Дарко Ангеловски – на работното место ги спасува домовите и луѓето, на одбојкарскиот терен сервисите

Добивај вести на Viber

Либерото на одбојкарската репрезентација на Македонија, Дарко Ангеловски – Шаби со своите мустаќи е најмаркатна личност во македонскиот спорт. Вели дека за својот имиџ нема идол и не би сакал да менува ништо. 

Среќен е што ја работи професијата која најмногу ја сака-пожарникар. Во моментов е ориентиран на подготовките за 33-то Европско машко сениорско одбојкарско првенство кое ќе трае од 28-ми август до 16-ти септември, а покрај Македонија, коорганизатори се Италија, Бугарија и Израел.

Мотивиран е што ќе игра пред својата публика. Во арената „Борис Трајковски“ во Скопје ќе има вкупно 15 натпревари од групата „Це“, премиерниот на 30-ти август (среда), а последниот на 6-ти септември (среда). Македонската репрезентација ќе го отвори турнирот против Данска на првиот натпреварувачки ден, на 2-ри септември ќе се сретне со Црна Гора, на 3-ти со Полска, на 5-ти со Холандија и последниот ден со Чешка.

ЖМ: Се наближува Европското првенство, дали тоа што играте пред македонската публика ви е дополнителен товар или пак ви е поголема мотивација за успех?

- Товар секако дека нема. Mотивиран сум премногу, сепак, дома си е дома, a тоа што се игра во Скопје го прави чувството уште посилно. Ова е настан што ќе се запамети во спортската фела.


ЖМ: Добрата атмосфера и шега се клуч за успех во сѐ во животот, па и во спортот. Како функционираат одбојкарите на тренинзи, во соблекувална, надвор од теренот?

- Хахаха. Атмосферата што ја има кај нас е одлична, на високо ниво. Се почнува од индивидуата, од она што го носиме во себе, но за добар резултат кај нас е потребен тим, така што ние го градиме од влез во сала, па сѐ до крај на дневните обврски. Секој ден атмосферата е сѐ подобра, а како да биде поинаку кога се игра во Македонија, Тоа не е шега. Да се знае, јас сум на врвот на пирамидата за таа екипна атмосфера.

ЖМ: Ги доживувате ли тешко поразите, како тој со Хрватска? Играте три часа и на крај губите 3:2 во сетови.

- Секој пораз е тежок особено репрезентативниот. За жал, кај нас нема нерешено, мора да победи само еден тим, во случајот тоа беше Хрватска. Имам чувство како да ни вратија за нашиот триумф во Скопје. Но, навикнати сме на натпревари во коишто решаваат нијанси, трат долго, дури и по три часа, понекогаш победуваме, понекогаш губиме, тоа е неминовен дел од спортот. 

ЖМ: Има ли сега подобри услови за работа во одбојкарската репрезентација на Македонија? Паметиме епски патувања, со расипани автобуси, спиење каде ќе стигнете и миење по бензиски пумпи... Ветивте и книга од тие настани.

- Резултатите што ги имаме сега се одлика или последица на тие автобуси и на патешествијата што ги имавме. Условите сега се перфектни, имаме сѐ што е потребно, а го немаше минатите години, така што работиме на високо ниво. Ова е показател дека пораснавме и играчки и во делувањето на Федерацијата, а тоа е предуслов за одбојката да оди на поинакво, секако, повисоко скалило. Што се однесува до книгата, има интересни теми, може многу да се пишува, но потребно е време за тоа. Ако го најдам, тоа што ќе го напишам би имало повеќе изданија, а читателите би се чувствувале како да ја читаат „Игра на троновите“ (хахаха).

ЖМ: Баравте шанса да станете пожарникар и ја добивте. Колку сте задоволен од таа професија? Како изгледа една ваша пожарникарска акција?

- Навистина имам професија што ја сакам и секојдневно се вљубувам во работата. Тоа е прекрасно чувство, иако имаме многу работа особено во овој перид од годината. Не дека кога не е лето нема, ама сега сме поактуелни, за жал. Можам да кажам дека сум презадоволен од мојата професија. А кога сме кај акциите, мора да кажам дека секогаш е различно и од секое излегување на терен се учи нешто ново. Затоа од ден на ден сум попрофесионален со сите сегменти, од подготовката на личната опрема и возилото, до текот на дејствијата. Ова е служба за почит, служба за граѓаните, служба што треба да се цени. Оваа професија не е за секого.

View this post on Instagram

A post shared by DarkAngel (@darkosangel)


ЖМ: Каков е Шаби надвор од теренот?

 - Ќе си кажам кратко – домаќин.

ЖМ: Имате препознатлив имиџ, со наострени мустаќи. Кој ви е идол во таа смисла, Гоце Делчев, со кого сте родени во ист ден или можеби, Јонче Христовски?

- Идол немам за имиџ, сето ова е само една убава епизода којашто трае со години и не би сакал да менувам ништо. Направив таква промоција на „брк“ во Скопје што ова издание сѐ почесто се гледа на улиците на главниот град.

ЖМ: Како ви изгледа еден ден? На кој начин успевате да ги ускладите обврските како пожарникар со тренинзите со репрезентацијата?

 - Не е лесно, но кога бев на подготовките за Европската златна лига и сега за Европското првенство, јас сум со репрезентацијата постојано, тренирам редовно, затоа што настап на ваков настан бара целосна посветеност. Кога двете работи се одвиваат паралелно, навистина е тешко, но ова лето успевам во сѐ.

Соња Алексоска Неделковска