Дарко Димитров автор на песната на Нутса Бузаладзе од Грузија, која се пласира во евровизиското финале, порачува од Малме: Ми недостасува македонско друштво

Добивај вести на Viber

  • Дарко Димитров, нашиот најуспешен композитор и продуцент со европска кариера повторно е присутен на Евровизија. Но, овој пат како автор на темата Firefigher која ја изведува Нутса Бузаладзе од Грузија. Пејачката настапуваше во втората полуфинална вечер и обезбеди пласман во финалето.

    Грузија ја одбра Нутса за нивни евровизиски претставник. На конкурсот пристигнале над 300 композиции. На една од нив потписник бил и авторот на „ „Еуфиорија“ во изведба на Лорен, која триумфираше на Евровизија. По преслушување на сите песни, Нутса не одбрала ниедна. Тимот се обратил кај Димитров.                                               

    -Не планирав да работам за Евровизја. Нејзиниот тим ми се јави и ме праша дали може да и направам песна. Се согласив. Ја контактирав мојата пријателка од Албанија која живее во Америка, да ми направи текст. Веднаш штом ја слушнаа песната им се допадна. Нутса дојде ја отпеа и ја завршивме за кратко време. Се пронајде во Firefigher и одлично ја изведе. Сето тоа резултираше со влез во финалето – вели Димитров кој бил автор и продуцент на повеќе теми отпеани на Евровизја од македонски и странски изведувачи.                                  

    - Никогаш не сум присуствувал на Евровизија со толкаво полициско обезбедување, поради настапот на пејачката од Израел. И покрај тоа атмосферата е одлична. Остварив добра комуникација со грузијската делегација. Тие се прекрасен тим. Но, да бидам искрен ми недостасува друштво од Македонија. Посакувам нашата земја да се врати на овој избор. Не е важно кое место ќе освои нашиот претставник. Навистина е жално да не се слушне и гласот на македонскиот изведувач. Овој настан кој го следат над 200 милиони луѓе е значаен запромоција на македонската култура. И годинава има многу убави песни. Големи шанси за победа има Хрватска. Би ја издвоил и претставничката на Ирска. Во почетокот не ми се допаѓаше нејзината песна, но со текот на времето ми стана интересна. Има поента и во музиката и во текстот – открива авторот.

    С.А.Н