Децата нема да се разболат ако за појадок им сварите виршла наместо папаја: Мајка којa ќе ве замисли

Каде исчезнаа луѓето кои сакаат детето да им порасне во добар човек, искрен и добар пријател...

Вчера од работа, и се јавив на мојата постара ќерка и разговорот течеше приближно вака:

- Мила, како си, што правиш? Дали јадеше? Дали се умори денес на училиште?
- Мамо, добив 4 по математика. Ти рече дека секоја оценка е за ученици.
- Да, така е. Дали си ти задоволна?
- Па, сум.
- Добро. Сега малку одмори се, играјте си, слушајте го дедо, а кога ќе се вратам од работа, ќе излеземе надвор.
- Добро мамо. Но, едно девојче плачеше бидејќи доби 4. Кажа дека нејзината мајка секогаш се лути и и вика ако не добие 5.

Вака започнува систем(ат)ското упропастување на сопствените деца.

Не грижете се, ова нема да биде текст за неостварените и искомплексирани родители кои итаат и ги развозуваат своите деца по најелитните училишта за сè и сешто.
Се разбира дека за сестран развој на личноста е важно децата да бидат изложени и на музика, и на уметност, и на спорт, и на странски јазици и креативни работилници, но полека, сè во свое време, по нивна мерка, кога ќе бидат подготвени и самите ќе изразат интерес и ќе покажат иницијатива.
Зарем треба уште од второ одделение да се заситат од сè? Каде исчезнаа луѓето што сакаат децата да им пораснат во добри луѓе, искрени и добри пријатели, сигурни, среќни и емотивно стабилни, здрави личности? Ги има, за среќа, познавам и многу такви родители.

Пред извесен период по повод роденденот на својата ќерка, еден пријател рече дека сите негови очекувања се исполниле на денот кога таа се родила. Не знам дали некогаш сум прочитала нешто поубаво и поемотивно. Тоа е најмелодичната изјава на родителска љубов на сите времиња!

Драги родители, нам не ни е гнил системот, не ни е виновна оваа несреќна судбина од земја, ова болно општество со изопачени вредности. Сами сме си виновни. Не ни чинат воспитувачите, учителите, наставниците, професорите, педијатрите, стоматолозите, гинеколозите, трговците, келнерите, возачите, случајните минувачи, а ние сме си светци. Сè знаеме да правиме подобро од другите, на секого му се мешаме во работата, веднаш повикуваме медиуми или одиме кај директорот, па дури и кај претседателот на државата, затопа што денес учителката не го пофалила нашето дете.

А не сакаме да признаеме дека сите, повеќе или помалку, сме повредени од нешто, незадоволни, обесправени, нетрпеливи и така нетолерантни одиме наоколу како нагазни мини ја чекаме првата жртва на која ќе го исплукаме целиот наталожен отров.
Сме заборавиле на емпатијата и разбирањето, да се обидеме барем на момент да се ставиме во кожата на другиот, да спласнеме, да пуштиме нештото да преноќи, да разговараме едни со други, потенцијалната караница да се обидеме да ја решиме директно и без сенцазија.

Драги родители, сакајте ги вашите деца најдобро што знаете. Не мора да им организирате роденден во игротека на кој ќе дојде целото одделение, не мора да се плашите дека ќе се разболат ако за појадок повремено им сварите виршла наместо папаја или африканска диња со чиа-семе, не мора истовремено да одат на хор, на часови по клавир, германски јазик, карате, тенис…

Последниве денови, бидејќи секојдневно го носам моето учениче на училиште, забележувам колку деца не знаат да одат! И колку деца имаат со око видливи деформитети на стапалата и на нозете. За згрбавените момчиња без рамена не сакам ни да зборувам.
Децата најмногу го паметат квалитетното и содржинското време поминато со вас, вашите прегратки, бакнежи и насмевки, вашиот топол глас исполнет со љубов. Градете кај нив емоционална интелигенција и самодоверба, посветете им се, почитувајте ги и сакајте ги за да не се чудите по десет години ако станат зависници од телефони, мобилни игри, дрога…
И понекогаш признајте ја сопствената грешка, послушајте некој пријател, добронамерен совет од стручњак кој е во контакт со вашите деца, некогаш дури и повеќе време од вас, побрзо тие ќе видат некое евентуално „отстапување“ кое може да се коригира навреме ако само на момент заборавите на вашето его, се спуштите на земја и прифатите дека не сте непогрешливи.

Да се потрудиме, за промена, да ги гледаме работите од повеќе агли. Да не бидеме т.н. „хејтери“ кои секогаш ќе имаат аргумент на се. Ајде да не викаме на цел глас дека во нашиот град недостигаат паркови за деца, бидејќи, бидете реални, колку време вие навистина поминувате со децата надвор?
Во населбата каде што живеам секогаш тоа се истите родители со децата, неколкумина, и понекоја баба, дедо, дадилка. Се разбира дека на сите добро би ни дошле достапни и поразновидни содржини за децата, но што ќе ни се ако – како што неодамна се случи на еден детски фестивал – две мајки буквално се тепаа чие дете ќе седне на вртелешката. И тоа се тепаа со раце, пред децата, приредувајќи им не само една ужасна и вознемирувачка сцена, туку и доживотна траума.
Се срамам и од нас и од овој „простотилук“ во кој преживуваме, каде што одамна луксуз ни е децата да ги однесеме во театар.
Се срамам од оваа духовна пустелија на секој чекор. Се срамам од родителите кои ги воспитуваат децата буквално да газат преку трупови и дека целта ги оправдува средствата. Се срамам што понекогаш и самата се фаќам дека не го опоменувам сопственото дете кога нема да каже „добар ден, благодарам, до видување, се извинувам“…

фото: freepik.com

Извор: Стил.курир.рс