Дефинитивно, промена во начинот на облекување ќе има: Интервју со дизајнерката Катарина Лука

Добивај вести на Viber

Младата дизајнерка Катарина Лука, потписничка на линијата „KaLi Rose“ деновиве ја лансираше новата летна колекција, создадена по сите пандемиски препораки – социјално дистанцирано. Колекцијата се шиеше во Скопје, а Катарина ја дизајнираше и менаџираше - од Шведска. Родена скопјанка, со бунтовџиски дух, која досега живееше на релација Македонија – Бали – Шведска, Катарина месеците на пандемијата ги мина во Гетеборг.

За „Женски магазин“ зборува за модата, за животот и за начините на кои тие се испреплетуваат и менуваат во вакви вонредни околности, како овие низ кои минува светот.

*Како би ја опишала новата колекција која веќе е во продажба?

-За мене претставува многу моќна приказна, со премногу емоции. Освен што ја креирав, оваа колекција и ја фотографирав и никогаш, покрај толку исликани фотосесии, се немам така емотивно поврзано. Целата енергија на тоа што се обидувавме да го пренесеме не беше само на парчињата облека, туку и на нашето „ново нормално“ секојдневие кое ни е наметнато да го прифатиме. Носењето маски, дистанцираноста, губењето на социјалниот живот не одалечува од нашата природа како луѓе, правејќи да се чувствуваме осамено, прикривајќи ја нашата личност и чувства. Секако, секоја колекција ми е инспирирана од периодот низ кој живеам и во оваа јасно може да се забележи една темна страна и длабоки чувства кои никогаш конкретно не можам да ги преточам во зборови, но се надевам се разбрани.

*Дали колекцијата е создавана токму за време на последниве 4 месеци кога светот за занимаваше со пандемијата на вирусот?

-Точно, подготовката се одвиваше во последниве месеци, иако беше планирана за мај. Поради околностите не бев во можност да дојдам во Скопје каде што се произведува „Kaли Роуз (КР)“, па беше предизвик од самиот старт сè да се изведе преку видеа и пораки, а јас да сум физички отсутна од целиот тој процес. Можам да кажам дека сега сум горда на новата колекција. Без разлика на сите пречки и задоцнувањето од два месеци, успеавме да останеме во нашиот ритам на креирање.

*Се чини дека колекцијата е некое природно продолжение на претходната, презентирана пред две години на Fashion week во Скопје. И таа и оваа, имаат некоја дистопична, постапокалиптична димензија. Ако тогаш немаше конкретен општествен амбиент како предизвик за таква колекција, сега го има. Што те придвижува кон вакви парчиња? Главно црни, минималистички, по малку и дрски...

-Од самиот почеток, стилот на КР е, главно, тој дистописки, постапокалиптичен амбиент со акцент на црната боја. Некогаш може да се забележат и малку футуристички елементи низ колекциите со сребрени и златни деталји. Секое креирано уникатно парче за мене е уметност низ која изразувам емоции исто како и преку музицирање, сликарство, танц итн. Она што ме придвижува кон овој стил е и мојот начин на живот и револуционерен дух, кој не подлежи на нормите во едно контролирано и монотоно општество во кое уште од деца ни е наметнато да се вклопиме. Напротив, треба да се издвојуваме, да бидеме тоа што сме и што го чувствуваме, без разлика на туѓите мислења. Затоа веројатно и се чувствува таа дрска, бунтовна енергија која повеќе би ја нарекла храбра и самоуверена да се осмелиме да бидеме различни.

*Како ќе влијае пандемијата на модата? И во која насока ќе ја сврти?

-Како многу други, така и модната индустрија е драстично погодена од оваа криза. Голем број затворени продавници низ светот, се забележува веќе поголемо движење во он-лајн купувањето на она што моментно може да го носиме. Тоа можам да го забележам и во мојата он-лајн продавница. Обично во летниот период се продаваа поуникатните, несекојдневни и по малку откачени парчиња, главно се спремаа костими за настани и фестивали, но ова лето е различно и најчесто има нарачки за маски и поедноставни, урбани дизајни. Дефинитивно, промена во начинот на облекување ќе има. Сè уште е можеби рано да се знае како точно ќе изгледа промената, останува на дизајнерите да го апсорбираат и изразат она што се случува. Но, едно е сигурно - маските се веќе составен дел од секој outfit. Новите рестрикции и правила влијаат и на модните настани, носејќи ги во новиот дигитален простор на онлајн стримови на модни писти без гости.

*Ти практикуваше онлајн-продажба пред тоа да стане препорачана практика како што е сега. Предности и недостатоци?

