зголемува нашата ефикасност и за пократко време можеме да направиме нешта за кои порано ќе ни требало и повеќе животи. Секако, не треба да заборавиме дека таа може да ни помогне само доколку не дозволиме да преовладеат негативните аспекти на нејзиното користење.“ смета Професорот по психологија при Филозофскиот факултет на УКИМ - Огнен Спасовски.

Денес не можеме да го замислиме животот без мобилен телефон, без фејсбук или вибер комуникација, без инстаграм постови, едноставно без можноста на дневна основа да споделиме дел од нашето секојдневие, да продадеме одреден имиџ, да се обидеме да влијаеме на одредена тема. Технологијата има длабоко социјална компонента, ни овозможува да останеме поврзани, да комуницираме меѓу себе побрзо и полесно од било кога во историјата. Токму таа опседнатост со паметните уреди и социјалните медиуми донесе и делумно површност во комуникацијата, зависност од уредите и дефокус од вистинските вредности. Предизвика асоцијалност и анксиозност кај децата, нарушување на врската дете-родител, оддалеченост кај брачните парови, квази социјални пријателства, недостиг на искреност и директен контакт. Ова се само дел од појавите предизвикани од неконтролираното користење на технологијата, но клучно е да сфатиме дека за сето ова не е нејзиниот напредок, бидејќи како и за се друго во животот потребно е да се има контрола и ограничување.

Токму спротивно технологијата треба што повеќе да се искористи за добри цели, да го олесни учењето на децата, да овозможи визуелизација на нештата и подобро совладување на предметите, да ги поврзе оние кои не се поврзани, да ги отвори хоризонтите и можностите на бизнисите, да ја олесни комуникацијата за подобри пријателства, за подобар и поквалитетен живот. Да ни овозможи личен и професионален развој, и можност да бидеме покорисни и попродуктивни.

Како  никогаш досега технологијата е ставена во функција на подобрување на личниот живот, овозможувајќи пристап до информации, и користење различни услуги преку мобилен телефон, правејќи го секојдневието подобро и поубаво. Технологијата треба да ја искористиме за добро!  За намалување на загадувањето на водата, воздухот, за подобар транспорт, за уште подобра комуникација и взаемно поврзување.

До 2050 година, 80% од светската популација ќе живее во градовите, што би значело дека модернизацијата на секојдневното живеење, мора да почне со дигитализација на градовите и нивна трансформација во паметни градови, а се со цел олеснување и подобрување на квалитетот на животот.

Технологијата денес ни овозможува да ги искористиме своите потенцијали, не охрабрува да сонуваме и да поскаме големи нешто во нашиот живот. Единственото ограничување е нашата фантазија!

Развојот на технологијата овозможи целосно ново секојдневние и нов начин на користење на домашните уреди, мобилните и јавните сервиси, споделување на информации, ново користење на медицината.

Платформата „Интернет на нештата“  или “Internet of things“ (IoT) овозможи поврзување на електронските уреди, но и уредите со производи кои не се електронски и нивно оспособување за комуникација. На пример, замислете си ситуација:  влегувате во својот стан и музиката што сте ја слушале преку своите слушалки по пат накај дома, автоматски продолжува да свири преку звучниците од дневната соба, веднаш штом го пречекорувате куќниот праг. Или пак, машината за перење, сама се вклучува во моментот кога ќе прими информација дека има евтина струја и за тоа сте известени преку вашиот мобилен телефон. 

Луѓето веќе комуницираат со здравствените организации преку своите мобилни уреди, со вграден чип, со што далечински се следи нивното здравје, се мери температурата, пулсот, а е овозможена дури и виртуелна нега. Фрижидер што самиот нарачува храна од маркет, ветерници што сами „одлучуваат“ кога да работат, електрични автомобили што сами дијагностицираат дефект и се јавуваат на сервис…

Ова е иднината што почнува да се случува сега, и во која животот ќе биде многу полесен.