Децата кои помагаат околу домашните работи стануваат поуспешни возрасни личности: Родители, ова четиво е за сите вас!

Ако вашите деца извршуваат домашни работ, постои шанса тие да пораснат во успешни возрасни, според истражувањето на Универзитетот во Мисисипи.

Се разбира, ова можеби нема да ги убеди децата да ги мијат садовите без мрморење, но добро е да се има на ум ако се прашувате дали вреди постојано да ги потсетувате дека имаат задолженија да ги извршуваат низ дома.

Марти Росман, пензиониран професор, собирал податоци во период од 25 години, почнувајќи од 1967 година, за да утврди дали има врска помеѓу успехот на децата во нивните 20-ти и инсистирањето на нивните родители да ги извршуваат домашните работи од три или четири години.

Се разбира, не постои начин дефинитивно да се докаже дека извршувањето на домашните работи значи дека вашето дете ќе биде успешно како возрасен, но се чини дека децата кои се занимавале со домашни работи во текот на своето детство научиле многу за одговорноста, вредностите, способностите и слично, и овие работи останале со нив во текот на нивниот живот.

Децата кои се занимаваат со домашни работи имаат поразвиена емпатија

Децата кои се занимавале со домашни работи имале поразвиена емпатија и подобри односи со семејството и пријателите и биле поуспешни на работа.

Меѓутоа, истражувањето го земало предвид и начинот на кој родителите комуницирале со своето дете. Викањето на децата да ги завршат домашните работи не бил добар пристап. Било корисно кога родителите му објасниле на своето дете дека му помага на своето семејство преку работа и му пружа поддршка.

Кога родителите ги навикнале своите деца на домашните работи од три или четири години, тие продолжиле да ги прават истите и како тинејџери.

Кога родителите почнале да им даваат домашни работи на своите деца од 12 и 13 години, тогаш потешко ќе се навикнеле на нив, а долгорочните позитивни последици не биле толку јасни.


На крајот, повеќе се работи за начинот на воспитување отколку за самите деца.

Се разбира, тоа не значи дека е предоцна да им кажете на вашите деца дека треба да ги извршуваат домашните обврски - можеби ќе треба само да работите понапорно за да објасните зошто е тоа важно.

И покрај корисноста на извршувањето на домашните работи, други истражувања покажале дека сега помалку родители бараат од своите деца да се занимаваат со работи по дома.

Според студијата на Braun Research од 2014 година, 82% од возрасните рекле дека ги извршувале домашните работи како деца. Но, само 28% од нив рекле дека истото го очекуваат од своите деца.

Секако, сега животот е поинаков, а распоредот на децата е преполн со воннаставни активности, домашни задачи и слично. Родителите велат дека не сакаат да ги оптоваруваат своите деца со толку густи распореди. Ако детето е веќе преоптоварено, додавањето на повеќе задолженија може да доведе до вознемиреност, а потоа и до долгорочни последици.

Има многу добри причини за децата да се занимаваат со домашни обврски

Крис Луберт, специјалист за семејно образование во Програмата за рано учење во Минеаполис, го прегледа истражувањето и рече дека има многу добри причини за децата да прават задолженија пред да започнат на училиште:

„Одговорноста за наместување на играчките позитивно влијае на успехот кога личноста ќе порасне - на факултет, во кариерата и во семејствата... Научете ги вашите деца за одговорност и придонес за семејството уште на рана возраст, и тие ќе бидат поуспешни кога ќе пораснат“.

Иако секое семејство е различно, а патиштата до успехот се многу, ова истражување треба да го охрабри секој родител кој размислува дали да го научи своето мало дете како да ги извршува домашните работи.

Иако понекогаш е полесно да правите сè сами, долгорочните последици од учењето на вашето тригодишно или четиригодишно дете да ги извршува домашните обврски ќе го олеснат родителството во иднина.