Денес се празнува споменот на светите жени мироносици

Добивај вести на Viber

На овој ден - трета недела по Пасха, се празнува споменот на светите жени мироносици.

Овие жени се првите вистински сведоци на Воскресението, а Јосиф и Никодим беа сведоци на погребението. Сето ова е мошне значајно и совршено ја резимира христијанската догма. Никодим беше веднаш избркан од синагогата, бидејќи не го делеше мислењето на Јудеите. Јосиф, пак, откако го погреба телото на Господа, беше фрлен во еден ров од страна на Јудеите, но со Божја сила беше изваден од него, и отиде во своето место Ариматеја. Кога Христос Воскресна, му се јави кога тој беше во окови, и го увери подобро во тајната на Воскресението. Иако претрпе многу од Јудеите, не ја криеше тајната на Воскресението, и смело раскажуваше за се што се случило. Се вели, исто така, дека Никодим беше првиот кој писмено и подробно објасни се во врска со страдањето и Воскресението, бидејќи, како член на Синагогата, ги знаеше сите советувања и одлуки на Јудеите. И од оваа причина, како што рековме, како вистински сведоци на погребението, тие го зазедоа местото заедно со жените што го видоа Воскресението. По првото уверување што го даде Тома, еве го и второто благовестие по осум дена.

 Секако, жените се тие што први го видоа Воскресението и за него ги известија и учениците. 

Тие се наречени мироносици од следниве причини: поради тоа што беше празникот Пасха, саботата, што ја подготвуваше овој петок, беше голем ден. Затоа Јосиф и Никодим брзаа да го погребат телото на Господа. Според еврејскиот обичај, тие го помажаа телото со мириси, но не баш како што треба. Тие го прелија со алое и смирна и, откако го завиткаа во плаштаница, го положија во гробот. Заради тоа, имајќи топла љубов кон Христа, како и учениците, купија скапоцени мириси и отидоа рано заедно (на гробот), поради стравот од Јудеите, за да Го оплачат и помажат, и да го довршат она што не беше завршено поради недостаток на време. Кога тие пристигнаа, имаа различни виденија: во гробот имаше два светли ангела, и трет кој седеше на каменот. Потоа Го видоа и Христа и Му се поклонија. Магдалина, пак, мислејќи дека Тој е градинарот, и самата Го запраша.

 Имаше многу мироносици, но евангелистите ги спомнуваат најважните, а другите ги оставија. Тие се следниве: Првата, меѓу сите, е Марија Магдалина, од која Христос истера седум демони. По Вознесението Христово таа отиде во Рим, според она што го знаеме, и на нова смрт ги предаде Пилата и првосвештениците, известуваќи го императорот Тивериј за настаните во врска со Спасителот Христа. На крајот таа се упокојува во Ефес и ја погребува свети Јован Богослов. За време владеењето на царот Лав Мудриот нејзиното тело е пренесено во Константиновиот град (Цариград).

Втората е Саломија. Таа беше ќерка на Јосиф кој подоцна стана свршеник на Марија. Самата, пак, таа беше омажена за Зеведеја, од која се родија евангелистот Јован и Јаков. Јосиф имаше четири сина: Јаков, наречен „Малиот" Јосиј, Симон и Јуда, и три ќерки: Естира, Тамара и Саломија Зеведеева. Така, кога во Евангелието се зборува за Марија, мајка на Јаков Малиот, и за Јосиј (или Јосиф), треба да се мисли дека станува збор за Богородица, бидејќи, според законот, таа се смета за мајка на Јосифовите деца. Од ова произлегува дека евангелистот Јован бил „сестричник" Христов, како син на Неговата „сестра“ (полусестра, што бирекле ние) Саломија.

Третата мироносица е Јована, жена Хузанова, кој беше надзорник и администратор во домот на царот Ирод. Четвртата и петтата беа Марта и Марија, сестрите Лазареви. Шестата беше Марија Клеопова (сопругата на Клеопа). Седмата беше Сузана. Сите други, како што соопштува божествениот Лука (заедно со Матеј и Марко), беа жени кои Му служеа на Христа и на Неговите ученици, помагајќи им со свои средства. Бидејќи тие го проповедаа Воскресението (Христово), и придонесоа да ни бидат предадени бројни догмати, не известија и не уверија во вистинитоста на Христовото Воскресение,

  Црквата ни го пренесе обичајот да го празнуваме нивниот спомен, по оној на Тома, бидејќи тие беа првите што Го видоа Христа воскреснат од мртвите, и на сите им ја пренесоа благовеста за спасението. Тие совршено живееја според Христа, како што прилега на жени кои се научени од Христа. По молитвите на светите мироносици, Боже, помилуј не.

Извор:Премин Портал