Дита Старова Ќерими: Ќе го чуваме ли ковид-стресот приватно или ќе создадеме големо дело на болката и стравот?

Добивај вести на Viber

Секоја средба со Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија, е инспиративна. Сликарка по професија, шармантна и пријатна по природа, таа е доблесен соговорник за многу актуелни прашања од нашето животно и креативно секојдневие, особено потенцирани сега, среде актуелнава ковид-ситуација.

*Оставаме зад нас, полека и постапно, повеќе од двомесечна корона-хибернација. Како го чувствувате овој живот ставен на пауза?

-Продолжувам најдобро што можам, колку што е можно да го одржувам континуитетот на започнатата и тековна работа, свесна за објективните ограничувања кои важат за сите. Уметноста по природа зрачи со своите естетски и етички значења во сите времиња. Затоа настојуваме да ги почитуваме императивите на тој процес, со презентирање на нашето национално богатство преку дигиталните мостови што ги имаме на располагање.

Во мојата професионална сликарска дејност, работам на самостојна изложба која преставува континуитет на моите досегашни претставувања. Иако во текот на овој период повеќето продавници за сликарски  материјали беа затворени, во уметноста не постои „изгубено време“. Да го парафразирам Марсел Пруст, уметноста е, всушност, откриено време.

*Помага ли уметноста да се „излезе“ од изолацијата наметната поради пандемијата?

-Секоја криза создава реални промени и нашите активности во голема мера зависат од идеите и ставот што го усвојуваме наспроти новонастанатата ситуација. Во моментов доживуваме глобална криза поради ширењето на корона-вирусот. Во такви околности, можноста да се развијат личните вештини на отпорност произлегуваат од одредена интелигенција и, пред сè, од способноста да се насочуваат мислите кон позитивна, наместо да се втурнуваат во поразителна и нихилистичка состојба. Поточно, отпорноста е став што ни овозможува да ги надминете своите тешкотии и да ги претворите во реална можност да продолжите  во безграничните простори на творештвото. Тука се вклучува и преиспитувањето  на внатрешните пориви и користењето на личната креативност ии моќ за да продолжите да се движите напред во секакви околности. Токму отпорноста ја материјализира нашата способност да си ја вратиме психичката моќ по моментите на неволја. Не треба да се заборави, згора на тоа, дека човечкиот род не можел да преживее, да се развива и да доминира на оваа планета освен во апсолутна солидарност и во одбрана на животот. Покрај тоа, лекциите од природата покажуваат дека животните и растенијата претрпуваат постепени или радикални промени во нивниот животен циклус, понекогаш како дел од нивната природна благосостојба. Според моето скромно мислење, отпорноста е посуштинска денес од кога било порано, затоа што минуваме низ тешки времиња. Оттука, отпорноста мора да биде главен одговор против стравот што го парализира размислувањето и дејствувањето. За да се постигнат посакуваните резултати, важно е да се прифати реалноста на промените, да се биде објективно ориентиран и, пред сè, да се фокусираме на она што може да се стори за да се вратиме на претходната нормална состојба. Јасно е дека не можеме да избегаме од кризи какви што се смрт, трагедија, губење на работа или финансиски проблеми, но сепак можеме да дејствуваме кога ќе имаме можност да го избереме својот став и својот начин да реагираме.

Стивен Хокинг, еден од најголемите умови на нашето време, не дозволи предизвиците во животот да го запрат. Тој продолжи да учи и стекна 12 почесни дипломи. Во една пригода ќе каже: „Не заборавајте да погледнете горе во ѕвездите, а не долу во вашите стапала. Никогаш не откажувајте се од работата. Таа ви дава значење и цел во животот и животот е празен без неа. Ако имате доволно среќа да пронајдете љубов, запомнете дека е таму и не земајте ја здраво за готово“.