-„Кали Роуз“ постои како онлајн продавница, но и физички во неколку градови низ светот во рамки на концептуални продавници. Во нормално време, може да се сретне низ дизајн-маркети и музички настани како pop up store. За мене овој тип на онлајн работење има само предности, најбитна ми е слободата и пресреќна сум дека можам да одлучам во кој дел од денот ќе работам и колку време. Лап-топот е секогаш со мене така што можам да работам и додека патувам или додека сум на одмор. Со брз и функционален транспорт од/до Шведска е лесно, така што секој клиент може да биде услужен со замена на величина или повраток на нарачката.

*Како влијаеше овој (пандемиски) период на тебе? И каде го поминуваш?

-Можам да го опишам како период на измешани емоции, не само заради општиот глобален хаос, туку и во мојот приватен живот. Верувам дека на многумина од нас ни влијае оваа ситуација во која сме сите заедно со ниска енергија. Многу работи се променети, ограничени, забранети и сè уште не можам да го прифатам новиот начин на живот. Денес, уште повеќе ја ценам слободата и животот кој го имавме пред пандемијата, а во кој трагавме нон-стоп по повеќе. Сега, пак, сè што сакаме е само да се вратиме на него. Имам среќа што воопшто не бев во карантин овој период, затоа што живеам во Шведска, но сепак многу ми фалат патувањата, пријателите, журките итн.

*Шведска, поради својата стратегија, различна од сите други, беше често цитирана земја во последниве 4 месеци. Дали беше поедноставно или позбунувачки да се живее пандемиското време таму?

-Секојдневно се будев со благодарност дека живеам тука и дека горе-долу овој период беше доста нормален. Како и секој друг ден, можев и сега да вежбам во теретана, да одам на јога, да седнам во ресторан или во бар, дури и да одам на неколку кратки патувања низ земјава. Освен што аеродромот беше затворен и голем број настани се откажани поради што многу планови за промоција на брендот пропаднаа, за ништо друго не можам да се пожалам. И добро ми дојде една долга пауза да бидам дома и да работам на себеси. Ја поддржувам одлуката на шведската влада за оваа стратегија. Во ниеден момент не се почувствува паника, ниту хистерија на прекумерно купување, се почитуваат правила на хигиена, правилата на дистанцираност, ништо специјално ново за Шведите.

*Твојот досегашен животен принцип на модерно номадство целосно е нарушен како последица на вирусот. Какви се плановите сега?

-Моите сегашни планови се да не планирам ништо во наредниве месеци. Како и сите други, не знаеме што да очекуваме ниту од наредниот ден, а не пак подолгорочно. Визија, важно, постои и цели напред кон остварување на сите пропаднати планови оваа година. Патувањето е дел од моето живеење, секоја дестинација и искуство е темелот на моето јас и се надевам дека набргу ќе може да се вратиме на нашите животи, но со поотворена свест и почит кон сопствениот живот и кон другите живи суштества на оваа планета.

*Размислуваш ли веќе за следна колекција? И дали ќе останеш во тој постапокалиптичен манир?

-Секако, КР веќе се распознава по тој дистопискиот манир низ светот, може да варира некогаш од футуристички па сè до уличен стил, но отворена сум и за разни експерименти. Црната боја и кожните детали се заштитниот знак на овој бренд и мислам дека никогаш не би отишла во друга насока. Со убави мисли напред, планирам зимската колекција да биде подготвена веќе на почетокот на октомври. Моментно со мојот тим работиме костимографија на француски краткометражен филм, кој ќе почне да се снима кон крајот на ова лето и тоа е убава светла точка што ме инспирира и води напред.

*На крајот, што можеби требаше да биде и на почетокот – како започна да се занимаваш со моден дизајн? Мислам дека твоето формално образование е сосема различно?

-Моето формално образование е далеку од моден дизајн и од било што креативно. За жал, немав поддршка да учам ниту средно, ниту факултет по моја желба, иако сè што паметам е дека од мала нон-стоп цртав модели. Работев на разни места, разни професии низ годините и никогаш не ме исполнуваше ниедна од нив. Потиснатиот талент во мене ми даваше чувство и мотивација дека можам многу повеќе од тоа и дека е време да се изборам и да го манифестирам. Почнав со правење на многу едноставни маички и хеланки, продавав накит по базари и на улица, нема срам од ниедна работа доколку целиш на твоите голови. Бара посветеност, енергија, време, жртва, некогаш работам по цели денови без викенди, но сето тоа вреди затоа што единствениот начин да имаш успех е да имаш љубов спрема тоа што го работиш.

Јасна Франговска