Дали точно знаеме што е ГМО? Колку неинформираност креира неточни перцепции!

Добивај вести на Viber

Секој производ кој не содржи повеќе од 0,9% ГМО, е здрав производ за повеќето ЕУ земји. Биотехнологијата се користи за да се додадат хранливи својства на производите, да се намалат алергиите предизвикани од храна, како и за одржливост на самото производство. Присуството на ГМО во мали количини дури е неопходно, децидни се експертите.

Темата за генетски модифицирани организми (ГМО) е во фокусот на научната јавност со повеќедецениски молекуларни истражувања кои во раните 90ти години на 20 век добија на јавност преку објавувањето на првите резултати во биотехнологијата со ГМО новелираните домати во 1994 година.  Оттогаш до денес, се покренаа дебати поттикнати од политичарите, како и потрошувачите за предностите и недостатоците од ГМО храната, односно за ризиците од нејзиното производство и консумација, а кај националните влади и меѓународните институции се отворија предизвиците за градење ставови и регулатива за оваа материја.

Без претензии да одбира страна во профилациите за и против ГМО, но со јасна намера да даде одговор на загриженоста на потрошувачите, Светската здравствена организација (СЗО) во април 2014 година ги публикуваше своите одговори во однос на природата и безбедноста на ГМО храната. Нивното значење добива на актуелност особено денес кога се нагласува потребата од консензус или конвергенција на ставовите за усогласување на националните стандарди со Codex Alimentarius стандардите кои му даваат право на потрошувачот на информиран избор.

Што е генетски модифицирана храна?

Генетски модифицираните организми може да се дефинираат како организми во кои генетскиот материјал (ДНК) е променет на начин кој не се јавува природно. Технологијата често се нарекува "модерна биотехнологија"  или "генетски инженеринг". Таа им овозможува на избраните поединечни гени да се пренесат од еден организам во друг, исто така, меѓу несовршени видови.

Како се спроведува проценка на безбедноста на ГМ храна?

Проценката на безбедноста на ГМ храна главно се фокусира на: (а) директни здравствени ефекти (токсичност), (б) потенцијал да предизвика алергиска реакција (алергичност); (в) специфични компоненти за кои се смета дека имаат хранливи или токсични својства; (г) стабилноста на внесениот ген; (д) нутритивни ефекти поврзани со генетска модификација; и (ѓ) какви било несакани ефекти кои би можеле да произлезат од вметнувањето на генот.

Каква е ситуацијата во Европа и светот?

Во ЕУ не постојат специфицирани правила кои го утврдуваат етикетирањето на производите со ознаката ГМО-free. Единственото правило е производите да се во согласност со општите барања пропишани во законодавството кое го регулира означувањето на храната според Регулативата EC 1169/2011. ГМО-free производите мораат, исто така, да се во согласност со правилата за позитивно GMO означување, односно, да не содржат повеќе од 0,9% ГМО и тоа присуство треба да биде случајно или технички неизбежно (согласно Регулативата EC 1829/2003).

Пристапот на одговорните институции кои ја контролираат безбедноста на храната по однос на ова прашање во различни земји членки на ЕУ е различен. Некои земји имаат донесено национална регулатива со која е прецизно дефинирана долната граница на детектирани ГМО во производот под која тој може да се смета дека е ГМО-free.  На пример, Холандија и Швајцарија се најрестриктивни во однос на ГМО-free означувањето. Во овие земји, содржината на ГМО во производот треба да е < 0,1% за тој да може да се декларира дека е ГМО-free. Во Германија, националното ГМО-free лого ‘Ohne Gentechnik’ може да се користи за прехранбени производи кои содржат помалку од 0,1% ГМО. 

Од друга страна, Франција, Австрија, Хрватска, Грција и Луксембург имаат пофлексибилни правила и главно се придржуваат до границата од 0,9% ГМО. Во некои земји означувањето на производите е регулирано за закон, а во други има препораки и насоки за ГМО-free означувањето. 

