Денешниот ден ги изгуби сите бои...засекогаш
Нема да се заборави и нема да помине. И нема да биде исто, никогаш повеќе. Колку и да сме минале низ сито и решето патувајќи низ животот, има работи кои секогаш се како ненадеен удар во стомакот. Снемува воздух, не можеш да вдишеш, ниту да издишеш. Потполна немоќ која парализира.
Човек никогаш не се навикнува на шокот, острата болка во градите и неверувањето кога ќе чуе дека некој убил дете. Не постои никакво логично објаснување за насилно одземен живот кој не е дури ниту заживеан како што треба. Не постои никаква логика во универзумот за вакво нешто, едноставно нема. Но, она што постои е тагата и болното чувство на загуба, иако не си го ни знаел детето...ама дете е, а детскиот живот е светлина, надеж, најголем и најскапоцен дар.
Не постојат зборови за утеха, не постои начин за да се олесни болката на родителите. Нема начин како да се врати времето наназад, како да се направи било што со кое ќе се смени исходот од сето ова што се случи. Постои тага, гнев, страв, изгубена верба дека живееме на безбедно место, дека децата ќе ни растат безбедно.
Изгубивме дете, сред бел ден исчезна дете кое нема да се врати дома. Изгубивме многу повеќе од дете, изгубивме еден цел прекрасен и шарен свет. Денешниот ден ги изгуби сите бои...засекогаш.
Почивај во мир Вања, нема да бидеш заборавена...
За дете не поминува
и боли
а не знаеш зошто
ама боли од мигот на зачнување
дур во себе го носиш
со рацете на стомакот
како да го штитиш
да го покриваш во себе
и ќе го износиш
цел универзум од себе ќе извадиш
кој тежи едвај неколку килограми
и потем цел живот така
ќе плачеш со него
дур сестрата вакцини става
та ќе ти иди да ја плеснеш по рака
и да ја отераш во мајчината сосе шприцот
ќе лелекаш на првото запче
одраното коленце со бакнежи ќе го покриваш
и дур спие ќе проверуваш дал дише
на секоја температура ноќи ќе бдееш
и душата ќе те боли
а ко ќе порасне
не дека нешто ќе се смени
ете
ќе сакаш од луѓето да го штитиш
а знаеш дека не можеш
дека по својот пат ќе врви
ама ќе те боли
секоја солза
и секој трепет
како твој да е
та ќе проколнуваш
оти не можеш да го покриеш
со раце да го заштитиш
како во стомакот дур ти спиело
таа болка
таа никогаш не минува
само други облици добива
чекање на прозорец дур се врати од некаде
тахикардија дур се јави
повторно од некаде
не поминува
никогаш не минува
и не слабее стравот
а како врват годините
стануваш ко баба ти
па се молиш
иако во Господ не веруваш
и си велиш
“само со ред да е, со ред да биди”
оти за дете
за дете не поминува.