Денеска го славиме Меѓународниот ден на пицата: Факти за Нејзиното Височество кои досега не сте ги знаеле

Меѓународниот ден на пицата се слави денес, 9-ти февруари, а по тој повод ви пренесуваме неколку факти за вашето омилено јадење кои досега не сте ги знаеле.

-Општо е мислењето дека пицата потекнува од Италија, но тоа не е точно. Настанала во античка Грција веднаш штом Грците ја усовршиле „тајната“ на мешањето брашно со вода.

-Во почетокот тоа бил рамен леб печен под врел камен, а древните „пица мајстори“ го премачкувале со масло измешано со зачини.

-Веројатно пицата го добила изгледот што го знаеме денес дури кон крајот на 16 или почетокот на 17 век, кога во Европа пристигнале доматите од Америка, без кои денес тешко можеме да ја замислиме пицата.

-Во 18 век, овој „леб со сос од домати“ стигнал до Неапол, Италија, а вештите трговци го почувствувале потенцијалот: пицата, веќе под тоа име, почнала да се пече и продава на плоштади.

Лоша храна за кралското непце

Била погуста од пицата што ја правиме и јадеме денес, а на сиромашните им била одлична за да го задоволат гладот ​​- густо испечено тесто премачкано со тенок слој сос од домати. Вкусно и евтино.

Во 1889 година, кралицата Маргарит од Савој го посетила Неапол и видела многу луѓе како јадат нешто непознато за неа. Таа била љубопитна, но бидејќи оброците што се добри за селаните не се доволно добри за една кралица, дворскиот готвач решил да ја прилагоди пицата на кралското непце.

На тестото ставил домати, моцарела и свеж босилек, наводно инспириран од боите на италијанското знаме (црвена, бела и зелена). Се разбира, ова е веројатно само романтизирана верзија, бидејќи многу поверојатно е дека кралскиот готвач ставил докажана комбинација на состојки на новото јадење што требало да го проба кралицата.
Пицата, секако, го добила името Маргарит. А, останатото е историја.

Ако сте меѓу оние кои сакаат да испечат пица со состојки по ваш избор, продолжете со читање на овој текст бидејќи следуваат одлични трикови.

1. Тесто

Ако тестото за пица го подготвувате сами, една од најчестите грешки е да не го оставите тестото на страна да „стои“.

Исто така, тестото никогаш не го развлекувајте со сукало. Направете го тоа со вашите раце. Ако тестото се „влече“ откако ќе го расукате, тоа значи дека треба да го оставите да отстои малку на собна температура.

2. Сос од домати

На тестото не ставајте купен сос од домати. Многу е подобро ако го направите сами. Земете малку домашен сок од домати, посолете по желба, додадете малку босилек или оригано и размачкајте го тестото. На рабовите намачкајте поголемо количество сос, а на средина помало количество.

3. Полнење

Не претерувајте со состојките за пица. Ако додадете пршута, на пример, внимавајте да не додадете други солени состојки кои можат да ја направат пицата премногу солена и нејадлива.

4. Температура на печење

Недоволно топлата рерна е уште една грешка при печењето пица. За другите јадења треба да внимавате да не се прегрее рерната, но тоа не е случај со пицата. Загрејте ја рерната на максимална температура и само кога е навистина жешка ставете ја пицата и печете ја десетина минути.

Пријатно и среќен Ден на пицата!


извор:zena.blic.rs
фото:instagram