Денес се празнува Светиот маченик Евпсихиј: Го врзале за дрво и го мачеле до смрт, а потоа станал Светец

Овој светец бил од благороден род и добро воспитан во благочестивата вера, во времето на царот Јулијан Отстапник, кога во Кесарија со Црквата Божја управувал светиот Василиј Велики. На денот на неговата свадба се славел и незнабожечкиот празник на принесување жртви на идолот Фортуна. Кога за ова разбрал Евпсихиј, на среде свадба отишол со другарите и ги искршил сите идоли во храмот, а потоа го разурнал и целиот храм. Кога слушна за ова царот Јулијан многу се разгневил и наредил сторителите да бидат убиени, многубројни христијани да се земат за војска, да им се наложи огромен данок на христијаните за да може на нивна сметка повторно да се изгради храмот на Фортуна, а на градот да му се одземе почесното име Кесарија (кое му го беше дал кесарот Клавдиј) и да се нарече со поранешното име Маза. 

Свети Евпсихиј поради стореното дело, најпрво го врзале за дрво и страшно го мачеле, а потоа го убиле во 362 година. По некое време, свирепиот цар Јулијан патувајќи за Персија го посетил овој град, тогаш во пресрет му излегол свети Василиј и во знак на почест и гостопримство изнел три јачмени лебови. Царот по ова наредил на светителот како дар да му дадат грст сено.

„Ти нам ни се подбиваш цару. Ние ти принесуваме од лебот со кој што се храниме, а ти нам ни даваш храна за стока, која што ти со својата власт не можеш да ја претвориш во човечка“. На ова царот му одговорил: „Знај дека со тоа сено ќе те хранам и кога ќе се вратам од Персија!“ 

Но злобниот отстапник никогаш повеќе не се вратил жив од Персија, зашто загинал со заслужена и неприродна смрт.


Фото: Православенкалендар/денови