Десетте нови празници во Македонија на собраниска комисија

Десет нови празници се воведуваат во официјалниот календар на Македонија и сите се наменети за најмалите етнички заедници со предлог-законот за измени на Законот за празниците кој денеска ќе се разгледува на собраниската Комисија за политички систем.

Ќе се воведат десет нови празници за заедниците кои во Преамбулата на Уставот се наведени како „други“. Свој ден за славење ќе добијат Словенците, Унгарците, Полјаците, Балканските Еѓипќани, Хрватите, Црногорците, Ерменците, Бугарите, Грците и Русите кои живеат во Македонија.

Ова е предлогот на група пратеници за измена и дополнување на Законот за празниците на Република Македонија. Пратениците воедно предлагаат и промена на името на законот, во закон за празниците на Република Северна Македонија.

-  8 февруари, ден на словенската култура, за припадниците на словенечката заедница.

– 15 март, национален ден на Унгарците, за припадниците на унгарската заедница.

– 3 мај, национален ден на Пољаците, за припадниците на полската заедница.

– 24 јуни, меѓународен ден на Балканските Египќани, за припадниците на египќанската заедница.

– 25 јуни, национален ден на Хрватите, за припадниците на хрватската заедница.

– 13 јули, национален ден на Црна Гора, за припадниците на црногорската заедница.

– 21 септември, национален ден на Ерменците, за припадниците на ерменската заедница.

– 22 септември, ден на независноста на Бугарија, за припадниците на бугарската заедница.

– 28 октомври, ден на независноста на Грција, за припадниците на грчката заедница.

– 4 ноември, национален ден на Русите, за припадниците на руската заедница.

Образложението за воведување на десет нови празници е дека во Македонија покрај заедниците кои таксативно се набројуваат во Преамбулата на Уставот, врз основа на податоците од последниот попис на населението, живеат уште и припадници на етничките заедници на Египќаните, Црногорците, Хрватите, Словенците, Полјаците, Унгарците, Украниците, Русите, Ерменците, Бугарите и Грците. Овие заедници се организирани во соодветни здруженија на граѓани, со што го негуваат својот културен и етнички идентитет.

Со усвојување на предложените изменувања и дополнувања на Законот за празниците ќе се укине дискриминацијата и исклучувањето што го генерира Законот врз припадниците на заедниците кои се познати како „другите“ од Преамбулата.

Со предлогот на закон се врши изменување на насловот и одредбите од членовите 1, 2 и 6 на овој Закон, се со цел да се усогласи Законот со измените на Уставот за промена на уставно име од Република Македонија во Република Северна Македонија.