Дивна Пешиќ Грозданов и сопругот се заколнаа на вечна љубов пред Бога во присуство на двата сина
По една деценија од граѓанскиот брак кои го склопија во Вудланд Парк во Њу Џерси, САД, Дивна Пешиќ Грозданов и нејзиниот сопруг, ја остварија најголемата желба - се заколнаа на вечна љубов пред Бога во црквата св.Петка во Кавадарци. Потоа одржаа семејна интимна прослава со најблиското семејство и пријателите во винаријата Тиквеш.
-Беше прекрасно. Самиот чин на венчавката во црквата беше магичен и од Господ благословен. Децата беа пресреќни и возбудени. Беше многу весело и на забавата- ни откри Дивна.
Нејзината венчаницата ја направи нашата реномирана дијајнерка Антонија Ристовска, а креацијата е инспирирана од Салвадор Дали, и се вика Летиција (шпанската кралица). Во брак е со Блаже Грозданов со кој имаат два сина, Стефан и Виктор. Родум е од Кавадарци, а со семејството повеќе од 10 години живеат во Вудланд Парк, Њу Џерси.
Дивна Пешиќ-Грозданов е најдобар стрелец на сите времиња со малокалибарска и воздушна пушка во Македонија со 37 државни рекорди во женска и машка конкуренција. Беше балкански шампион и двапати учествуваше на Олимписките игри, Сиднеј, Австралија (2000) и Атина, Грција (2004) и има постигнато врвни резултати на европските и светските натпреварувања.
Со сликарство, техника масло на платно, започнала да се занимава на 13-годишна возраст и има реализирано повеќе изложби во земјава и во странствоИ на тоа поле ниже успеси. Неодамна освои светски признаени награди во оваа област. Најновата интернационална награда е прво место во светот на World Art Awards 2024, со делото „Еволуција”, масло на платно, 40х30 инчи, во категорија апстрактен експресионизам. Покрај оваа освои уште три други награди на истиот светски натпревар во конкуренција на илјадници уметници од 61 држава од светот. Многу се гордее што 20 најдобри светски галерии го наградија нејзиниот труд со прво место во светот. Ја споредија со ненадминливиот Салвадор Дали.
С.А.Н
Фото: Приватна архива