*Галеријата беше една од малкуте институции која во оваа пауза постојано организираше разни иницијативи. Детски цртежи, па уметнички дневници. Прави ли Галеријата можеби некоја своја документација, некое свое сведоштво за ова време?

-Колку ситуацијата станува потешка толку повеќе човештвото има потреба од културен комфор. Соочени сме со многу прашања, теоретски и практични. Не можеме да го игнорираме овој контекст. 

Заглушувачка тишина на улица. Бурна атмосфера на платно. Во овие времиња на затворање, контрастот помеѓу двете сфери го достигнува својот врв. Додека јавниот простор е напуштен, социјалните мрежи се заситени со содржини: видеа, коментари, форуми, изложби, концерти во живо итн., кружат со полна брзина. Без разлика дали сте соло или во група, со или над основните потреби (доволно храна, покрив над глава и сл.), на луѓето им е потребна културата за да ја одржат својата човечност.

Како што навестува СЗО, долго ќе треба да се живее под посебни заштитни мерки, без вакцини и лекови. Ќе треба да се пронајдат други начини на комуникација меѓу уметниците и јавноста надвор од вообичаената, традиционалната комуникација на гледање на делата, ритуалот на отворање на една изложба со голем број посетители. Сега се дава голема предност на дигитализацијата, на експонирање преку електронските медиуми. Ова е огромна криза за културата, зашто културните институции беа меѓу првите кои ги затворија своите врати. Затоа продолжуваме преку социјалните медиуми да го надополнуваме изгубеното по прекинот на јавните настани со публика. Но сепак, дигиталното претставување не е замена за сѐ.

Затоа се појави и потребата за проектот „Уметнички дневници“, да ги прашаме и уметниците како работат и како влијае врз нив ова посебно време на криза и дигитално експонирање. Моите размислувања, според тоа, се насочени кон сите уметници кои целосно, и духовно и материјално, се вложија во својата уметност, со организирање изложби и продукција на дела, и кои сега се наоѓаат во деликатна финансиска состојба поради суспендирање на сите настани и неможноста за финализирање на тековните проекти, како да се најде вистинскиот начин да им се помогне во името на уметноста и културата, но и во името на човечноста.

*Многу светски музеи се зафатија со амбициозната акција за меморирање на пандемијата, која по многу основи е и ќе биде пресвртна точка во нашите животи. Дали со тоа музеите и галериите ја редефинираат својата улога само како простори за изложби?

-Ковид-19 го промени нашиот секојдневен живот на многу начини и ги преобликува нашето однесување, заедниците и општеството за наредните генерации. Ние во Галеријата работиме на тоа да ги документираме сите овие промени. Ако посетителите не можат да дојдат во музејот, мисијата на музејот е да влезе во домовите на посетителите. Овој период нè принудува да измислуваме други формули, што е многу добро. Но, според мое мислење, ова не може да го замени директниот однос со уметничките дела, вистинската посета на една изложба, директниот дијалог со уметниците и медијаторите. Сигурна  сум дека по завршувањето на овој период сите ќе побрзаме кон културните простори, обновувајќи ги своите стари навики.

Тешко е да се предвиди момент кој никој не го очекувал, но длабоко се надевам на промени во нашиот животен стил и размислувања, дека повеќе нема да „произведуваме прекумерно“, дека  ќе имаме повеќе почит кон околината и дека ќе се ослободиме од чувството дека сме во постојан натпревар, туку ќе бидеме во постојана соработка за општото добро. Местото на уметноста во нашите општества исто така треба да се преиспита. Во некои култури уметноста е дел од секојдневниот живот. Има луѓе кои често кажуваат дека уметноста им е исто толку важна како и храната. Мора да престанеме да ја третираме уметноста како забава, треба да ѝ дадеме достојна улога во животот, во благосостојбата на луѓето и во економскиот живот на земјата.

*Како ќе влијаат идните правила на живот, кои вклучуваат ново свето тројство (заштитни маски, физичка оддалеченост и миење раце) врз работата на Галеријата и презентацијата на ликовната уметност, која за среќа не е тактилна?

