Дамата која е главна на кормилото на „Охридско лето“: Годинава очекувајте вистински гламур и спектакл

Ако се зборува за Фестивалот Охридско лето во пресрет на неговото 63- то издание, сигурно е дека долгогодишното опстојување на оваа манифестација упатува кон сознание дека, таа се потпира на нешто што навистина претставува голема традиција. А таа традиција извира од местото кое е дадено од БОГА, од градот Охрид – духовната престолнина на Македонија, градот на древноста, со волшебното сино езеро, град со долговековна културна историја со вредностите на античката цивилизација, градот со првиот сесловенски универзитет во Европа, градот на Самуиловото царство и најпосле градот – репрезент на целокупната македонска културна и духовна историја..

Реномираниот фестивал и за оваа година има предвидено богата програма, а како јаготка на шлагот е светски познатиот сопран Анџела Георгиу од Романија и холивудскиот актер од А класа- Џон Малкович. За тоа што ќе ни се сервира, што да очекуваме и за сиот гламур на манифестација, разговараме со директорката на Охридско лето, Наташа Поповиќ.

1. Оперската дива, сопранот Анџела Георгиу од Романија на 12 јули на Античкиот театар во Охрид  ќе го отвори годинешното 63-то издание на фестивалот „Охридско лето“. Дали беше тешко да ја договорите со оглед на тоа што е навистина вонсериска? И што да очекуваме од неа на сцената?

* Пред сѐ, ви благодарам за можноста да најдете место за моето интервју и за приказната за најуспешната музичко-сценска манифестација „Охридско лето“. Не би рекла дека е тешко да се договори вонсериската оперска дива Анџела Георгиу, но би рекла дека преговорите траеја  подолго со оглед на тоа што е светски прочуена оперска ѕвезда и има однапред  договорени  бројни турнеи и концерти ширум целиот свет. Но нам ни е потребна  за големото и спектакуларно свечено отворање токму заради тоа што е светско име во светот на класичната музика.  Од неа можеме да очекуваме посебно уживање што ќе нѐ одведе во светот на оперските арии. Подготовката на сцената на Античкиот театар е веќе во завршна фаза и годинава се потрудивме таа да биде поразлична од претходните години, но тоа нека остане тајна  сѐ до 12 јули во 21 часот. 

* Големо име носите и во делот на драмската програма, светски познатиот актер, продуцент и режисер Џон Малкович. Верувам дека за него ќе се крене голема прашина... каква агенда е предвидена со него- дали има посебни барања за престој, дали во преговорите за негово гостување има нешта кои се својствени за светските ѕвезди од негов калибар?

* На мое огромно задоволство годинава на „Охридско лето“ доаѓа  големата холивудска ѕвезда Џон Малкович. Прв пат во нашата земја имаме уметник, продуцент, режисер и актер  кој од најпрестижниот црвен холивудски тепих доаѓа директно на сцената на „Охридско лето“.

Да бидам искрена, иако во детали не би сакала  и не ми можела  да зборувам многу заради авторските права, можам само да кажам дека се работи  за едноставен и приземен човек и професионалец во вистинска смисла на зборот.

Џон Малкович со огромна чест и задоволство веднаш ја прифати  понудата да биде наш гостин откако ја испративме до неговиот менаџер. Изненади фактот што тој го познава целокупното наше културно наследство,пред сѐ на Охрид, но и фестивалската хроника и реномето што го изградило фестивалот во изминатите 62 години.

* А, каква ќе биде понатамошната програма?

- Станува збор за висококвалитетна и многу богата програма  која што цела година ја работиме со  музичката селекторка на „Охридско лето“ Бисера Чадловска и драмската селекторка Сања Арсовска и во соработка со ресорното министерство за култура и министерката Бисера Костадиновска Стојчевска. Ако говорам детално за секој настан од програмата, би ви одзела огромен простор во вашиот медиум, а не би го сакала тоа.  Програмата е достапна и може да се види на веб страницата на фестивалот „Охридско лето“ и во македонска и во англиска верзија.

