Дарија Андовска: На друго место можеби сум потребна, но тука сум неопходна

Добивај вести на Viber

Студирала во Скопје, магистрирала во Цирих, била на докторски студии на Харвард, во САД. Последниве години е рангирана во многу престижни селекции на најдобри млади композитори, на најдобри европски композитори, па на светски композиторки кои мора да се знаат. Делата и се изведувани речиси низ целиот свет, наградувана е со домашни и меѓународни признанија. Имала и корежисерско и косценаристичко искуство на филм, чие сценарио било селектирано меѓу 200 од целиот свет, и кој бил прикажан на Берлинскиот фестивал. И тој не е единствен нејзин филм. Предава теорија на ФМУ и применета музика на ФДУ. Неделава испиша уште еден историски подвиг – две нејзини композиции, базирани на македонскиот фолклор, изведени на сцената на Bayerische Staatsoper во Минхен среде пандемија, станаа првата македонска музика, што прозвучила на оваа респектирана сцена.

Има навистина многу поводи за разговор со Дарија Андонова, прогресивна и интересна млада жена со став.

- Токму поради пандемијата, Баварската опера организира серија на концерти во кои се претставуваат членовите на ансамблот. На десеттиот концерт, под наслов „Звуци од татковината“ се претставуваа членовите кои не се родум од Германија. Милан Силјанов е Македонец по потекло, роден и образован во Швајцарија, а живее и работи во Германија со својата сопруга Нино Чохонелидзе, која е Грузијка со слична приказна. Тие решиле на овој концерт да се претстават со музика од Швајцарија и Македонија.

По препорака, Милан ме исконтактира да му напишам композиции базирани на македонскиот фолклор. Од листата од 6-7 негови омилени песни, направивме потесна селекција од 3 песни: „Си заљубив едно моме“, „Со маки сум се родил јас“ и „Сношти минав покрај вази“. Неговото име го знаев уште од времето на студиите во Швајцарија - штом ќе кажев дека сум од Македонија, сите го споменуваа Милан Силјанов, иако тогаш не се запознавме. Но, ете, чуден и интересен е животот- пандемијата нè поврза – раскажува Дарија како дојде до соработката со овие, како што вели „врвни професионалци, големи Луѓе и фантастични музичари“.

Но, и таа спаѓа во таа категорија. Професионалната биографија и е навистина импресивна, зашто нејзиното име се наоѓа во повеќе селекции на најдобри млади композитори и светски композиторки.

* Дали е светот на компонирањето и натаму родово поделен и дали се композиторките исклучок во него?

- На хартија - не, не е поделен. Но, ете, влегуваме во нова ера каде за првпат годинава беше доделен Оскар за оригинална филмска музика на композиторка (Hildur Guðnadóttir за „Џокер“, з.н.). Се надевам дека ова нема да биде исклучок кој ќе го потврдува правилото.

Мажите и жените се со поинакви физички предиспозиции, но интелектуално и емоционално не смее да има поделба, ниту позитивна дискриминација. И пак, тоа е на хартија така, но во животот е сè уште поинаку. Има многу жени кои се композиторки и тоа исклучително квалитетни, но за нас борбата е секогаш минимум двапати потешка. Да ја ставиме на страна потребата да се реализираме како мајки, што е голема пауза во кариерата, па затоа некои од нас се принудени да бираат или едно или друго. Да сумирам: има многу композиторки со врвен квалитет, борбата ни е многу потешка, но и покрај тоа не смееме да подлегнеме на позитивна дискриминација. Сето тоа во име на квалитетната музика и уметноста.

* Дали е предност да си жена во светот на компонирањето, кој претежно е или барем се чини дека е машки? Или напротив?

- За жал, напротив. Особено ако си жена која се грижи за својот надворешен изглед колку и за внатрешниот. Во многу наврати ми се случувало со непристоен предлог да се бара од мене нешто повеќе од мојата работа, затоа што сум, ете, „симпатична, интересна, шармантна“. И во многу наврати сум одбивала учество во проекти или фестивали токму поради ваквиот однос или, ако сакате, уцени. Проблемот е во објективизирањето на жената, кое некои жени го користат за да „напредуваат во кариерата“. За мене е тоа најголемата навреда. Сепак, држејќи се до моите строги принципи, кои верувам ги имаат многу успешни жени, квалитетот на мојата работа си го избори местото под сонцето и во светот.

* И во Македонија имате добиено повеќе награди, па сепак не можам да побегнам од чувството дека сте неоправдано недоволно позната за публиката. Дали е во прашање овдешното отсуство на поширок интерес за оркестарската, класичната музика?

- Па добро, не е дека само уметничката музика е маргинализирана, нели? На сметка на популарноста на политичари и разно-разни гротескни фигури, целокупната уметничка сцена е речиси непостоечка за пошироката јавност. Да прашаме било кој да наброи 3 современи светски познати и наградувани македонски писатели, сликари, вајари, режисери, поети, балетски уметници, музички изведувачи, па и глумци, или еве, научници- што мислите, каков би бил одговорот? Од друга страна, пак, сосема е разбирливо. Луѓе кои се борат да преживеат и да врзат ден за ден, немаат ниту време, ниту енергија да покажат интерес за повисоки интелектуални и уметнички достигнувања.

* Во време кога меинстримот е поп, хип-хоп или дури и рап, која е публиката на уметничката музика?