Во Србија, на сила е закон за генетски модификувани организми (Закон о генетички модификованим организмима, Сл.гласник РС, бр.41/2009), каде во член 3 стои: “Genetički modifikovan organizam nesmatra se poljoprivredni proizvod biljnog porekla koji količinski sadrži do 0,9% primesagenetički modifikovanog organizma i primesa poreklom od genetički modifikovanog organizma”.

Границата од 0,9% дозволено присуство на ГМО во производите во ЕУ е една од најниските, т.е. најригорозните која е поставена во споредба со другите земји во светот. Јапонија, на пример, има поставено граница од 5% ГМО. Во САД на регулација на ГМО работат три организации: Министерство за земјоделство (USDA), Агенцијата за храна и лекови (FDA) и Агенцијата за заштита на животната средина (EPA). Она што овие организации имаат дефинирано е дека генетски модифицирани култури можат да се произведуваат, продаваат и консумираат се додека ги исполнуваат критериумите:  еквивалентност на конвенционалната култура, еднакви нутритивни вредности како конвенционалната култура и безбедност за човекот и животната средина. Ако нема конкретни докази дека ГМО храната е штетна, истата е одобрена за производство.

Во Табелата подолу се прикажани споредбено долните граници за присуство на ГМО во производите за кои е задолжително означување.


Не постоењето на хармонизиран систем на означување ГМО-free производи во ЕУ претставува проблем за операторите со храна. На пример, различни национални регулативи претставуваат пречка за непречено функционирање на единствен пазар, а трошоците за мониторирање, верификација и сертификација ги зголемуваат трошоците на извоз. Исто така се јавуваат и конфликти помеѓу земјите кои се членки на СТО.

Важно е да се напомене, границата од 0,9% дозволено присуство на ГМО истo така важи и за органското производство во ЕУ, согласно Регулативата EC 834/2007. Според тоа, нула толеранција за ГМО во производите за тие да се сметаат GMO-free е нелогична и научно неиздржана.

Регулатива на национално ниво

Во Македонија, во 2013 е донесен Правилник за посебни барања за безбедност на ГМ храната,  означувањето и барањата за следливост на прехранбените производи  кои содржат ГМО храна. Со овој правилник е извршено усогласување со Европската регулатива во врска со стандардите за етикетирање на ГМО, при што уделот на ГМО не треба да надминува 0.9%.  Но набрзо потоа, овој Правилник бил повлечен што означува дека моментално не постои подзаконски акт за регулација на ГМО производи, туку се применува Законот за безбедност на храна во кој е вклучено забрана за производство, продажба и увоз во РМ на ГМО храна. Поради овој факт, останува дискутабилно кој е критериумот за еден производ да се смета дека содржи ГМО, а кој производ е ГМО-free.

Она што е важно да се истакне е дека јавната дебата во врска со ГМО храната најверојатно ќе продолжи, во поширок контекст на други начини на употреба на биотехнологијата. И покрај тоа што исходот од дебатата се разликува од земја во земја и за прашања како што се етикетирање и следливост на ГМ храна до сега нема светски консензуз, сепак комисијата на Codex Alimentarius направи значителен напредок и разви насоки релевантни за етикетирање на храна добиена од модерната биотехнологија.

Дополнително, СЗО, како невладина институција презема активна улога во однос на евалуација на ГМ храната, првенствено поради две причини: врз основа на тоа што јавното здравје може да има корист од потенцијалот на биотехнологијата, на пример, од зголемување на содржината на хранливи материи во храната, намалена алергија и поефикасно и / или одржливо производство на храна; и врз основа на потребата да се испитаат потенцијалните негативни ефекти врз здравјето на луѓето на потрошувачката на храна произведена преку генетска модификација со цел да се заштити јавното здравје.

Заклучокот е дека модерните технологии треба темелно да се проценат дали тие треба да претставуваат вистинско подобување во начинот на производство на храна.