* „Охридско лето “ ќе биде домаќин на над 1000 уметници од 20-тина земји од светот, Србија, Чешка, Италија, Словенија , Полска , Франција, Турција, Израел, САД, Украина, Шпанија, Црна Гора, Грција, Германија, Романија, Португалија, Египет,… и секако, уметници од нашата земја- што тоа значи за Македонија и дали фестивалот веќе се врамува како еден од најдобрите во Европа?

- Токму така, на „Охридско лето“ доаѓаат уметници од целиот свет. Имаме заинтересирани и од други земји што не се набројани овде, но самиот факт што фестивалот трае само 40 дена, нив ги имаме предвид за следното фестивалско издание. Впрочем, програмата се подготвува една година однапред, така што веќе се впишани во драфт-верзијата за наредната година.  

Кога се споменува „Охридско лето“, иако звучи нескромно секогаш ми е чест што се вбројува меѓу првите не само во Европа, туку и пошироко во регионот. Тоа може да се согледа и од монографиите за фестивалот што излегуваат на секои десет години, богати, пребогати со одржани квалитетни настани со исклучително вредни уметници.  Јас како прв човек на фестивалот, ќе се потрудам да го задржи досегашното високо реноме, но и да го подигнам уште повисоко. Тоа е мојата мисија и верувам дека ќе ја оправдам до крај.

* Вие како директорка на фестивалот дали ја чувствувате тежната која ја носи реномето? Дали сте се соочиле со големи предизвици во поглед на организацијата и какви?

5. Тежината е огромна, неопислива со зборови, но уште поголема е среќата и радоста, не само моја, туку и на целиот тим на „Охридско лето“.  Таа е безвременска и бесценета „тежина“. И тоа како, се соочувам со предизвици секојдневно, но тие ми се мотив и енергија за да биде приказната за „Охридско лето“ таква каква што е. Огромен предизвик откако ќе се направи програмата, е да се воспостави контактот со уметниците и  да се направат договорите, а најголем предизвик се чини е сцената на Антички театар на 12 јули. Цела година живеам и работам за тој ден, а и за останатите 39. Кога би имала крилја мислам дека на 12 јули би го прелетала Античкиот театар и би се восхитувала на убавината со која стартува почетокот на новото 63-то поглавје на „Охридско лето“.

* Кој од досегашните topstar гости на Охридско лето ви оставил најголем впечаток и зошто?

6. Ова е навистина тешко прашање кое ми се поставува често. И јас доаѓам од светот на музиката, музичар-пијанист, професор по пијано. Се школував и живеев во САД каде имав бројни мои концерти, а следев и концерти на мои колеги. За мене топстар се сите уметници од прв до последен. Не би сакала никого да издвојувам по име зашто сите подеднакво  придонеле  фестивалот да се вброи во најдобрите.

* Според лично ваше мислење, коа светски позната ѕвезда би ви било мерак да ја угостите во Охрид и на Охридско лето?

- Знам дека ќе звучи нереално, ама сите славни би сакала да ги донесам  и да се вбројат во историјата на „Охридско лето’. Сигурна сум дека секој еден би прифатил да биде дел од оваа успешна фестивалска приказна.

* Вие сте жена која е упорна во своите намери, ги остварува и тоа најдобро се гледа преку Охридско лето! Како постигнувате?

- Упорноста можеби се должи и на мојот хоропски знак(не читам многу хороскоп), јас сум двоен јарец, а тие најупорни и најистрајни.  Секогаш сум упорна и го презирам кукавичлукот зашто тој не му носи ништо добро никому, туку напротив...

И во животот кога сум имала падови како и секој човек, секогаш сама сум  наоѓала едно мало прозорче и сум испливувала на површината. Голем оптимист сум и секогаш играм на таа карта: Животот е убав и треба да се ужива во професијата и во приватноста со пријателите и семејството.  И успевам во тоа.  Никогаш не се навраќам назад на лошото, гледам во сегашниот момент и кон иднината. Не сум љубител на историја, но ја сакам географијата и упорна сум во истражувањето на светот. А како постигнувам? Честопати не знам ни сама, но кога се сака, сѐ може да се постигне. 

Небојша Толески

Фото. Охриско лето