-Моментот со маските и правилата е нов за сите, а нас посебно нѐ засегнува. Како ќе се поставува една изложба ако е потребна одредена дистанца, како ќе процениме дека една изложба е успешна ако треба отворањата да ги ограничиме на одреден број луѓе? Свечените отворања се еден вид ритуал во концептот на целото претставување.

Всушност, мислам дека живата уметност во  оваа криза ќе нè натера да ги најдеме вистинските и реални патишта до консументот, кон кого таа е изворно насочена. Се надевам и дека, кога конечно ќе бидат отворени вратите за посета, повторно ќе имаме многубројни посетители, кои редовно ги следеа настаните од дома.

За сите овие размислувања сме во интензивна обработка на посебен протокол за движење и организирање на настани во просториите на Галеријата.

*Дали времето на физичка оддалеченост нè прави посоцијално ориентирани и поематични за другите?

-Ќе биде интересно да се види како деновите на корона-вирусот ќе ги паметат уметниците и авторите. Присуството на социјалните медиуми и релативно пошироката достапност на некои медиуми, вклучувајќи камери и видео, обезбедува вистинска ризница на визуелни производи за идните генерации. Повеќето од овие материјали содржат слики од празни центри и плоштади на нашите градови, апокалиптични сцени на напуштени улици, долги редици на луѓе со маски и „социјално растојание“ едни од други пред самопослуга, слики од болници преплавени со беспомошни луѓе и застрашувачки слики на тела во вреќи, на носилки и во ковчези. Тие се толку видливи во медиумите што е речиси невозможно да не се навлезе во нив. Приказните за оние кои изгубиле некој близок без да можат да се збогуваат кружат во вестите секоја вечер. Сепак, ќе биде поинтересно да се види како уметниците и авторите ќе ги прикажуваат овие денови во иднина. Дали ќе претпочитаме доживеаното да го чуваме приватно, или ќе имаме големо уметничко дело што ја опишува универзалната болка, страдање, страв и смрт што ги донесе пандемијата? Во овие процеси го гледам и моето лично ангажирање...

*Постои ли дело од историјата на уметноста, кое најсоодветно го отсликува, според вас, периодот кој сега го живееме?

-Неодамнешната серија на живописни слики на Дејвид Хокни, направени за време на  изолација, ја покажува појавата на пролетта со својата вечна порака на надеж. Во неодамнешното интервју, тој нè потсетува:

„Потребна ни е уметност, која може да го намали стресот... Но што е стресот? Надежта е за иднината, но уметноста се случува сега!“ 

Сите ние во она што го создаваме можеби имаме свои „метафори“ и слики за да го разбереме што подобро ова време: уметност или репортажа, или наше сопствено сведочење, визуелно издржани, свртувајќи нѐ кон нас самите. Сè уште немаме слика за сè што тргна наопаку. Се чини важно дека најмоќните слики од ова време досега ни покажаа како изгледа нашиот свет без нас во него: мостот  Бруклин во Њујорк, плоштадот Конкорд во Париз, плоштадот Свети Петар во Рим. Улиците на Вухан, град со милиони жители, се испразнија.

Во историјата на уметноста познати се делата настанати по катастрофалниот шпански грип од 1918 година, кој по бројот на жртвите и последиците потсетува на денешниот корона-вирус кој го опфати целиот свет. Секогаш кога човештвото ќе се соочи со голема катастрофа, се трага по слика која на најуверлив начин го претставува трагизмот во меморијата на човештвото. Една од таквите слики е платното „Крик“  на големиот скандинавски сликар Едвард Мунк, која стана универзална икона за меланхолија и очај. „Крик“ денес се користи за симболизирање на глобални кризи како Првата светска војна, Студената војна, Брегзит и сегашната пандемија со ковид-19...

Јасна Франговска