ДИЗАЈНЕРОТ АЛЕК ПАЛАДА ВЕЧЕРВА НА МОДЕН ВИКЕНД: Сон ми е да станам дел од светската мода
Вечерва, на втората вечер од Моден викенд Скопје кој се одржува во Универзитетската библиотека Свети Климент Охридски, својата нова колекција „El Suеñо, “ ќе ја претстави дизајнерот Алек Палада од Прилеп. Тој вели дека и во помалите градови има простор за квалитетни салони за убавина и за мода, а негов сон е и светот да слушне за неговата работа.
„Колекцијата која ја работевме заедно со мојата мајка, Снежана Палада е составена од 15 креации уникатни и рачно изработени од кои 12 се свечени фустани а 3 се венчаници. „El Suеñо“, што од шпански се преведува како „Сонот“, е произлезено од темата на самата колекција. Викторија Еугенија, шпанската кралица во дваесетите години на минатиот век инспирирани од тогашната мода која таа самата ја претставила во јавноста преку нејзините кралски фустани, со премногу детали а сепак едноставни и безвременски. А за сонот, веќе почнува да се остварува“, вели дизајнерот за својата нова колекција.
Освен што е моден дизајнер, во својот роден град Прилеп, Алек Палада е познат стилист и сопственик на салон за убавина.
„Прилеп како град е убаво место за живеење и едноставно, со оглед на тоа дека нашиот салон за убавина има клиенти од скоро сите градови во Македонија немаме проблем со развојот на нашата кариера“, вели тој и додава дека и помалите градови заслужуваат професионален тим за убавина.
Дизајнерот и стилист ни раскажа и дека тој и неговиот тим од „Палада“, имаат доста успешни проекти со македонски и со наши и со балкански ѕвезди.
„Од нашите ќе ја посочам народната естрада, бидејќи тие се во поголем број. Меѓу нив се: Анета Молика, Сузана Гавазова, Сања Ристеска, Татјана Лазаревска и ред други. Од балканската естрада соработувавме со Емина Јаховиќ, Неда Украден, Лепа Брена, Јелена Розга, а за оние со коишто сакам да соработувам, веќе сум на добар пат и преговори за соработка. Така што, наскоро ќе имаме и со што да се пофалиме на светско ниво“, ни изјави Алек Палада. За крај, тој ни раскажа кои се негови идни планови и желби.
„Идни планови ни се да бидеме една тула во ѕидот на светската мода“, заврши дизајнерот.
Милица Џаровска