- Публиката на уметничката музика никогаш не била масовна, тоа е музика која е понапред од времето, нејзината вредност се осознава некогаш и децении и векови по смртта на авторот. Како, на пример, музиката на Бах што била откриена речиси два века подоцна од Менделсон. Да, има кросовери, меѓутоа не сметам дека треба да се симплифицира уметноста за да се доближи до пошироката публика. Сосема друг проблем е уништувањето на моќта на популарната музика преку систематското банализирање, кое текстовите ги довело до нон-сенс, а музиката до два-три тона во фино продукциско пакување. Формата над содржината. Навреда на интелигенцијата на публиката, а и задојување на оние во формативните години со нешто, кое не само што не им го помага развојот, туку и ги уназадува.

* Што е најважното што сакате да им го пренесете на своите студенти во нивните формативни години – за музиката? Па и за животот?

- Љубов, љубопитност и одговорност. Во кратки црти.

Љубов кон убавото, кон музиката, кон професијата, кон блиските, кон далечните, кон пријателите и непријателите, кон животот, кон животните, кон околината...

Љубопитност за постојано буден ум, доживотно надградување, секојдневно истражување на непознатото, себепреиспитување, отворање на нови хоризонти, љубопитност за други култури, традиции, религии, истории, љубопитност за туѓото мислење, а не за туѓиот живот...

Одговорност. Многу важен сегмент. Новите генерации ниту добиле доверба, ниту одговорност за себе и своите постапки. А без тоа - еве до каде сме стигнати. А мораат да имаат одговорност. Замислете колку сè „коинциденции“ требало да се случат за токму ние да постоиме на планетава и да ги добиеме тие скапоцени седумдесетина години во вечноста. Одговорност кон себе и другите, одговорност кон планетава, одговорност кон скапоценоста и минливоста на животот.

* Магистриравте во Швајцарија и живеевте еден период таму. Не посакавте ли во ниту еден момент да останете во „државата на европските соништа“?

- Во прв момент многу сакав да останам таму. Навистина е земјата од соништата, сè е беспрекорно и сè е можно. Се вратив во Македонија поради моите родители, кои имаа сериозни здравствени проблеми и беа инвалиди. Иако ми понудија да останам таму и да предавам на ZHdK (Zuercher Hochschle der Kuenste), поважно ми беше да можам да се грижам за нив и да бидам тука кога сум потребна. А и замислете какво е чувството да викаш брза помош во Скопје од Цирих.

Тогаш си ветив дека ќе останам во Македонија додека се тие живи. Од пред година и пол веќе немам причина да останам во Македонија, освен ова: Знам дека на било кое друго место ќе имам поубав и поквалитетен живот, знам дека на друго место можеби и сум потребна, но знам дека тука сум неопходна. Знам дека тука е важно да се случат промени, знам дека тука сум во позиција да ги помогнам тие промени, кои се за доброто на сите. На сметка на квалитетот на сопствениот живот, одбирам да бидам корисна за општото добро.

* Каква е позицијата на класичната музика денес? И што ќе смени пандемијата во однос на музиката?

- Пандемијата ќе влијае на сè, од спорт до музика до политика до социјалниот живот, економијата - буквално сè. Уметничката музика и онака, барем кај нас, е маргинализирана, сега мислам дека ќе го достигне дното. Но, имаме силни уметници, кои ќе се борат да се издигнеме над ова и да најдеме модус операнди кој ќе ни помогне на сите. Се надевам ќе успееме.

* И неизбежното прашање периодов - како го поминавте периодот на изолација? И дали Ви беше продуктивен?

- Лично навистина добро ми дојде овој период. После хроничен премор и хектичен живот, растргната со обврски, убаво ми беше што имав време да си се посветам себеси. Нам изолацијата не ни е туѓа, јас токму зборот „карантин“ го употребувам кога сум пред краен рок за некоја композиција. И да, не излегувам од дома, не спијам, не јадам, само работам.

Во овој случај не беше така жесток карантинот, иако имаше и има многу креативност. Си цртав, си пишував, си свирев клавир, си читав, гледав филмови, вежбав јога, медитирав, имав доволно време за моите миленичиња- една госпожа возрасна мачка и едно бебе-кутре кое го собрав од улица :) Единствени такви жестоки моменти, но полни со адреналин, беа пред крајниот рок за композициите за Милан Силјанов.

* И, на крајот, малку типично женски муабети. Вашиот изглед е многу актуелен и баш соодветен надворешен израз на жена со бујни внатрешни светови. Дали е изгледот уште еден начин за испраќање порака?

- Јас ги сакам трансформациите и сакам да си ги истражувам сопствените аспекти и да ги поместувам сопствените граници во сè, па и преку надворешниот изглед. Сега можеби е актуелен мојот изглед, но кога ја направив оваа трансформација, тоа секако беше скандалозно за повеќето со паланечки менталитет. Од долга црна коса на пикси-кратко бела коса е навистина подвиг. Особено што тука луѓето имаат предрасуди во однос на кратката коса кај жените. Како што порано имаа предрасуди за долга коса кај мажите, иако мислам дека тоа повеќе не е толку експонирано.

Стојам на тоа дека за моето тело и мојот изглед - одлуките се мои и само мои. Како и за сè останато. Воопшто не ме интересира кој што мисли во врска со тоа. Мојот живот, моето тело и изглед не се тука за да задоволат нечиј критериум за тоа како треба некој да изгледа за да се вклопи во општествено „прифатливи“ рамки. Исто така и не ме интересира што е актуелно. Тоа што ми е важно е јас да се чувстувам комотно во сопствената кожа и мене да ми се допаѓа тоа што го гледам, не е важно дали тоа некој го смета за модерно или не. А и вистина е дека внатрешниот живот се рефлектира на надворешниот изглед. Тоа е веројатно основата на онаа „Убавината доаѓа однатре“.

Јасна Франговска