Дали децата ќе можат со часови да седат под маска: Објаснува педијатар од дебарската болница

Годинава први септември е одложен за први октомври, кога учениците ќе се вратат во училишните клупи, но со маски и ќе треба да прават редовна дезинфекција на рацете. 

Педијатрите велат дека ќе биде тешко децата на настава да седат под маски. Тие велат дека мора многу да се работи со родителите и тие за сериозноста на ситуацијата и за мерките за заштита да зборуваат со своите деца.

„Тоа е како еден ланец, мора да се работи и со родителите, да им се објасни на децата она што го слушаме, да се носи маска, да се одржува хигиена и дистанца. За  малите деца ќе биде тешко со часови да седат на настава со маски. Тие можеби ќе седат 15-20 минути, еден час, но подолго ќе биде тешко. Децата кои имаат проблеми со дишење и со алергии исто ќе имаат потешкотии за подолго носење на маски и за нив е најдобро да седат дома. Потребно е часовите да траат кратко, да можат децата да излезат надвор, на отворен простор, да земат воздух. Сметам дека децата кои имаат над 5 години треба да носат маски. Од оние деца кои сега доаѓаат кај нас, малите не носат маски, но поголемите носат“, неодамна за Фактор.мк, изјави Севдија Коџа, педијатар од болницата во Дебар.